Разговор со ракометарката на Вардар, Сара Миновска: Не се сомневам дека ќе успеам

Доколку сакаш да бидеш успешен во спортот мора да тргнеш нешто на страна, тоа е тешко но доколку еден се исплати сето тоа, ќе бидеш горд и не се сомневам дека тоа ќе го направам.

Женскиот ракометен тим на Вардар првиот дел од сезоната во домашното првенство го заврши на четвртото место , а една од најдобрите ракометарки на „црвено-црните“ е младата Сара Миновска, десното крило кое е трет стрелец на „црвено-црните“ во првиот дел од сезоната.

Младинската репрезентативка иако само четири години „другарува“ со ракометната топка, со своите игри покажува дека нејзините тренери како Драгана Ристова во првиот тим и Марија Папуџиева во кадетските селекции, ќе имаат достојна замена на крилните позиции.
Запознавањето со ракометната топка, 18-годишната Миновска го имаше пред четири години.

 – Да бидам искрена многу сакав спорт уште од мала, а за ракометот „виновник“ е професорот по физичко кој инситираше да започнам активно да тренирам или ракомет или одбојка. Постојано ме прашуваше дали сум се запишала на некој од овие два спорта, што ме натера да помислам дека гледа нешто во мене. Почнав во младинската школа на Вардар кај тренерите Владимир Котевски и Кристијан Крчевски од кои многу научив и по заслуга почнав професионално да се занимавам со ракомет – вели Миновска открива дека повеќе сакала да игра во Металург, но сепак судбината ја донесе во Вардар.

– Искрено, повеќе сакав да тренирам во Металург, татко ми беше фудбалер на Металург и поради него сакав да тренирам таму. Но бидејќи Кисела Вода ми беше поблиску од Автокоманда почнав во Вардар. По три месеци тренинзи Вардар направи школа за селекција на неколку деца и мојот тренер ми рече дека и јас ќе бидам избрана да одам на тие тренинзи. Тоа беше неочекувано за мене, бидејќи тренирав само три месеци, но сè уште ги паметам зборовите на мојот тренер Влатко по првиот тренинг кога ми рече „Ти имаш нешто посебно во тебе, нешто природно што ќе tи биде предiспозиција за да можеш во иднина да просперираш и ќе биде штета доколку не продолжиш со ракометот“.


Иако го прескокна првиот тренинг, Сара Миновска веќе на вториот се појави и пред неа беа ракометни легенди како Кастратовиќ, Папуџиева, Ристова (Пецевска), Будимир…
– Кога пристигнав во салата ги видов и Индира, Марија, Драгана, Будимир и се чувствував многу возбудено иако не ги знаев како ликови кои се. Искрено, ја знаев Индира како име, но кога почнав да се распрашувам за сите тие ракометни величини кои се тие што направиле и кога дознав се, мојата реакција беше вау, ова е одлична можност за мене да работам со вистински светски ракометни легенди.


Откако се пресели во ЖРК Вардар, Сара Миновска смени три позиции, почна како десен бек, потоа како среден бек и сега игра на десната крилна позиција и тоа по заслуга на тренерот од младинските категории.
Најпрво почнав како десен бек, потоа како центар и на крајот сега сум десно крило иако на почетокот повеќе сакав да играм на бековските позиции. Но кога Марија Папуџиева ми кажа дека ќе бидам подобра на крилната позиција, ги сфатив зборовите многу сериозно, почнав да впивам се за крилната позиција, да гледам видеа како да се подобрам, да барам совети – вели Сара.

Младиот тим на Вардар под водство на главниот тренер Драгана Ристова (Пецевска) есенскиот дел од Суперлигата го заврши на четвртото место со девет победи, еден нерешен натпревари и два порази, а младата Миновска е трет стрелец на екипата.


– Задоволна сум од игрите како на екипата така и од моите, за влакно ни избега провото место на табелата. Сепак тоа ни е поука за вториот дел од сезоната. Лично јас во последните две години се препородив. Оваа сезона сум трет стрелец на екипата но секогаш може да бидеме подобри – вели Миновска.

Иако има само 18 години, Миновска која беше капитен на младинската репрезентација, сонува да го облече и сениорскиот репрезентативен дрес.
– Тоа ми е најголема желба. Ќе ми биде голема чест да бидам дел од репрезентацијата, бев дел од младинската репрезентација бев и капитен и сега посакувам да го носам дресот и на сениорската репрезентација. Чест е да се игра за репрезентација. Поинакво е чувството да се носи репрезентативниот дрес, тогаш ја претставуваш својата држава.

Како на репрезентативен така и на индивидуален и клупски план, Сара има планови кои ќе се обиде да ги оствари.
– Дефинитивно ќе останам во ракометот. Во иднина би сакала да играм во странство каде ќе продолжам на напредувам, ме привлекуваат скандинавските клубови, германската лига како и најдобриот клуб во Европа, Ѓер.

Професионалниот спорт бара големи жртви на приватен план, но тоа не и претставува голем проблем на Миновска.


– Доколку си професионален спортист мораш да се откажеш од некои работи, од приватноста. Доколку сакаш да бидеш успешен во спортот мора да тргнеш нешто на страна, тоа е тешко но доколку еден се исплати сето тоа, ќе бидеш горд и не се сомневам дека тоа ќе го направам.

Ристова: Од самиот почеток верував дека Сара ќе успее

Сара е со мене од самиот почеток, од првата селекција. Јас бев иницијатор таа да стане крило и верував од самиот почеток дека ќе успее. Таа и како личност е борбена, храбра и постепено со нејзина заслуга е ова што е денес и мислам дека сè уште има огромен простор за напредок. Времето е пред неа да стане успешно крило и спортист – вели нејзиниот тренер, Драгана Ристова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот