Фото: Приватна архива

Креативно студио со „Викторија бјути студио“: Како дете често знаев да се заиграм со шминките на мајка ми

„Голема ми беше желбата за еден ден да имам свое катче т.е. студио за убавина. Посакував да создадам простор каде што девојките ќе можат да се чувствуваат убаво, самоуверено, а истовремено да добијат професионални совети и услуги“, вели Викторија.

Потребата за истакнување на женската, природна убавина отсекогаш постоела низ историјата на човештвото. А, денес, големиот број козметички производи ѝ олеснуваат на жената да го надополни и истакне својот изглед и стил.

Викторија Велјаноска од Кичево е млада и талентирана мејкап-артистка, која во последните десет години со својата креативност и умешност во шминкањето ги разубавува дамите, следејќи ги најновите трендови.

Својата пасија таа ја претвора во свој бизнис и одлучува да го отвори студиото за убавина – „Викторија бјути студио“.

Викторија, кога кај Вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа?

– Љубовта кон уметноста и креативноста почна кога бев дете, во оние училишни денови изработувајќи училишни проекти, кога знаев да се занесам во боењето. Подоцна уживав да сликам и убави инспиративни слики од секојдневието.

Фото: Приватна архива

Од каде љубовта токму кон шминкањето и како дојдовте до идејата да го отворите Вашето студио за убавина?

– Уште кога бев дете, често знаев да се заиграм со шминките на мајка ми, го користев секој момент кога ми беа на дофат. Знам, речиси сите сме го правеле тоа, но кај мене се претвори во една рутина што ме исполнуваше и секојпат кога имав можност да шминкам пријателка или член од семејството, ми претставуваше огромно задоволство и сѐ поголема желба за еден ден оваа пасија да стане моја реалност.

Голема ми беше желбата еден ден да имам свое катче т.е. студио за убавина. Посакував да создадам простор каде што девојките ќе можат да се чувствуваат убаво, самоуверено, а истовремено да добијат професионални совети и услуги. И така се случи „Викторија бјути студио“.

Моето студио не е само простор за шминка, фризура и трепки, туку и размена на позитивна енергија и чувство што ќе ве враќа повторно назад. Верувам дека убавината не е само надворешен изглед туку и внатрешна светлина.

Фото: Приватна архива

Дали сте работеле професионална шминка за пред камерите и колку се разликува од шминката за останати пригоди? Дали сте имале можност да шминкате некои од нашите јавни личности?

– Секако! Шминката за пред камера и други пригоди има свои специфичности.

Шминката за пред камера треба да биде поинтензивна и пооптимизирана, бидејќи светлото од камерите може да ја „изедначи“ бојата на шминката. Тоа значи дека се внимава на контурите на лицето, сенките.
Професионалната шминка треба да биде долготрајна, водоотпорна бидејќи камерите можат да снимаат и под различни услови и тоа треба да биде прецизна и уредна шминка како за пред камера така и за сите пригоди.

И да, имам работено и работам со јавни личности, важно е да се создаде доверба, удобност и убава атмосфера. А, со досегашната работа имам прекрасно искуство со соработките. Досега имам доста соработки како за спотови, филм/серија, реклами, сѐ уште сум дел од Алфа телевизија, исто така сум дел од кабарето „Еуфорија“ за шминка и фризура. И секако дека секој клиент има свои барања и стил, затоа е важно прилагодувањето што е еднакво на безброј задоволни клиенти и клиентки.

Фото: Приватна архива

Според Вас, кои козметички производи ѝ се потребни на секоја жена за секојдневна шминка? И кои се најчестите грешки што младите ги прават при изборот на шминка?

– Секоја жена си има свој стил на шминкање, но еве некои предлози за секојдневна шминка според мене: бе-бе крема, коректор, маскара и сјај за усни се сосема доволни за секој ден. А, додека сме кај грешките, тука би го споменала несоодветниот тон на пудра и пренагласеноста на очите и на усните.

Фото: Приватна архива

Пролетта штотуку почна. Кажете ни оваа сезона кои бои ќе доминираат и кои трендови за шминка ќе бидат актуелни?

– Пролетта носи нова енергија и свежина, а со тоа и нови трендови во модата и шминката. Оваа сезона може да очекуваме неколку бои и стилови. „Батер скин“ (butter skin) или кожата да ви изгледа свежо и да се користат оние кремасти производи т.е. руменило, бронзер, односно природна сјајна блескава кожа.

Изберете виолетово розеникави нијанси на руменило. Усогласете ги со „чери лип“ (cherry lip) – натурален изглед на усни со сјај и нежни пастелни нијанси на сенки за очи.

Фото: Приватна архива

Кој е Вашиот совет до младите креативци што имаат талент, но немаат доволно храброст да почнат сопствен бизнис?

– Мојот совет е да не се плашат од почетокот, да веруваат силно во желбите и да знаат дека секој успешен бизнис почнал со мала идеја и многу храброст и верување. Почнете со мали чекори, експериментирајте и учете од грешките. Поддршката од најблиските ќе ја имате и, не заборавајте, храброста не е отсуство на страв, туку способност да се продолжи напред и кога стравот е присутен.

Фото: Приватна архива

Во пресрет на матурските и апсолвентските забави, Викторија ќе подари ваучери за професионална шминка на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот