Разговор со сликарката Бојана Артиновска за нејзиниот нов ликовен циклус: Огнот буди многуслојни асоцијации
Интензивен период на презентација на својата најнова изложба „Оган“ имаше сликарката Бојана Артиновска во последниве два месеца од годината, а нејзината изложба беше претставена пред публиката во Скопје и во Битола.
Препорачано
Циклусот „Оган“ на Бојана Артиновска првпат оживеа во Битола, потоа беше претставен во Културно-информативниот центар во Скопје, а сега повторно е во Битола, изложен во галеријата „Камај Медиа“, каде ќе биде поставен до 10 јануари 2026 година. Трагајќи по енергијата на просторот, Артиновска со новиот циклус открива можности за трансформација внатре во себе, но и на светот околу себе.
Твојот најнов циклус со наслов „Оган“ го претстави во Скопје и во Битола. Сликите навистина изгледаат огнено. Низ каков физички и психолошки процес минуваше додека ги создаваше?
– Процесот траеше скоро две години. Како и секоја креација, имаше свои подеми и падови. Периодот на истражување за мене секогаш е возбудлив и длабоко инспиративен. Тоа е време посветено на поставување прашања, понекогаш спонтано, а понекогаш свесно и намерно. Се прашував што е огнот и кои се неговите карактеристики од историски, културен и духовен аспект. Но најважно, се прашував каде е огнот во мене. Како се препознавам во овој елемент, која е мојата внатрешна сила и инспирација. Што ме разгорува, а што ме гаси. Од што треба да се ослободам за да бидам поавтентична. Каде чувствувам храброст, а каде страв. Дали си дозволувам да светам или се плашам од сопствената сила.
Во текот на процесот имав и период на внатрешен отпор, особено по пожарот во Кочани. Тогаш појасно ја разбрав деструктивната моќ на овој елемент, што ми го отежна поврзувањето со огнот како создателна сила. Ми беше тешко да ја пронајдам љубовта кон огнот во себе. Излезот го најдов преку еден мал, интимен циклус кој, сè уште, не е претставен во јавноста, посветен на ангелите како битија од светлина. Работата на оваа тема ми помогна повторно да се поврзам со светлината и со довербата во создателната енергија. Ова е тема што планирам понатаму да ја продолжам. Дополнително, прифаќањето на фактот дека пожарите најчесто се резултат на човечки фактор ми помогна да направам јасна разлика меѓу елементот како природна сила и начинот на кој човекот ја злоупотребува.
Секојдневно одвојував време да се поврзам со сонцето преку соларниот плексус, со намера да ја почувствувам огнената сила во себе. По првите скици веќе имав приближна претстава како би изгледале делата, но вистинската форма се појавуваше постепено, низ самиот процес. Психолошки, ова беше процес на препуштање и слушање. Огнот ме натера да се откажам од контролата и од однапред замислени решенија. Наместо јас да го водам делото, дозволував процесот да ме води мене. Имаше моменти на исцрпеност, но и моменти на јасност и ослободување, како согорување на нешто старо за да се отвори простор за ново. Таа тензија помеѓу интензитетот и тишината е впишана во самите слики.

Какви асоцијации кај тебе поттикнува овој исконски природен елемент?
– Огнот кај мене буди многуслојни асоцијации. Тој е трансформација, движење, топлина и светлина, но и моќ што бара почит и свесност. Го доживувам како симбол на волјата, страста и внатрешната сила, како нешто што истовремено прочистува и преобразува.
Од друга страна, огнот носи и тишина. Моментот кога гледаш во пламен и сè околу тебе се смирува. Во тој контраст меѓу интензитетот и мирот го препознавам неговиот духовен аспект. За мене, огнот не е деструктивен елемент, туку жив принцип што нè потсетува на потребата од промена, раст и постојано обновување. Како трет елемент во моето истражување, огнот ја носи трансформацијата, топењето, согорувањето, прочистувањето и раѓањето на нова сила од пепелта. Со него го продолжувам, но и го продлабочувам патувањето од материјалното кон енергетското, од формата кон искрата.

Презентацијата на изложбата вклучуваше мултимедијален хепенинг. Со каква намера?
– Намерата беше изложбата да не се доживее само како визуелен настан, туку како целосно искуство. Огнот не е статичен елемент и не може целосно да се пренесе само преку сликата. Му припаѓаат звук, движење, ритам и присутност.
Во сите мои изложби се трудам да вклучам и други уметници, затоа што верувам дека дијалогот меѓу различни уметнички изрази ја збогатува целината. Музиката и перформативните елементи не беа додаток, туку продолжение на сликите.
Во Скопје, презентацијата започна со медитација што ја осмислив и водев, како начин публиката свесно да се поврзе со елементот оган, по што следеше мој личен танц како телесен одговор на процесот.
Во Битола, пристапот беше поинаков и за мене нов, со јавно воден разговор пред публика и сликање во живо како реконструкција на создавањето. На двете изложби беше присутна авторска музика од Игор Темелковски, која ја следеше енергијата и атмосферата на настаните. Со секој нов проект се трудам да надминам одредени предизвици и стравови, со цел да се доближам поблиску до сопствената автентичност.
Каква моќ на трансформација има уметноста и како таа се пренесува преку твоите слики?
– Верувам дека уметноста има длабока трансформативна моќ. Таа не делува наметливо, туку тивко и постепено. Може да ја промени енергијата во просторот, да ја подигне неговата вибрација и да создаде чувство на внатрешна рамнотежа и хармонија. Трансформацијата се случува и на несвесно ниво, без разлика дали набљудувачот сака да се поврзе со делото или не. Моја намера уште пред да започнам да сликам е делото да има сопствена сила на делување. Сакам преку сликите да ја поканам публиката на внимание и присутност, на доживување на енергијата што тече низ просторот и низ нас самите, оставајќи тивка, но трајна внатрешна трага.

Изминативе години имаше циклуси посветени на природните елементи земја, вода и оган. Што е следно?
– Моето истражување на природните елементи се движи по јасна, но жива линија. По земјата, водата и огнот, логично следи воздухот. Со секој следен елемент процесот станува потежок за контемплација и поапстрактен, а секој од нив остава длабока трага во мене. Земјата ме научи на потпора и стабилност. Водата ме научи да ги чувствувам и движам емоциите. Огнот ме соочи со стравовите и ми помогна да ја препознаам и ослободам сопствената светлина. Воздухот го доживувам како елемент на здивот, гласот и комуникацијата, како движење меѓу внатрешниот и надворешниот свет. Во тој правец веќе размислувам и истражувам, знаејќи дека секој елемент бара свое време, тишина и созревање пред да стане слика.
Колкав дел од твојот живот е уметноста и колку животот се потчинува на уметноста?
– Уметноста не е одвоен дел од мојот живот, таа е начин на кој го живеам. Таа го обликува моето секојдневие, начинот на кој набљудувам, чувствувам и реагирам на светот околу себе. Во исто време, животот постојано ја храни уметноста. Секое искуство, состојба или промена станува материјал за создавање. Понекогаш тоа е пејзаж, понекогаш форма, текстура, човечка блискост или краток блесок на светлина. Во секој од тие моменти препознавам искра од која може да се роди уметност. Наместо едното да му се потчинува на другото, тие постојат во постојан дијалог. Кога има рамнотежа меѓу животот и уметноста, тогаш создавањето тече најчисто и најискрено.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 313, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.12.2025)


