Речиси цела автобуска флота во Македонија е зависна од дизел, само 15 автобуси се електрични
Минатата година во земјава биле регистрирани вкупно 3.690 автобуси, што изнесува околу 2 автобуси на 1.000 жители и е над просекот на Европската Унија, која изнесува 1,6 автобуси на 1.000 жители
Иако Македонија според последниот извештај на Евростат се вбројува меѓу земјите со натпросечен број автобуси по глава на жител во однос на Европа, речиси целата автобуска „флота“ во нашата држава која брои 3.690 автобуси, вози на дизел, додека пак само 15 автобуси се на електричен погон, што е помалку од половина процент од вкупниот број возила.
Препорачано
Минатата година во земјава биле регистрирани вкупно 3.690 автобуси, што изнесува околу 2 автобуси на 1.000 жители и е над просекот на Европската Унија, која изнесува 1,6 автобуси на 1.000 жители. Со ова, Македонија има слична или повисок број на автобуси од повеќе земји во регионот, а пред нас е само Албанија, каде што, според Евростат, се евидентирани 3,8 автобуси на 1.000 жители.
Сепак, иако бројот на автобуси во Македонија е над просекот, извештајот евидентира големи забелешки во однос на „староста“ и дотрајноста на македонскиот возен парк, кој го декларира како нееколошки бидејќи од вкупните 3.690 автобуси, 3.609, или речиси 98 отсто се со дизел мотори, додека пак 63 возила се на бензин-гас, а само 15, или 0,4 проценти од вкупниот број се електрични.
Податоците покажуваат и дека обновувањето на автобускиот возен парк кај нас е нешто повисоко од европскиот просек. Во 2024 година биле првпат регистрирани 379 нови автобуси, што претставува обновување од 10,2 отсто што е речиси двојно повеќе од просекот на ЕУ од 5,1 проценти. Во овој поглед, највисока стапка на обновување има Луксембург- 11,6 отсто, додека најниска е во Бугарија и изнесува 0,7 проценти.
Иако Македонија во однос на обновување на автобусите има задоволителен процент споредбено со останатите држави, загрижувачка е големата зависност од дизел што ја има речиси 98 отсто од автобуската флота.
За споредба, ЕУ во 2024 година има регистрирано 6.746 нови автобуси со нулта јаглеродни емисии, што е 17 отсто од вкупниот број на регистрирани автобуси во Унијата.
Стапката на автомобили по број на жители во Македонија, пак, заостанува зад Европа. Според Евростат, земјава има 319 автомобили на 1.000 жители, што е далеку значително помалку од Унијата, каде се евидентирани 578 автомобили на 1.000 жители.


