Разговор со Сашка Кузманова: Изработката на перики за пациенти со рак е повеќе од благородна работа

Сашка Кузманова и нејзините перики / Фото: Приватна архива

„Секоја приказна е емотивна, секоја пациентка со својата приказна, а јас сум нивна другарка, пред сѐ. Секогаш ги сослушувам, секогаш сум насмеана и секогаш верувам во нив, затоа што по оваа борба тие ќе бидат посилни. А, мојата поддршка ќе ја имаат секогаш“, вели Сашка.

Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против ракот, со цел да се подигне свеста за болеста и да се поттикне нејзината превенција, откривање и лекување. За да се покаже поддршка на заболените од рак, денеска ќе бидат спроведени повеќе иницијативи и движења низ целиот свет.

Сашка Кузманова од Кавадарци е една од оние хумани луѓе кои им даваат поддршка на заболените од оваа тешка болест во текот на целата година. Имено, таа е основач на „Инфинити лајф КС“ и изработува перики од природно влакно и им ги донира на онколошките пациенти што имаат потреба од такво нешто.

Таа вели дека оваа работа е повеќе од благородна и дека за неа нема ништо поубаво од тоа кога ќе види насмевка кај личноста на која ѝ ја подарила периката, хумана постапка што е „една светла точка во целото црнило што тие го поминуваат“.

Сашка, како дојдовте до идејата да почнете да изработувате перики од природно влакно за онколошки пациенти?

– Јас долги години се занимавам со хуманитарна работа, сум помогнала на многу социјално загрозени семејства, секојдневно почнаа да ме опкружуваат личности што боледуваат и се соочуваат со една од најтешките болести на 21 век – ракот. Но, како рекле, сѐ додека не почувствуваш на своја или на кожата на некој близок, нема да знаеш како им е на тие луѓе.

Па, така и јас. Мои блиски луѓе се оперираа, почнаа да примаат хемотерапија, многу солзи, многу тешки денови, месеци за нив, а уште потешко беше кога ќе се видеа без коса и кога некој ќе кажеше: „Барем да имав средства за перика од природно влакно“.

Тоа беше моментот кога одлучив дека сакам да им помогнам на нив, а и на сите други што боледуваат и се борат со ракот. Почнав да размислувам како да им станам една светла точка во целото црнило што тие го поминуваат.

Мојата професија е професор по англиски јазик, јас немав допирни точки со коса, не знаев ништо во врска со тоа. Па, почнав да учам од објави на интернет, да барам кој изработува перики, да читам какви сѐ перики постојат и сл. По долгото барање не наидов на некој којшто е тука во близина, а може да ме научи, па затоа решив да барам подлабоко и пошироко.

Во моментот кога веќе мислев дека нема шанси да научам, ме контактираше личност којашто не живее во Македонија, а претходно изработувала перики, но сака занаетот да го предаде на некоја „лавица“, како што ме именуваше. Остваривме контакт и секојдневно се слушавме. Но, бидејќи се случи пандемијата на коронавирусот не можев да отидам кај неа, па заедно одлучивме сѐ да се учи онлајн. Беше премногу тешко, кога немате некој во близина да ви објасни, да погледнете или да допрете. Но, по толку труд и едукација, јас веќе бев спремна за изработка на периките. Па, ја основав „Инфинити лајф КС“ Кавадарци, сѐ со цел за да усреќиме повеќе личности.

Сашка Кузманова / Фото: Приватна архива

Како изгледа процесот на изработување една перика и колку време Ви е потребно за да ја направите?

– Кога ќе видите перика, можеби ќе помислите дека е лесно да се изработи. Но, иако навидум изгледа така, не е воопшто лесно. Периките се изработуваат рачно, влакно по влакно и целиот процес на изработка трае од 21 до 31 ден. Периките се од природна коса, некои се небојадосани, а некои бојадисани. Секогаш се трудам периките да изгледаат барем приближно исто како нивната коса од претходно за да можат пациентите да се чувствуваат поудобно и посамоуверено – да веруваат во самите себе! Моето срце е полно секогаш кога ќе ги видам и тоа ми е дополнителна мотивација да изработам сѐ повеќе изработки.

Фото: Приватна архива

Вашата мотивација е многу благородна – да помогнете таму каде што е потребно. Но, за да се избегнат евентуални злоупотреби, на кој принцип се доделуваат периките?

– Да, верувајте, оваа работа е и повеќе од благородна. Нема ништо поубаво на светот кога ќе видите дека некој се смее, дека некој е среќен, а вие сте токму причината за сето тоа. Останувате без зборови, а срцето е преполно.

Исто да напоменам, периките се изработуваат рачно и се подаруваат со тоа што има услови за тоа кој ќе добие перика. Секој што е заинтересиран за перика мора да ми достави документ дека е пациент на онкологија или на хематологија. На тој начин јас ќе знам дека периката ќе стигне во вистински раце и дека таа нема да се злоупотреби.

Фото: Приватна архива

Секоја од овие приказни е многу емотивна. Но, дали некоја ситуација Ви оставила толку силен впечаток што ќе ја памтите засекогаш?

– Секоја приказна е емотивна, секоја пациентка со својата приказна, а јас сум нивна другарка, пред сѐ. Секогаш ги сослушувам, секогаш сум насмеана и секогаш верувам во нив, затоа што по оваа борба тие ќе бидат посилни. А, мојата поддршка ќе ја имаат секогаш.

Од многуте животни приказни, јас ќе издвојам една. За една млада девојка, која по една година откако ја ставивме периката, ми се јави рано сабајле и на цел глас радосно ми соопшти: „Тетка Сашкааа, јас оздравев! Повеќе немам потреба од перика, јас сум здрава! Ти како што кажа, така и излезе. Благодарејќи на тебе, јас поминав сѐ, испливавме заедно и сега веќе сѐ заврши. Но, нема да ти ја вратам периката, ќе си ја врамам за цел живот да ме потсетува на тебе и на твојата добрина“.

Тука веќе ви застанува кнедла во грлото, не знаете дали да плачете или да се радувате, емоции на сите страни. Но, пак ќе кажам, чувството е најубаво кога знаете дека луѓето се радуваат, а токму вие сте причината за сето тоа. Нема нешто поубаво од тоа. А, јас ќе продолжам со изработката на периките сѐ додека ме држат рацете, а со тоа ќе насмееме многу, многу лица.

Фото: Приватна архива

Веруваме дека постојат многу жени што би сакале да ја донираат својата коса за изработка на една ваква перика. Кои се критериумите што треба да се исполнат и на кој начин би можеле да Ве контактираат?

– Со оглед на тоа што периките се изработуваат од природна коса, секој што ќе посака да подари коса и да биде дел од овој проект, слободно може да ме контактира на мојот фејсбук-профил Сашка Кузманова.

Условите за донирање коса се следните: Косата може да биде природна, но и бојадисана, заради тоа што на некоја пациентка косата ѝ била руса или црвена, па за да не ја оштетуваме природната коса, земам и бојадисана, сѐ со цел да му помогнеме на секој пациент. Косата треба да биде врзана во коњско опавче или плетенка и да биде од 25 см, па нагоре.

Верувајте, многу личности ќе ви бидат премногу благодарни за делото што ќе го направите!

Фото: Приватна архива

За крај, дали имате некоја порака до оние што веќе Ви помогнале во оваа хумана мисија?

– Би сакала да им се заблагодарам на сите компании што застанаа рамо до рамо со мене, на сите амбасади во Македонија. Исто така, и на многу фризерски салони низ Македонија, како и на целиот македонски народ.

Ви благодарам за поддршката, а ние заедно ќе придонесеме за многу насмевки. Воедно ги повикувам и сите компании да се приклучат со својата поддршка, затоа што нашето малку на некого му значи многу.

Заедно можеме многу повеќе!

Повеќе на темата:

Борјан Павловски, ЕСЕ: Итно да се зголеми буџетот за скрининг, годишно во Македонија умираат 40 жени од рак на грлото на матката

Македонска лекарка која се соочува со рак на дојка: Човековото тело е чудо, не сме ни свесни колку сме силни

Анжелика Колева искрено за борбата со ракот на дојка: Најважна е психата и позитивната мисла

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот