Режисерот Бранко Брезовец го постави „Хамлет“ во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Сцена од претставата „Хамлет“ во театарот „Војдан Чернодрински“

Најнова претстава на сцената на Театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е „Хамлет“, поставена во режија и адаптација на познатиот хрватски театарски режисер Бранко Брезовец.

Трагедијата „Хамлет“ од Вилијам Шекспир во адаптацијата на Бранко Брезовец е надградена со текстови од драмите „Во малиот дворец“ на Станислав Игнациј Виткиевич и „Чест“ на Васил Иљоски. Премиерната изведба се одржа на 20 октомври во театарот „Војдан Чернодрински“.

Режисерот Бранко Брезовец (1955, Загреб) досега остварил околу седумдесет режии на сите простори на екс-Југославија и во странство (Велика Британија, Германија, Италија, Франција,…). Неговиот иновативен драматуршки пристап е проширен преку поврзување на различни текстови, култури, контексти, јазици, режисерски и актерски стилови во една претстава.

Во Македонија, Брезовец има режирано дваесетина претстави во театрите во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп. Во Прилепскиот театар во 2010 година ја постави битовата драма „Антица“, во 2019 ја постави претставата „Глембаеви“, а „Хамлет“ е негова трета режија во театарот „Војдан Чернодрински“.

– Многу генерации наоѓаат сопствена рефлексија во феноменот наречен Хамлет: тој варира од бунтовник, идеолог на честа и духовната постојаност, до неодлучен интелектуалец распнат меѓу емпириската проверка и апстрактната рационалност; тој не може да се запре на острата граница меѓу доброто и злото. Тој е саможив филозоф за кого дури и постоењето на светот и на она што го надминува е под прашање. Лишен е од илузии, саркастичен и груб, но не може да ги задуши спротивностите во својот карактер кои се во постојано натпреварување. И разумот и недостатокот на практичното искуство го тераат ниту на духот, ниту на сите духови на светот да не може целосно да им верува. Веројатно тоа е и една од причините што Хамлет е заглавен во насилството на бездејствието.

Сцена од претставата „Хамлет“ во театарот „Војдан Чернодрински“

Во ова читање на Хамлет, нагласен е конфликтот во и меѓу ликовите, стремежот за моќ и желбата за одмазда. И овој Хамлет е заплеткан во измами, манипулации и лудило. Меѓутоа, мотивите од „Чест“ од В. Иљоски и „Во малиот дворец“ од С. Виткиевич внесуваат уште позасилена атмосфера на сновидение и сосема неочекуван развој на комплексни односи и настани. Ликовите застрануваат од својата оригинална зададеност: ниту во својата психологија, ниту, пак, во своите постапки не се сосем идентични со оние од Шекспир.

На тој начин, оваа претстава ни предочува нескротливи аспекти и можности за толкувања поинакви од очекуваните, односно од стандардно прифатените. Кратки и моќни асоцијации во вид на фрагменти на несвесното се вткаени во целината преку алтернативните ликови и ситуации, некои од нив аналогни на Шекспировите, но транспонирани од сосема различни контексти – напиша Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, соработник за драматуршки прашања во претставата.

Во претставата во Прилеп играат Зоран Иваноски (како Хамлет / Роднината / Стефан), Димитар Ѓорѓиевски (Лаерт), Андон Јованоски (Клаудиј / Призракот / Тобожиќ), Даниела Иваноска (Гертруда / Сеништето / Ванѓа), Марија Спиркоска Илијеска (Oфелија / Aнета / Mилка), Игор Трпчески (Полониј / Никола), Илија Волчески (Хорациј / Коздроњ), Александар Тодески (Розенкранц), Михајло Миленкоски (Гилденстерн), Виолета Чакарова (Првиот гробар), Наташа Ачански (Вториот гробар) и Ана Митоска (Фортинбрас).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 202, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот