Реакција на ЕСМ: Ги демантираме пишувањата за наводен скандал во РЕК Битола

РЕК Битола
РЕК Битола/Фото: МИА

АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола остро ги демантираат пишувањата за наводен скандал во РЕК Битола поврзан со ископот на јаглен во комбинатот што денес го обзнанил лидерот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ на брифинг со новинари.

Станува збор за истите обвинувања што АД ЕСМ и РЕК Битола ги демантираа и во 2019 и во 2020 година.

Како што сме известиле во повеќе наврати во врска со овие неосновани и тенденциозни напади врз комбинатот и компанијата, договорот со фирмата Рубитон која ископуваше јаловина (земја) во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола на 7.11.2018 од причини што Рубитон не го вршеше ископот со динамика и количини предвидени во договорот, за што постојат записници и други релевантни документи од стручните служби на РЕК Битола.

Со цел да се обезбеди навремена откривка на јагленот за грејната сезона која беше во тек, пристапено е кон раскинување на договорот и повикани беа четири други економски оператори да достават итни понуди за продолжување на ископот. Повикани беа Гранит, Машинокоп, ГП Пелистер и СВ Инвест. На повикот се одзваа Гранит и СВ инвест, кои во целост ги исполнуваа законски предвидените критериуми за оваа јавна набавка. Спроведено беше непосредно наддавање меѓу пријавените оператори, при што најниска цена понуди СВ Инвест, односно постигната беше истата цена по која се вршеше ископот и дотогаш, од страна на фирмата на која и беше раскинат договорот поради неисполнување на обврските.

Заради раскинувањето на договорот за работа во РЕК Битола, фирмата Рубитон има поведено судски спор пред надлежен суд чиј епилог го очекуваме.

Во оваа прилика, сакаме да изразиме сомнеж дека зад континуираните напади на опозициската партија кон РЕК Битола, конкретно за случајот Рубитон, се кријат лукративни причини и на економскиот оператор и на политичката партија. Имено, сопствениците на фирмата Рубитон се во блиски роднински врски со поранешен директор на РЕК Битола од времето на владеење на ВМРО – ДПМНЕ. Само во периодот 2015 година – 2018 година оваа фирма од РЕК Битола наплатила над 370 000 000 денари за ископ на јаловина.

На крај, сите документи поврзани со случајот Рубитон се наоѓаат и кај судските инстанци и во РЕК Битола. Јавноста, па и лидерот на опозициската партија се добредојдени да ги разгледаат, стои во соопштението на АД ЕСМ.

Опозицијата обвинува за корупција во РЕК Битола

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот