Викторија Велјаноска / Фото: Приватна архива

Разговор со Викторија Велјаноска, мејкап-артистка: Матурската шминка треба да ја истакне природната убавина

Матурската вечер е еден од најважните моменти за секоја девојка, а шминката е важен дел од целиот изглед.

Мејкап-артистката Викторија Велјаноска, која е сопственичка на студиото „Викторија бјути студио“, вели дека годинава доминира природниот и блескав изглед, а најважно е матурантките да останат верни на себе и на својата природна убавина.

„Најчеста грешка е кога младите девојки се обидуваат преку шминката да изгледаат повозрасно отколку што се. Претерано тешка пудра, јаки контури, мат ефект или драматични трепки често знаат да го прикријат младешкиот изглед, а не е тоа намерата. Матурската шминка треба да ја истакне природната убавина, а не да го промени личниот опис“, вели Викторија.

Фото: Приватна архива

Таа открива дека оваа сезона најбарани се „soft glam“ (во превод: суптилен гламур) изгледот, блескавата и чиста кожа, нежните земјени тонови и сјајните усни.

– Многу актуелни се т.н. сјајни усни, нежни трепки и шминка која изгледа убаво и во живо и на фотографии. Девојките сè повеќе сакаат свеж и природен изглед – објаснува таа.

Според неа, усогласеноста на шминката со фризурата и фустанот е многу важна, но најважно е девојката да се чувствува удобно и самоуверено.

– Секогаш обрнувам внимание на фризурата, фустанот и накитот, но најважниот детал е карактерот и комфорот на клиентката. Само така се добива хармоничен изглед и задоволна клиентка – додава мејкап-артистката.

Фото: Приватна архива

Неколку дена пред матурата, советува да не се експериментира со нови козметички производи и да се посвети внимание на негата на кожата.

– Добриот сон, хидратацијата и правилната подготовка на кожата се клучни за беспрекорна и долготрајна шминка – вели Викторија.

Таа забележува дека голем дел од девојките доаѓаат со фотографии од Инстаграм и ТикТок, но потенцира дека трендовите не му прилегаат на секое лице.

– Секогаш се обидувам да им објаснам дека вистинската цел е шминката да ги истакне нивните природни црти, а не да доведе до промена на личниот опис. Најважно е да изгледаат свежо, модерно и самоуверено – и во живо и пред камера – вели таа.

Фото: Приватна архива

За крај, Викторија порачува дека самодовербата е најдобриот „додаток“ за секоја матурантка.

– Трендовите се менуваат, но природната убавина, негуваниот изглед и самодовербата оставаат најсилен впечаток. Матурата е вечер за славење на младоста и убавината и најважно е секоја девојка да блесне на свој начин – порачува таа.

Креативно студио со „Викторија бјути студио“: Како дете често знаев да се заиграм со шминките на мајка ми

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот