Разузнавањето го демантира Трамп: Иран сè уште е далеку од ракети со интерконтинентален дострел
Тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран наскоро ќе има ракета способна да ги погоди Соединетите Американски Држави не е поткрепено од американските разузнавачки служби и се чини дека е преувеличено, според три извори запознаени со проценката. Ова го доведува во прашање клучниот дел од аргументот за можен напад врз Исламската Република, за кој Трамп зборуваше во своето обраќање за состојбата на нацијата во вторникот, пишува Ројтерс.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Проценките на разузнавањето се спротивставуваат на изјавата на Трамп
Обраќајќи се пред Конгресот, Трамп почна да ја изнесува аргументацијата пред американската јавност за можна воена акција, велејќи дека Техеран „работи на ракети што наскоро ќе можат да стигнат“ до САД.
Сепак, немаше промена во минатогодишната јавна проценка на Агенцијата за одбранбено разузнавање (ДИА) дека на Иран може да му треба до 2035 година за да развие „воено-оперативна интерконтинентална балистичка ракета“ (МКБМ) врз основа на постојните летала за лансирање во вселената, според два извори.
Белата куќа ја брани изјавата на претседателот.
Претседателот Трамп со право изрази сериозна загриженост дека Иран, земјата што бара „смрт за Америка“, поседува интерконтинентални балистички ракети“, изјави портпаролката Ана Кели.
Еден од изворите рече дека на Иран, дури и со технолошка помош од Кина или Северна Кореја, со кои тесно соработува, веројатно ќе му требаат најмалку осум години за да произведе нешто што навистина би било на ниво на оперативна МКБМ.
Изворите, кои зборуваа под услов на анонимност поради чувствителноста на информациите, наведуваат дека не се запознаени со никакви американски разузнавачки проценки што би потврдиле дека Иран развива ракета што наскоро би можела да стигне до американска територија, но не ја исклучуваат можноста за постоење на нови извештаи за кои не се запознаени.
„Њујорк тајмс“ прв објави дека американските разузнавачки агенции веруваат дека Иран е веројатно години далеку од поседување на таква ракета.
Рубио повнимателен, Иран ги отфрла обвинувањата
Тврдењето на Трамп за ракетните капацитети на Иран доаѓа во време кога претставниците на САД и Иран преговараат за нуклеарната програма на Техеран, без значителни знаци за напредок што би можел да спречи евентуални американски напади во услови на големо воено засилување во регионот.
Претседателот јавно не понуди многу објаснување зошто би можел да ги поведе САД во најагресивната акција против Исламската Република од нејзината револуција во 1979 година. Во својот говор, Трамп ја истакна поддршката на Техеран за милитантните групи, убивањето демонстранти и ракетните и нуклеарните програми на земјата како закани.
Без да даде докази, тој тврдеше дека Техеран ја обновува нуклеарната програма за која рече дека била „уништена“ од американските воздушни напади минатиот јуни врз три клучни постројки за збогатување ураниум. Во средата, американскиот државен секретар Марко Рубио звучеше многу повнимателно од Трамп, велејќи дека Техеран „е на пат еден ден да развие оружје што би можело да стигне до континенталните Соединети Држави“.
Иран негира дека работи на нуклеарно оружје, тврдејќи дека неговото збогатување ураниум е чисто за цивилни цели. Во интервју за телевизијата „Индија тудеј“ објавено во средата, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, негираше дека Иран ги проширува своите ракетни капацитети.
„Ние не развиваме ракети со долг дострел. Намерно го ограничивме дострелот на помалку од 2.000 километри. Не сакаме тие да претставуваат глобална закана. Тие ни служат исклучиво за одбрана. Нашите ракети имаат за цел одвраќање“, рече тој.
Технички предизвици за развој на интерконтиненталните балистички ракети ( ИКБР)
Американската разузнавачка заедница и Меѓународната агенција за атомска енергија ИАЕА (IAEA) веруваат дека Иран ја прекина својата програма за развој на нуклеарно оружје уште во 2003 година. Сепак, според ИАЕА, Техеран продолжил да збогатува ураниум во последните години, вклучително и до нивоа блиски до оние потребни за производство на оружје.
Иран има најголем арсенал на балистички ракети на Блискиот Исток, кои можат да стигнат до Израел, американските бази во регионот и делови од Европа. Исто така, Техеран во изминатиов период го развил и возилото за лансирање во вселената СЛВ што се користи за поставување сателити во орбитата, а експертите велат дека може да се прилагоди за ИКБР што носат нуклеарни боеви глави. Сепак експертите се скептични дека Иран може во брзо време да развие интерконтинентални балистички ракети.


