Реакција на Хелсиншки комитет: Најстроги казни за бруталните полицајци

Видео снимката на полицска бруталност врз припадник на ромската заедница што денеска се прошири на социјалните мрежи и во медиумите покажува за непрофесионалниот однос, за полициската бруталност и за самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани продолжува да биде честа практика на полицијата, се вели од реакцијата на Хелсиншки Комитет за човекови права.

– Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува ваквото однесување на полициските службеници и за ова ќе поднесе претставка до специјализираното одделение за гонење на кривични дела, сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се покрене постапка пред суд, со цел утврдување на кривична одговорност. Дополнително, од Одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи, ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и покренување на кривична постапка, порачуваат од Хелсиншки.

Од таму изразуваат голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница.

– Инцидентот во Битола се случува по само три месеци од полициската бруталност врз бездомни лица-Роми кои живеат под Железничката станица во Скопје. Ромите во земјава секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во, речиси, сите општествени сфери, со континуирани тешкотии во остварување на правата во сите области, а сето тоа се отсликува и во односот на полицијата кон овие луѓе. Полицијата мора да ги санкционира бруталните припадници во нејзините редови и да се осигура дека граѓаните се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници. Ваквиот третман кон ранливите групи граѓани, кои долги години во изминатиот период беа жртви на полициско насилство, мачење и понижувачки третман, нема да ја врати довербата во полицијата. Напротив, ваквото однесување дополнително придонесува граѓаните да се чувствуваат загрозено и исплашено, истакнуваат од Хелсиншки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот