Регулирање на виртуелниот простор како решение за хибрините закани

Експертската јавноста, кога е во прашање Македонија но и земјите од Балканот и случувањата со лажните дојави на бомби во училиштата но и хакирањата на системите на државните институции ги поврзуваат со официјална Москва, за која велат дека таа не бира средства за да биде присутна на овие простори. Според нив неопходно е брзо градење на дигитален суверенитет кој ќе ја гарантира безбедноста и стабилноста на интернет-просторот.

Хибридните закани ќе бидат се поприсутни во новото време, а трети сили ќе се обидуваат токму на овој начин, преку лажни вести и дезинформации, да влијаат во внатрешните случувања на државите. Вака накратко многумуна во експертската јавноста, кога е во прашање Македонија и случувањата поврзани со лажни дојави на бомби во училиштата но и хакирањата на системите на државните институции ги поврзуваат со официјална Москва, за која велат дека таа не бира средства за да биде присутна на овие простори.

Имено, овој став на домашните познавачи на состојбите доаѓа откако македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера по низата лажни дојави на бомби во земјава, соопшти дека заканите за поставени експлозивни направи доаѓаат од електронски пошти испратени од адреси во Иран и Русија, а уплатите на Ви-Пи-Ен услугите се со криптовалути што го отежнува пронаоѓањето на сторителите.

Државните институции најчеста мета на хакерите

Милан Стефановски воено-безбедносен експерт објаснува дека хакерските напади на институциите но и лажните пријави за бомби во објектите низ земјава се тешки за докажување а тие најмногу се присутни во земјите во развој токму преку дезинформациите и полувистините од разни центри на моќ со цел да придонесат кон ерозија на довербата на граѓаните во институциите.

Милан Стефановски – Политиколог / ”Слободен печат” – Драган Митрески

– Колку и да звучат опасно овие безбедносни ризици, граѓаните мора да разберат дека не треба да стравуваат од овие случувања и треба да бидат уверени дека институциите на нашата земја на големо се зафатени со заштита на овој простор од живеењето – истакнува Стефановски.

Според него, сајбер-заканите се дел од хибридните безбедносни дејствувања, кои не ги засегаат само граѓаните и економијата туку тие можат да го нарушат и политичкиот дискурс на секоја демократска земја во развој, ширејќи лажни вести и мешајќи се дури некаде и внатрешно политичките процеси.

– Со процесот на влез во НАТО, во кој сме обврзани да дејствуваме организирано преку институции, но и да соработуваме тесно со државите сојузнички, Македонија го прави најкрупниот чекор кон трајно сузбивање на оваа закана – вели Стефановски. Тој објаснува дека и граѓаните и политичарите се свесни за тежината на оваа закана и токму поради тоа, бидејќи нѐ засега сите еднакво, во скоро време ќе се најде организиран одговор со кој ќе се намалат сајбер-заканите во државата.

Во исто време политички аналитичар и истражувач во Италијанскиот институт за меѓународни политички студии, познавач на состојбите на Балканот, коментирајќи ја состојбата во земјава и споредувајќи ја со онаа во Србија со почетокот од руската инвазија во Украина, кога имаше закани со бомби во авио летовите кон дестинациите во Русија, објаснува дека граѓаните треба да бидат смирени и да им веруваат на безбедносните институции.

Џорџо Фрусионе – Италијански институт за меѓународни политички студии

– На самиот почеток на војната во Украина, во Србија имаше различни информации за бомби, главно тие беа насочени на летовите за Русија, и сите беа лажни, што тогаш веднаш се покажа дека е случај сличен и на овие кои ги имаме деновиве.  Во таа конотација, не би рекол дека граѓаните се во реална опасност, туку дека им се наметнува дека тоа е така – посочува Фрусионе.

Македонија ги менува протоколите за справување со сајбер заканите поради Русија и Иран

Како одговор на овие закани поради кои се блокира општественото функционирање,  Македонија стави во сила нови упатства, мерки и планови за справување со сајбер заканите, според кои по проценка на ризик ќе се преземаат мерки. Како што соопштија институциите, ќе се преземаат истражни дејствија за секоја дојава што пристигнува, а веќе има сознанија дека дел од нив потекнуваат од земјава, но и од ВПН адреси кои се поврзуваат во Русија и Иран. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, состојбата е целосно под контрола, а полицијата ќе биде во секое од училиштата, во сите институции.

Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Тој посочи дека е направен оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараат соодветни решенија за да се најде поинаков пристап кон електронските закани, исто така, нагласувајќи дека е донесено ново упатство за постапување и од петокот училиштата функционираат според тоа упатство. Истражните постапки, посочи тој, веќе имаат одредени сознанија за тоа од каде доаѓаат лажните закани.

Дигитален суверенитет како решение за хибридните закани?

Во исто време претставникот на ИТ-индустријата во Македонија, Мартин Јовановски, пак, додава дека државите во целост веќе со години и пред пандемијата се подготвуваа да ги гарантираат безбедноста и стабилноста на интернет-просторот. Тој објаснува дека сосема е логично да се очекува во периодот што следува меѓудржавните релации да се одвиваат на интернет, да се потпишуваат договори за гарантирање на безбедноста, но и да се зголемат несаканите т.н. хакерски дејствувања. Според него, тоа е така бидејќи сега повеќе од кога било во минатото моментот е погоден за дополнителен пробив на дигиталната сфера и во политиката и во бизнисот и во културата.

–  Знаејќи ги сите ризици што постојат во дигиталниот простор и на интернет, сега меѓу земјите е актуелен трендот за прогласување т.н дигитален суверенитет. Односно воведување дополнителен сет на закони за регулирање одредени процеси и дејствувања, кои не постоеле досега на интернет просторот и забрзаното дигитално функционирање на општествата – заклучува Јовановски.

Неопходен е колективен систем за заштита

Од друга страна Македонија, како НАТО членка има обврска да ги подготви институтциите и да ја зголеми отпорноста на хибридните закани, па за таа цел беше и донесена Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани. Соработката со НАТО во секторот безбедност е еден од клучните чекори кои се преземаат по однос на оваа проблематика, а од голема помош е и фактот што Алијансата има најсовремен безбедносен систем во светот, па Македонија со нејзиното членство во истата, има директен бенефит.

Сепак земјава, се разбира, во исто време не е единствената држава која е засегната од оваа проблематика. Хибридните закани се опасност не само за кревки демократии како оние од Балканот, туку и за најмоќните земји во светот, како на пример САД, каде за време на изборите во 2016 имаше голем број обвинувања за лажни вести, дезинформации и хакерски напади во корист на тогаш кандидатот за Претседател на САД, а потоа и Претседател -Донад Трамп. Ова е јасен показател дека оваа борба не е само борба на една држава против вакви феномени, туку дека проблемот е глобален и потребно е заедничко дејствување. Како можна најбрза превенција на едно општество од овие модерни закани според пишувањата на повеќето странските медиуми и аналитичари е активно вклучување на медиумите во целиот процес на демистификација на информациите кои доаѓаат од Истокот. Повеќе јавни кампањи на оваа тематика, каде освен новинарите, ќе бидат вклучени и претставници од Владата, опозицијата, граѓанскиот сектор, образовните институции и други релевантни чинители со цел отворање дебата, и поттикнување на граѓаните да прават проверка на информациите кои им се сервираат.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот