Разговор со режисерот Јани Бојаџи за серијата „Утре наутро“: Раскажувам приказни што мене ме интересираат
Телевизија Алфа, во ударниот термин во недела, од 29 март почнува со емитување на новата македонска играна серија „Утре наутро“ во пет епизоди на режисерот и сценарист Јани Бојаџи.
Препорачано
Режисерот Јани Бојаџи има сериозно искуство во подготовката и снимањето на играни серии за прикажување на телевизија. Примерот со серијата „Бистра вода“ покажа дека телевизиската публика е желна за домашна продукција во овој формат. Оттаму се појави идејата за нова серија, овој пат со друга приказна, но со иста намера – да се креира приказна што зборува за современото македонско општество.
Сценарист, режисер и продуцент на серијата „Утре наутро“ е Јани Бојаџи, извршен продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Дарио Секуловски, монтажер е Давид Дулев, продукцискиот дизајн е на Јани Бојаџи.
Во главните улоги настапуваат актерките Нина Деан и Ирена Илиевска, а во другите улоги играат Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска и уште шеесетина актерки и актери.
Минатата година во кино беше прикажан филмот „Утре наутро“, а од 29 март публиката ќе може да ја проследи телевизиската серија со истиот наслов.

Филмското остварување „Утре наутро“, кое кинопубликата веќе можеше да го погледне, разложено во серии ќе може премиерно да се гледа на телевизија. Каков е програмскиот план за емитување на серијата?
– Програмскиот уредник Методи Алексов одлучи серијата да ја распореди во „прајм тајм“, во недела, во 20:10 часот. Амбициозно е. Но, сакаме да понудиме содржина што ќе конкурира во најгустото телевизиско време, кога нашите конкуренти имаат скапи музички шоуа. Мора да бидеме храбри и да не се плашиме да се натпреваруваме со најгледаните продукции. Јас, во принцип, не се мешам во уредувањето. Кажувам мислење, давам иницијативи, но уредниците секогаш го имаат последниот збор. Но, верувам дека „Утре наутро“ е содржина што има огромен гледачки потенцијал. Ако го видиме нашето искуство со „Бистра вода“, тогаш навистина очекувам целата серија да ја видат најмалку два милиони гледачи во Македонија.
Колку серијата дава можност да бидат прикажани сцени кои, едноставно, не можеше да се употребат и во филмската верзија?
– Во принцип ние тргнавме да правиме телевизиска серија. Во еден момент, додека снимавме, продуцентот Дејан Милошевски препозна потенцијал и за игран филм. Се согласив. И така прво го направиме филмот, кој беше препознаен од публиката во Македонија и на фестивалите по светот.
Во таа смисла, серијата не е продолжен филм. Серијата е нешто сосема различно од филмот. Серијата има своја, посебна структура и во многушто е различна приказна. Серијата има сосема различно темпо и ритам, различна наративност, различен графички дизајн и, секако, она што ја прави посебна е користењето на познати македонски поп-рок песни, кои се инкорпорирани не како илустрација, туку како драматургија, како уште еден актер. Во таа смисла, може да се каже дека серијата повеќе е направена според американски принципи, а филмот според европски.

Целиот проект има необична приказна. Со каква инспирација го напиша сценариото за филмската, односно телевизиската верзија и во кој жанр е сместена приказната?
– Серијата е политичка драма, со елементи на трилер. Да бидеме реални, не е голем проблем во Македонија денеска да се инспирира човек за да напише сценарио за филм или серија. Ние, во принцип, произведуваме повеќе приказни отколку што можеме да ги консумираме.
Инаку, серијата зборува за настани што се случуваат рано наутро од 27 април 2017 година и завршуваат осумнаесет месеци подоцна. Не кријам, четирите приказни се инспирирани од вистински настани, но карактерите се измислени. Секое препознавање со реални луѓе е случајно.
Дали приказните се лични или опфаќаат општи карактеристики на менталитетот на овие простори?
– Јас, во принцип, раскажувам приказни што мене ме интересираат. И во таа смисла тие се лични. Но, ако прашањето е дали некои од настаните или случките во филмот и серијата ми се случиле мене лично или на мои блиски, одговорот е – да! Има многу лично во целата оваа приказна.

Во остварувањето учествува голема и разновидна актерска екипа. Кој е твојот принцип на работа со филмската екипа?
– Мојот принцип на работа е ставање на актерот и неговото човечко присуство како средиште на уметноста на филмот. За мене, ако нема актер, нема филм. Сѐ што правам на сет е со цел да им послужам на актерите да се огледаат себеси – преку мене. Јас сум им огледалото во кое постојат тие во сите димензии. Како лица, како дух и како содржина. Јас сум режисер кој прво работи со актери, а потоа со камерата, со светлото, со мизанкадарот, со дизајнот и ефектите. Ако имаш актер кому му веруваш, сѐ друго може да го има, ама не мора.
Какви траги остава работата во областа на филмската дејност врз учесниците во процесот, но и кај публиката?
– Мене секој проект ме менувал. На подобро. Од секој нов проект излегувам посмирен и поотворен кон други луѓе и други идеи. Убеден сум дека и голем дел од учесниците го имаат истото чувство. Јас не верувам дека уметноста може да го промени светот, ама може да промени барем стотина гледачи што заради една или друга причина, инспирирани од тоа што го виделе, ќе се променат себеси. А тоа не е мала работа.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 326, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.3.2026)


