Разговор со Сјон, писател и поет од Исланд: Кога немаме непријатели однадвор, обично го бараме непријателот во себе

Средбата со Сјон се случи на седмото издание на фестивалот „Букстар“ во МКЦ во Скопје

Меѓу значајните европски писатели и поети присутни на извонредното седмо издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“ во Скопје деновиве беше присутен и писателот и поет од Исланд – Сјон, кого читателската јавност го познава и како близок пријател и соработник на поп-ѕвездата Бјорк.

Срдечна и искрена беше средбата со исландскиот писател и поет Сјон, кој беше гостин на фестивалот „Букстар“, што се одржа од 12 до 15 октомври во МКЦ во Скопје. На фестивалот беа претставени неговите три книги што се објавени на македонски јазик од издавачката куќа „Антолог“. Станува збор за книгите „Од устата на китот“, „Сината лисица“ и најновата „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“.

Сјон не е првпат во Македонија. Во 2007 година тој бил учесник на Струшките вечери на поезијата и тогаш за првпат била објавена збирка со исландска поезија преведена на македонски јазик. Негови книги се преведени на 35 светски јазици, а освен како писател и поет, познат е и по долгогодишното пријателство и соработка со исландската поп-ѕвезда Бјорк.

Разговорот со него, сепак, го почнавме со содржината на книгата „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“, со која се обидува да ја демистифицира појавата на неонацизмот во Европа.

На фестивалот дојдовте како поет или како писател?

– Моите почетоци повеќе беа поврзани со поезијата, но во последниве 20 години повеќе пишувам новели и романи. Некако самиот увидов дека на секоја седма година објавувам збирка со песни, така што веројатно следната моја книга ќе биде со поезија.

Сепак, Вашата претходна книга е новела за растечките тенденции на неонацизмот во Европа. Зошто?

– Долго време размислував на таа тема. Претходно имам напишано две книги за историската димензија и појавата на националсоцијалистичките идеи во Исланд и во северните земји помеѓу двете војни и по Втората светска војна. Истражувајќи ја историската тематика наидов на документ за една личност од периодот на 50-тите и 60-тите години на минатиот век. Станува збор за главниот лик во новелата „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“, кој се викал Гунар Кампен. Тој бил основач на исландската антисемитска националистичка партија и соработувал со слични групации од северниот дел на Европа. Ми требаше долго време да ја расплеткам тајната мрежа околу таа личност со намера да откријам што ја натерало да дејствува „на другата страна од историјата“ и да се придржува до таа негативна идеологија, иако потекнува од сосема нормално семејство.

Практично, кои тематики најмногу ве инспирираат за пишување проза или поезија?

– Кај поезијата инспирациите се сосема различни од оние за пишувањето новели. За стиховите, едноставно, не знам од каде доаѓаат. Мозокот продуцира некакви слики или, пак, реплицирам на некое доживување со стих. Навистина е тешко да објаснам од каде се раѓа поезијата. Во однос на новелите ме интересираат безначајни личности во животот. Сметам дека единствениот начин на кој една личност може да реагира на животот е преку своите идеи. Ме интересира начинот на кој индивидуата реагира на поширокиот наратив на општеството во локални, но и во глобални рамки. Ние немаме друг начин на реакција во општеството, освен преку нашите ум и свест.

Единствениот начин на кој една личност може да реагира на животот е преку своите идеи

Каков е начинот на живот на Исланд, како осамена земја среде океанот?

– Животот во Исланд е безбеден и во мирно општество. Имаме среќа што не сме имале војна во изминативе 500 години, а војската била разоружана уште во 16 век. Тоа е навистина необична ситуација за денешниве светски околности, иако многу години живеевме во сиромашно општество. Но, кога немаме непријатели однадвор, обично го бараме непријателот во себе.

Наспроти тоа, имате многу пријатели, а една од Вашите долгогодишни пријателки е Бјорк. Како се случи познанството и соработката со неа?

– Ние сме, речиси, иста генерација. Таа е три години помлада од мене и се запознавме уште во тинејџерскиот период, која таа имаше 16, а јас 19 години. Таа се дружеше со мој најдобар пријател, кој, исто така, беше поет. Уште тогаш станавме добри пријатели и таа комуникација продолжи со многу различни музичко-поетски проекти на кои работевме. Мојот пријател подоцна стана многу познат преку бендот „Шугаркјубс“, а кога Бјорк почна да гради соло-кариера често ќе ми пристапеше и ќе ми кажеше дека работи на нова песна и дека сака да ѝ помогнам околу стиховите. Така, соработуваме речиси 40 години и останавме многу блиски пријатели. Мислам дека тоа се случи така, бидејќи и двајцата се обидувавме да го пронајдеме сопствениот пат во уметноста – таа преку музиката, а јас преку пишувањето поезија и проза. Исто така, двајцата се интересиравме за јапонски филмови, за суреализмот, за постпанк-движењето во музиката и сите тие точки поцврсто не поврзуваа меѓусебно.

Бјорк со нејзината музика помина низ целиот свет, но и Вие со вашата книжевна дејност често сте гостин на фестивали низ светот. Како се чувствувате кога патувате во различни држави низ светот?

– Тоа е нешто што никој од нас не го очекуваше кога почнувавме со нашата уметничка работа во доцните 70-ти и раните 80-ти години на минатиот век. Пишувавме поезија, правевме музички перформанси и мислевме дека тоа се локални проекти, бидејќи низ уметноста сакавме да ја истражуваме реалноста во Исланд. Истовремено комунициравме со луѓе од странство, бевме под влијание на некои работи што доаѓаа однадвор, но никој од нас не очекуваше дека нашата уметност ќе не однесе во големиот свет. Досега сум бил на многу фестивали во странство, моите книги се преведени на 35 различни јазици и тоа навистина е неверојатна и возбудлива приказна за едно момче од предградието на Рејкјавик кое ја открило својата поетска инспирација на 15-годишна возраст. Затоа кога одам во училиштата и кога учениците ќе ме прашаат за мојот живот како писател секогаш им кажувам – ако сакаш да патуваш низ светот, тогаш почни да пишуваш поезија!

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 101, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот