Сенат на Соединетите Американски Држави, фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Републиканците во американскиот Сенат повторно го блокираа законот за прекинување на војната во Иран

Републиканците во американскиот Сенат денеска го блокираа најновиот обид, предводен од демократите, за запирање на војната со Иран сè додека таа не биде одобрена од Конгресот, но мерката се приближи чекор поблиску за да биде усвоена, откако и трет републиканец гласаше за придвижување на предлогот, пренесува Ројтерс.

Сенатот сега беше скоро изедначен, односно, гласаше 50 наспроти 49 против продолжување на резолуцијата за воени овластувања, речиси целосно по партиски линии. Тројца републиканци им се придружија на сите демократи освен еден, поддржувајќи ја мерката предложена од Џеф Меркли од Орегон.

Ова беше седми пат годинава републиканците во Сенатот, сојузници на претседателот Доналд Трамп, да блокираат слични резолуции.

Републиканците Ремонд Пол од Кентаки, Сузан Колинс од Мејн и Лиса Мурковски од Алјаска гласаа за продолжување на постапката, додека демократот Џон Фетерман од Пенсилванија им се придружи на републиканците за да ја блокира мерката.

Конфликтот го достигна рокот од 60 денови

Ова беше прво гласање во Сенатот откако конфликтот го достигна рокот од 60 дена на 1 мај, до кога Трамп требаше да се обрати до Конгресот во врска со војната. Трамп тогаш изјави дека прекинот на огнот ги „завршил“ непријателствата против Иран.

Според американскиот закон за воени овластувања од 1973 година, донесен како одговор на Виетнамската војна, американски претседател може да води воена акција само 60 дена пред да ја прекине, да побара одобрение од Конгресот или да побара продолжување од 30 дена поради „неизбежна воена неопходност поврзана со безбедноста на вооружените сили на Соединетите Американски Држави“ додека ги повлекува силите.

Демократите го оспорија тврдењето на Трамп дека рокот не важи поради прекинот на огнот, наведувајќи дека конфликтот сè уште трае.

„Нема прекин на воените непријателства“, им изјави Меркли на новинарите пред гласањето.

Тој во овој контекст ја посочил американската блокада на иранските пристаништа и нападите врз ирански бродови, како и иранската блокада на Ормускиот Теснец и нападите врз американски бродови и танкери.

„Двете страни сè уште се вклучени во непријателства и затоа не прифаќам дека 60-дневниот рок е суспендиран“, рече тој.

Меркли и други демократи во Сенатот изјавија дека планираат следната недела повторно да поднесат уште една резолуција за воени овластувања, и тоа секоја недела сè додека војната не заврши, или Трамп не побара од законодавците одобрение.

И демократите со своја резолуција

Демократите во Претставничкиот дом, исто така, поднесоа резолуции за воени овластувања, кои исто така беа блокирани од републиканците.

Демократите го повикаа Трамп да дојде во Конгресот за да побара одобрение за употреба на воена сила, посочувајќи дека американскиот Устав предвидува дека Конгресот, а не претседателот, може да објави војна. Тие предупредија дека Трамп можеби ја вовлекол земјата во долг конфликт без да претстави јасна стратегија.

Републиканците – како и Белата куќа – велат дека постапките на Трамп се законски и во рамките на неговите права како врховен командант за заштита на САД преку наредување ограничени воени операции.

Некои републиканци во Конгресот ги обвинија демократите дека ги поднесуваат резолуциите за воени овластувања само поради нивното партиско противење кон Трамп.

Инаку, регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел на 28 февруари извршија напади врз Иран, што предизвика одмазднички напади од Техеран врз Израел, како и врз американските сојузници во Заливот, заедно со затворањето на Ормускиот Теснец.

Примирје стапи во сила на 8 април со посредство на Пакистан, но разговорите во Исламабад не доведоа до траен договор.

Примирјето подоцна беше продолжено од Трамп без утврден краен рок, со што ѝ се отвори простор на дипломатијата за трајно решение на војната.

„Примирјето е на апарати“: Ќе ги натерам „нечесниците“ од Техеран да попуштат, вели Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот