Македонска лекарка која се соочува со рак на дојка: Човековото тело е чудо, не сме ни свесни колку сме силни

Фото: Инстаграм, Марија Бунда Калпак

Октомври е национален месец за свесност за рак на дојка, кога јавните организации, медицинските професионалци, владините агенции и невладините организации работат на промовирање на свеста за оваа болест.

Д-р Марија Бунда Калпак е македонска лекарка и млада жена која се соочува со оваа тешка болест. Таа е мајка на две дечиња, а дијагнозата ја добила минатата година, на 28-годишна возраст. Уште од самиот почеток, таа секогаш отворено зборува за своите здравствени предизвици.

„Рак на гради на 28 години? Да, тоа сум јас! Не мислев дека мене ќе ми се случи, ниту пак дека ова некогаш ќе го пишувам два дена после операција. Упс, не, после втора операција за две недели. Поминаа седум месеци од првичната дијагноза и сега имам храброст да ја споделам оваа приказна зошто знам дека може да помогне на многумина и да ја подигнеме заедно свеста за оваа ужасна болест.

Јас лично бев до пеколот и назад. И сѐ уште сум на патот. Не, не беше сѐ лошо и сум благодарна и заради многуте добри работи што ми ги донесе ова патување. Не е завршено, продолжува и ќе трае цел живот. Сепак, јас сум уверена дека животот ни носи само онолку колку што можеме да издржиме, а тоа ќе нѐ направи посилни“, сподели таа минатата година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija B.Kalpak, MD (@dr.marijabunda)

По повод националниот месец за свесност за рак на дојка, д-р Калпак сподели емотивна објава на својот инстаграм-профил, во која им порача на сите девојки и жени да одат на редовни прегледи.

„Октомври е месецот посветен на подигнување на свесноста за рак на дојка.

До сите девојки, жени – еднаш месечно правете си самопреглед. Човековото тело е чудо, мислам дека не сме ни свесни колку сме силни и моќни. Ако ова нешто ме научи, тоа е дека треба да ги слушаме знаците на телото, пред да биде прекасно. Да застанеме во тишина и вистина да слушнеме. Животот е многу брз и неосетно секојдневието нѐ завлекува, исцрпува, изморува. Мора да имаме механизам на справување, на враќање на мирот и среќата. Мислам дека почесто треба да сме сами со себе, во природа, гледајќи го зајдисонцето. Да си дадеме време за нас – вежбајте, правете тоа што ја храни душата, бидете со тие што ги сакате.

Мене веќе не ме воодушевува ништо материјално, ништо што може да се купи со пари. Потребно е, да, но не и доволно. Среќата и љубовта од најблиските е тоа што ме воодушевува, откривањето нови места и сонцето, цвеќињата, зеленилото, синото небо и звездите навечер. Мислам дека има многу работи за кои треба да сме благодарни, нешта што ни се случиле и што допрва ќе ни се случат. Но, најбитно од сѐ e да сме благодарни што сме тука, сега и овде, и што ја имаме привилегијата да го живееме овој прекрасен живот“, пишува младата жена.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija B.Kalpak, MD (@dr.marijabunda)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот