Разговор со Зуица Лазова: Кај Наум и кај мене нема победник, секој си тера по свое

Зуица Лазова / Фото: Приватна архива

Зуица за „Слободен печат“ со љубов зборува за своите деца, и оние дома и во училиштето, за животот со Наум Петрески и за нивната венчавка што се случи минатото лето, по долги години заеднички живот.

Зуица Лазова е жена што живее динамичен живот и успева да организира сѐ. Предава хармоника во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, паралелно настапува и учествува на фолк-фестивали, се грижи за семејството. Нејзин нов предизвик е учеството во проектот „Македонијо, во срце те носиме“, каде што заедно со повеќе колеги пеат преработки на македонски патриотски песни.

Токму на промоцијата на овој проект, Зуица беше расположена за разговор. На настанот стаса директно од музичкото училиште, каде што нејзините ученици имаа завршен концерт. Зуица со љубов зборуваше за своите деца, и оние дома и во училиштето, за животот со Наум Петрески и за нивната венчавка што се случи минатото лето, по долги години заеднички живот.

Велиш дека работиш на два фронта, како професорка по хармоника и како пејачка. Како ги менаџираш двете нешта?

– Отсекогаш сум на „два фронта“, но кога се сака, сѐ се може. Но, се трудам никогаш да не трпи она што ми е примарно, а јас сум се одлучила дека ми е примарно тоа што сум наставник по хармоника во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и гледам да ги менаџирам сите овие работи заедно. Е, некаде ќе има задоцнувања од овој тип, но сепак, предност давам на помладите, на учениците.

Како те доживуваат учениците, знаат ли дека си Зуица Лазова, познатата фолк-пејачка?

– Некои знаат, некои не. Сѐ зависи од тоа што им се пушта на дечињата дома и што слушаат дома. Јас имам деца што многу го сакаат и го ценат македонскиот фолклор. Имам еден ученик што бара исклучиво слика и потпис од Зуица Лазова, дете што е во основното музичко, шесто одделение, што значи дека неговите дома ја завршиле нивната работа и мисија.

Зуица Лазова / Фото: Приватна архива

Имаш исклучително талентирани и посветени ученици. Знаеш ли да бидеш строга професорка?

– Строга сум кога треба. Но, пред сѐ, ги сакам дечињата. Првото на кое наидуваат кај мене е љубов, љубов кон нив, љубов кон музиката. Значи, прво да им се всади љубовта кон музиката. Кога таа цел ќе ја постигнеме, понатаму е многу полесно.

И ќерката Македонка и синот Стефан се определија за музика. Колку, според тебе, чувствуваат притисок поради тоа што и ти и Наум сте успешни музичари, во смисла дека би требало да го повторат или надминат вашиот успех?

– Македонка ќе биде четврта година на Факултетот за музичка уметност, студира соло пеење во класата на Весна Ѓиновска-Илкова. Таа е определена за класичната музика и засега не покажува интерес да пее нешто друго. Јас не инсистирав воопшто, како што на пример, не инсистирав и кај Стефан, кој реши да не оди на гитара, а одеше шест години. Тој сака да продолжи на фолклорниот оддел во ДМБУЦ. Се радувам многу, но се трудам таа моја радост да не ја покажувам за да не направиме контра ефект. Сега постојано си ги слуша песните на татко му, и од тоа од типот на „Сулејман седи на кула“. И слушајќи го така, рече: „Не сакам да одам на гитара и првиот предлог му беше фолклор, и мислам дека тоа ќе биде вистинскиот избор за него“.

Не знам како Стефан ќе реагира од септември ако се среќаваме низ училиштето, тој е многу поинаков од Македонка, иако се две Водолии, ден по ден се родени. Македонка го имаше тој товар што сум јас таму, од Македонка се очекуваше многу, да биде секогаш спремна, секогаш добра, да не ја засрами мама, но како ќе биде со Стефан, не знам.

Зуица Лазова и Наум Петрески / Фото: Приватна архива

Во што сте најслични, а во што најразлични со Наум, се случува ли некогаш да не се согласите околу избор на песна или каков било животен избор, кој победува на крајот?

– Ние сме многу различни, многу. Но, така се надополнуваме за да може тоа да „тера“ колку што „тера“ сево ова време. Кога се песните во прашање, имаме несогласувања и тука нема победник, секој си тера по свое. Кога нема да се сложиме, кој како знае, така прави. Не се мешаме. Сепак секој си го знае својот сензибилитет најдобро.

Минатата година се пишуваше за вашата венчавка во Охрид. Како се решивте по толку години заеднички живот да се венчате и на хартија, и во црква, како се случи тоа?

– По толку години заеднички живот и две деца, мене како да не ми недостасуваше тоа. Значи, ги имаш сите придобивки на заедничкиот живот. Дали си во брак, со потпис или не, помалку беше битно. Меѓутоа, како што течеше времето, сфатив дека бракот на хартија ти носи некои други бенефити. Нешто поради нив и нешто поради тоа што оваа одлука тлееше подолго време. Дојде нашиот кум од Австралија, а Наум додека беше во Австралија, со него се договорил дека кога тој ќе дојде во Македонија ќе нѐ венча, во црква. Повеќе беше желбата тоа да биде еден црковен брак, повеќе една потреба тоа да биде овековечено пред Бога.

Зуица Лазова / Фото: Приватна архива

Ќе имаш ли фестивалски настапи во наредниов период, какви ангажмани те очекуваат?

– Летово повеќе ќе одмарам, имавме напорен период со натпревари со учениците. Имам одлични дечиња, одлични ученици, имавме завршен концерт, распределуваме програма за летото што треба. А, преку лето треба да земеме малку здив, а фестивалите ќе причекаат до септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот