Рецензија на „House of Gucci“: Триумф на Леди Гучи

House of Gucci/Twitter
House of Gucci/Twitter

„House of Gucci“, режија: Ридли Скот, според книгата на Сара Геј Форден, улоги: Леди Гага, Адам Драјвер, Ал Пачино, Џереми Ајронс, Џеред Лето, Селма Хајек, кинематографер: Дариуш Волски, музика: Хари Грегсон Вилијамс

За почеток, респект за Ридли Скот кој и покрај својата возраст (83), среде пандемија успева да сними два логистички „захтевни“ филма (голем актерски ансамбл, сценографија, костимографија…) во иста година, „The Last Duel“ и „House of Gucci“. Режисер чијашто филмографија му обезбедува висока позиција во светскиот филм со насловите: „Blade Runner“, „Thelma & Louise“, „Gladiator “, „Hannibal“, „Alien“, „The Martian…

Веднаш да кажеме, „House of Gucci“ не е совршен филм, има примеси на наивност и стереотипизирање во прикажувањето на италијанскиот сензибилитет и неретко пренагласен обид за „италијанизација“ во говорот на актерите. Но, со помош на извонредната изведба на Лејди Гага, Ридли Скот ни дарува многу забавна парабола за парите и за тоа, што не може да се купи.

House of Gucci/Twitter
House of Gucci/Twitter

Скромната девојка од средната класа, Патриција Реџиани (Гага) се мажи за член на богатото семејство Гучи (Драјвер), постепено откривајќи ја нивната финансиска моќ и со својата нескротлива амбиција предизвикува турбулентна спирала од декаденција, гламур, и екстраваганција која ја следи империјата Гучи од нејзиниот подем до нејзиниот пад, кога со предавство, одмазда и убиство завршува оваа сага за pret-a-porter светот.

Филмот е своевидна мафијашка драма лоцирана во светот на модата во манирот на античката трагика, сплетки и нож во грб… давајќи им ја на гледачите илузијата за живот на висока нога, до моментот кога таа нога ќе се скрши. „House of Gucci“ го користи тој суштински конфликт во стилот на операта, за да ја прикаже тензијата помеѓу богатството и вредноста. А всушност се работи за еден свет во кој себичноста и алчноста се роднини, свет кој ширум ги отвора вратите за триумфирање на просечноста, свет каде здодевноста од гламурот, глупоста и бесмислата се единствениот амбиент во кој „модистите“ можат да опстојат.

Се чини дека Скот извлекол максимум од ова скромно според драматуршкиот капацитет сценарио, па филмот на моменти ги надминува рамките на наративот. Заедно со актерскиот тим Скот буквално жонглира, за да дојде до „некаква“ завршница со која ја испраќа пораката – богатството е примамливо, но отровно.

Adam Driver и Lady Gaga/Twitter
Adam Driver и Lady Gaga/Twitter

Дамата Гага е црниот дијамант на филмот

По комерцијалниот успех на „A Star is Born“ во кој се закити со оскар за најдобра песна, еве ја во филмот на Ридли Скот, во кој ги засенува и далеку по искусните филмски имиња. Вистината е дека со „House of Gucci“ е родена нова актерска ѕвезда, Гага. Всушност нејзината моќ е сосем неспорна, таа владее со династијата Гучи.

Lady Gaga како Патриција Гучи во „House of Gucci“/Twitter
Lady Gaga како Патриција Гучи во „House of Gucci“/Twitter

Неверојатни трансформации на нејзиниот лик, од палавост, елегантна итроштина, интелегенција и амбиција, до еротскиот момент, сите елементи на врвна актерска игра во еден филм. И Драјвер и Ал Пачино и Џереми Ајронс, сите тие се со зрело одиграни ликови, но Леди Гага е супериорна, нешто онака, пејоративно, како Џоан Колинс во „Dynasty “.

„Dynasty Gucci“ како што некои дистрибутери го насловуват филмот, е чуден меланж од премногу до недоволно. (Тоа „недоволно“ би се однесувало на сценариото и ликовите на Џеред Лето и Селма Хајек)

Оценка 4

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот