ВИДЕО | Борјан Павловски, ЕСЕ: Итно да се зголеми буџетот за скрининг, годишно во Македонија умираат 40 жени од рак на грлото на матката

Изминатиот месец јануари беше посветен на борбата против ракот на грлото на матката, а по тој повод Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, упати потсетување до јавноста дека Владата го има намалено буџетот за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2023 година за 2 милиони денари во однос на 2022 година.
Во разговор за „Утрински печат“, Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ, алармираше дека во Македонија, секоја година умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, додека над 350 жени годишно се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење поради тоа што болеста е откриена во напредна фаза.
– Министерството за здравство од година во година го намалува буџетот предвиден за скрининг, период кога во Македонија прогресира бројот на жени заболени од рак на грлото на матката. Поради недоволните буџетски средства и несоодветната организираност во 2021 година со скрининг на рак на грло на матката опфатени се само 22% од жените од целната возрасна група, што е многу далеку од опфатот во државите на Европската Унија кој изнесува над 75% од жените – потенцираше Пваловски.
Според него, стапката на откривање на ракот на грлото на матката во напредна фаза може да се намали, но за тоа е неопходно итно да се зголеми буџетот на програмата за скрининг на ракот на грлото на матката.
– Финансиите се главен проблем, затоа и често алармираме до надлежните дека постои можност за превенција на малигните заболуања. Дополнително, неопходно е да се зголемат и активностите за едукација на жените, како и да се предвидат посебни активности на ниво на заедница за зголемен опфат на жените од ранливите групи – потенцираше Павловски.
Целото интервју со Борјан Павловски можете да го проследите на следното видео: