Рецензија: „Hellbound“ е брутален приказ на човековата верба и лицемерие

Hellbound/Twitter
Hellbound/Twitter

Со сета своја фантастичност, „Hellbound“ е сепак длабоко реалистична приказна за човечка реакција на непознатото и начинот на кој институциите се справуваат со криминалот.

Уште една јужнокорејска серија го освојува првото место на Нетфликс по гледаност, укажуваат статистиките на „FixPatrol“. Во краток период откако анимираната „League of Legends“ серија „Arcane“ ја турна „Squid Game“ од врвот, „Hellbound“ стана најгледана на стриминг платформата во повеќе од 80 земји, во рок од само 24 часа по нејзината премиера.

Mрачната фантастична трилер серија „Hellbound“ е во режија на Јон Санг-Хо („Train to Busan“), додека пак сценариото на Чои Кју-Сок е базирано на истоимениот вебтун (онлајн корејски стрип). Музиката е на Ким Донг-Вук, а главните улоги ги толкуваат Ју Ах-Ин (кој на пошироката публика ѝ е познат по одличниот перформанс во филмот „Burning“), Ким Хјун-Џу, Парк Џеонг-Мин и Вон Џин-Ах.

Hellbound/Twitter
Hellbound/Twitter

Што би направиле доколку би дознале кога и каква ќе биде вашата смрт?

Уште од почетокот на првата епизода станува јасно дека „Hellbound“ ќе биде крвав и мрачен „повик за будење“. Дејствието во текот на шесте епизоди се случува во блиска иднина во градот Сеул, кога натприродна сила одеднаш се материјализира во демонско трио кое ги казнува луѓето за нивните гревови пред да ги одведе во пеколот.

„Грешниците“ во „Hellbound“ добиваат „декрет“ (порака) од пророк кој го предвидува точното време на нивната смрт. Нивниот суден ден е неизбежен, а ним им останува само да ја чекаат казната на трите демони – брутална, крвава и болна, јасна како ден и видлива за секој.

Hellbound/Twitter
Hellbound/Twitter

Сепак, колку внимание и да привлекуваат овие суштества, фокусот не е ставен толку на нив, колку на нивниот ефект врз понатамошното човечко однесување. Предизвикувајќи светот да падне во состојба на паника за својот живот и осуда за туѓиот, „Hellbound“ успева да го долови чувството на колективна беспомошност на многу специфичен начин.

Новите случувања водат кон раѓање на нова религија, формирање на нови религиозни култови со слаткоречив лидер Џонг Џин-Су (совршено оживеан од Ју Ах-Ин) кој има моќ и контрола врз секој што го прифаќа неговиот збор. Се формираат нови одмаздољубиви групи кои ги го злоупотребуваат сознанието за вишата сила како „оправдување“ да казнуваат „грешници“, а полицијата останува немоќна пред нив, набргу приклучувајќи ѝ се на ранливата категорија.

Hellbound/Twitter
Hellbound/Twitter
Hellbound/Twitter
Hellbound/Twitter

Религиозните фанатици ги користат јавните „демонстрации“ (казнувања) како алатка за регрутирање преку снимање на истите и преноси во живо, надевајќи се на голема гледаност и реакции на социјалните мрежи, додека детективите гледаат на „грешниците“ како само на уште една загатка за решавање.

Како одговор на тоа, почнуваат да никнуваат институции кои ги „ловат грешниците“ и ја заштитуваат нивната чест, обезбедувајќи им можност за „приватно“ заминување во пеколот, но и таа услуга има цена. За тоа време, со цел емотивно да се самозаштитат, како некаков вид на Стокхолм синдром, луѓето отстрана започнуваат да се самозалажуваат дека туѓите страдања се заслужени, до степен што уживаат во нив.

Со сета своја фантастичност, „Hellbound“ е сепак длабоко реалистична приказна за човечка реакција на непознатото и начинот на кој институциите се справуваат со криминалот.

Серијата не нуди утеха и ниту за момент не се двоуми да постави непријатни прашања за човештвото, правдата, моралот, лицемерието и религијата, туку безмилосно го предизвикува гледачот да размислува на овие теми, токму во едно застрашувачко време.

Крајот отвара простор за различна интерпретација и возбуда за веќе најавената втора сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот