Реакција на ЗНМ за случаите со екипата на Алсат во Сарај и Алфа во Крушево

ЗНМ бара итна реакција од општина Сарај за вчерашната случка со екипата на Алсат, каде што тие, од страна на локалните жители биле спречени да снимаат

Здружението на новинари испрати реакции по повод вчерашното спречување на екипата на Телевизијата Алсат да снима сторија за проблемот со водата за пиење во Сарај, и по повод попречувањето на работата на екипата на ТВ Алфа на прославата на 2. август во Крушево.

Вчера напладне новинарската екипа на телевизијата Алсат во состав Мелихате Рустеми (новинарка) и Бојан Костовски (снимател) биле спречени да ја вршат својата работа. Екипата пристигнала во селото горно Свиларе (општина Сарај) по претходно добиени информации дека жителите немаат вода за пиење. После неколку минути снимање, се појавило лице во цивилна облека кое агресивно викајќи им забранил да снимаат со насока да го напуштат селото за 5 минути и образложение дека тој е главен таму, причина заради која екипата на Алсат треба да ги спроведе неговите наредби, велејќи дека нивните информации за недостиг на вода не се точни, но без да остави можност да се провери. Притоа, барал од новинарката дозвола за снимање.

Новинарката Рустеми заедно со снимателот Костовски, после образложението дека за снимање на јавни површини не  е потребна дозвола од надлежните институции и неколку минутен вербален конфликт, после појавата на уште неколку лица, а со цел да избегнат поголем конфликт биле принудени да го напуштат просторот, јавната површина и да најдат друго место за снимање.

Екипата на Алсат го снимила целиот вербален конфликт, кој пак бил емитуван и во вчерашните вести на телевизијата.

ЗНМ посочува дека ваквиот третман кон новинарите придонесува кон нивна цензура. Токму затоа, бараме од МВР да се преземат конкретни мерки против лицето, со цел во иднина да не се случува попречување на правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните.

Случајот со ТВ Алфа

За време на одбележувањето на празникот Илинден на 2ри август на Мечкин Камен во Крушево, според информациите на ТВ Алфа, нивната екипа првично била спречена да го проследи настанот со објаснување дека не е акредитирана за истиот. По повеќе од еден час објаснување со владините служби, им било дозволено да го проследат настанот.

Новинарските екипи имаат право и обврска да информираат од настани кои се од јавен интерес, а не да се попречуваат во вршење на нивната работа. За ЗНМ е недозволиво владини служби да спречуваат новинари професионално да ја вршат работат, посебно кога се работи за настани од отворен карактер.

Бараме одговорност за ваквото однесување и во иднина да се воздржат од вакви постапки со една цел, а тоа е правото на информација на граѓаните да не биде повредено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот