РЕАКЦИИ: Неблагодарно и опасно е јавните пари да се делат по етничка основа

Артан Груби / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Голема е опасноста од клиентелистичкиот однос на компаниите што би вработувале по етничка припадност, за делење тендери и за корупција – изјави Џевдет Хајредини за „Слободен печат“.

Откако првиот вицепремиер Артан Груби ја соопшти идејата на ДУИ да се субвенционираат вработувања по етничка основа за нивна поголема правична застапеност во приватниот сектор, јавноста не престанува да ја проблематизира ваквата можност.

Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини ова е уште една можност, по онаа со етничките вработувања во јавната администрација, да се делат работни места на државен трошок за партиски послушници, кои дури и не одат на работа.

– Ова е втор уписен рок на партиските гласачи на ограноците на ДУИ, сега во приватниот скетор. Никаде во Рамковниот договор не пишува дека треба да има вработувања по етничка основа, а да не се оди на работа, но тоа се случи и за тоа не е виновен само ДУИ, туку сите што беа и се на власт. Ако по етнички клуч има вработувања во приватен сектор, постои опасност, исто така, тие луѓе само да бидат на список за плати и да не одат на работа. Во овој случај голема е опасноста од клиентелистичкиот однос на компаниите што ги вработуваат овие луѓе, за делење тендери и за корупција – изјави Хајредини за „Слободен печат“.

Со свој став излезе и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Бетиќи кој рече дека е неблагодарно јавните пари да се делат по етничка основа.

-Дали на едно болно дете ќе му дадеме пари за лечење по етнички клуч, зависно од тоа дали е Албанец, Македонец, Турчин… Ако е така, тогаш да креираме таков модел. Но, мислам дека во едно правично општество, тоа треба да го заборавиме и јавните пари треба да стигнуват таму каде што се потребни – рече Бетиќи.

Бетиќи е од редовите на СДСМ, а претходно и премиерот Зоран Заев експресно му одговори на Груби. Тој рече дека  ќе се субвенционираат вработувања во  приватни компании без оглед на етничката припадност.

-Владата ќе дава подршка при отворањето на фабрики а ќе се применува и  Законот за стратешки инвестиции. Планирано е најмногу вработувања да има во Тутунскиот комбинат во Куманово, проектот на „Еколог“ во тетовскиот регион е вреден 300 милиони евра, а дигитален центар во Карпош ќе нуди работа на кадри од областа на информатичката технологија- рече Заев.

Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја оваа идеја дискриминирачка и неприфатлива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот