Реконструкцијата на студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола нема да ја наруши автентичноста на објектот

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Со проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија целосно ќе биде реконструиран и државниот студентски дом „Кочо Рацин“ во Битола.

Бидејќи студентскиот дом во Битола претставува културно историски споменик при реализацијата на градежните зафати ќе се внимава да се зачува автентичноста на објектот што претставува културно наследство на Битола.

-Со реконструкцијата ќе се реши еден децениски горлив проблем и ќе се подобрат сместувачките капацитети за студентите. Проектот за енергетска ефикасност на студентските домови и моментно е во фаза на потпишување на договори за отпочнување на реновирањето на студентските домови. Очекуваме за скоро и ние како студентски дом да го потпишеме таквиот договор. Инаку, ова претставува капитален проект бидејќи преку 40 години немаше некоја поголема инвестиција во студентските домови. Реконструкцијата е важна бидејќи студентите се иднината на државата-вели директорката на Државниот студентски дом „Кочо Рацин“ во Битола, Соња Карапец.

Таа додава дека за проектот неопходно било комплетирање на обемна документација и речиси две години како раководство темелно работеле на нејзино прибирање, бидејќи елаборатите биле од пред 40 години.

-Како студентски дом ги обезбедивме сите потребни документи што ги поседуваме, со катастарот вадевме нови имотни листови, елаборати, премери, бидејќи елаборатите беа стари од пред 40 години. Во проектот за енергетска ефикасност реконструкцијата ќе опфаќа фасаден дел, дрвенарија, кровна конструкција, изолација, водовод, мебел, или комплетно реновирање на студентскиот дом-додава директорката Карапец.

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола претставува културно историски споменик и е културно наследство на Битола, па затоа според директорката Карапец и инвестицијата за него ќе биде поголема.

-Нема да станува збор само за реновиран студентски дом, туку и реновиран културен објект за градот Битола. Оваа година ќе отпочне реализацијата на проектот, со тендерските постапки, но, тоа ќе биде целосна обврска на Министерството за образование и наука. При реализацијата на проектот ќе врши надзор и Министерството за култура за да се зачува автентичноста на објектот и стручни лица од Битолскиот Завод и музеј-додава таа.

Реновирањето на објектот ќе биде по блокови, а студентскиот дом непречено ќе функционира.

-Со топлификацијата е опфатен и студентскиот дом а топловодот е стигнат до улицата „Студентска“, завршен е приклучокот и тука целата инвестиција е од Владата. Моите информации се дека според темпото на реализација, за две години ќе имаме можност да го користиме затоплувањето од топловодот во Битола-вели директорката на Државниот студентски дом „Кочо Рацин“ во Битола Соња Карапец.

За потсетување, со проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија се предвидува целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Охрид.

Проектот ќе се реализира со средства од Германската развојна банка од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Согласно утврдената динамика, реконструкцијата на студентските домови ќе се одвива во три фази.

Предвидена е промена на водоводната инсталација во домовите и отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни ЛЕД светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, како и опремување на соби за студенти со посебни потреби.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот