Лаборант /Илустрација Фото: Freepik

Револуционерно истражување — маж произвел сперматозоиди од ткиво на тестиси замрзнато пред шеснаесет години

Во рамките на револуционерно испитување за плодноста, маж чие ткиво од тестисите било замрзнато пред да биде подложен на хемотерапија како дете, успеал да произведе сперма откако истото ткиво му било повторно трансплантирано 16 години подоцна. Ова е првпат во светот трансплантација на криоконзервирано препубертетско ткиво од тестис успешно да ја врати продукцијата на сперма кај возрасен пациент, пишува „Гардијан“.

Денес 27-годишниот пациент го замрзнал примерокот кога имал само 10 години, пред да прими агресивна хемотерапија како дел од лекувањето на анемија.

Третманите како хемотерапија и радиотерапија спасуваат животи на деца заболени од рак или тешки крвни болести, но често ги оставаат неплодни. Додека возрасните мажи можат да зачуваат сперма пред почетокот на лекувањето, тоа досега не беше опција за момчињата пред пубертет. Професорката Елен Госенс од Слободниот универзитет во Брисел, која го предводеше ова испитување, истакна дека ова е огромен успех што ќе им даде надеж на многу повеќе луѓе дека можат да добијат биолошки деца.

Лаборант /Илустрација Фото: Freepik

Белгиската клиника уште во 2002 година стана првата во светот што започна со складирање на ткиво од тестиси на пациенти пред пубертет.

Процесот на овој револуционерен зафат започнал во 2008 година, кога на пациентот хируршки му бил отстранет еден тестис, кој потоа бил исечен на ситни делови и замрзнат пред тој да прими високи дози на хемотерапија. Бидејќи овие фрагменти од ткивото не се директно поврзани со семеводот, истражувачите не очекуваат сперматозоидите по природен пат да стигнат во семената течност, туку тие мора да се издвојат за потребите на вонтелесно оплодување (ВТО). Изолираната семена течност изгледала целосно нормално, а сега останува да се види дали е способна да оплоди јајце-клетка.

Професорот Род Мичел, педијатриски ендокринолог од Универзитетот во Единбург, нагласува дека ова е доказ оти овој научен пристап функционира кај луѓето, што го оцени како чудесно. Повеќе од 3.000 пациенти широм светот веќе имаат складирано ткиво од тестиси во банките. Белгискиот пациент кој помина низ овој извонреден процес сега размислува дали да оди на уште една рунда трансплантација на преостанатото ткиво за да собере повеќе семена течност или во блиска иднина да го започне самиот процес на вонтелесно оплодување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот