Разговор со поетот Андреј Ал-Асади: Духовноста самата испливува на површина
Манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, што се одржува од 15 до 17 август во Велестово, со поетски портрет го почести младиот, но духовно зрел современ поет Андреј Ал-Асади.
Препорачано
Поетското писмо на Андреј Ал-Асади го определуваат атрибути што укажуваат на посветеност, внесување нови теми и инсистирање кон висока артикулација на македонскиот поетски исказ. Неколку објавени збирки поезија и проза ја потврдуваат неговата зрелост и го вивнуваат во орбитата на препознатливи современи поетски гласови.
Фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ го препозна твојот креативен момент и те почести со поетски портрет во Велестово. Како лично ја доживеа поканата и честа што ти е дадена?
– Честа да имам свој поетски портрет, што ми се укажува на ова 37-мо издание на „Поетска ноќ во Велестово“ ја доживувам како значајно признание за мене, како извесна потврда дека мојата поезија може да стои рамо до рамо со поезијата на македонските поетски легенди што низ годините биле претставени на таа сцена во прегработ на Галичица и под сребрениот велестовски свод.
Благодарен сум и почестен што организаторите на „Поетска ноќ во Велестово“, основачот и претседател Славе Ѓорѓо Димоски и програмската директорка Јулијана Величковска, коишто будно го следеа мојот поетски пат од самите почетоци, и коишто имаат голема заслуга во мојата доизградба како автор, во моите книги препознаа поетска зрелост и квалитет достојни за вакво претставување. Ова издание е едно од најубавите на кои сум присуствувал и да живеам уште илјада години, уште илјада години би седел на средсело и би гледал во ѕвездите.

И претходно имаш учествувано на „Поетска ноќ во Велестово“. Со какви импресии, воздишки и сеќавања те исполни престојот во Велестово?
– „Поетска ноќ во Велестово“ е редок и скапоцен настан во Македонија. Да се отпочне поетски фестивал во некое село, на планина, и тој фестивал да истрае речиси полни 4 децении и притоа да прерасне во реномиран меѓународен фестивал, каде што имаме можност да размениме идеи, стихови и да се дружиме со поети од речиси целиот свет е за восхит.
Магично е и самото Велестово, погледот кон Охрид и езерото… времето таму поинаку тече и нема поет што се искачил на таа височина и не бил вдахнат да создава под влијанието на велестовската магија. Впечатоците и импресиите ми вибрираат низ целото битие – од пејзажите до прекрасните стихови што одѕвонуваат со гргорот на селската чешма, а и воздишките се многу и затоа ќе ги чувам само за себе.
Годинава ја почна како лауреат на наградата „Григор Прличев“, сега си лауреат во Велестово. Досега главно беше именуван како „млад поет“. Може ли поетот да ја почувствува зрелоста во себе?
– Автор што е созерцителен и има длабоко вкоренет талент, додека постојано чита, пишува, се надградува и е самокритичен, не може да не ја почувствува зрелоста во себе и во своите стихови. Тоа е некакво чувство на мир. Тоа што сум именуван како „млад поет“ воопшто не ми пречи, тоа е факт, уште немам ни полни 30 години. Но сметам дека животната зрелост и поетската зрелост не се правопропорционални, „млади поети“ биле и Рембо, и Есенин, и Рацин…
Проблемот со кој ние „младите“ поети и писатели во Македонија се соочуваме, за жал, е што малкумина од оние пред нас се тука да нѐ поддржат, и институциите и фелата. Се изнаслушавме празни фрази за младите и иднината, но кога треба да се дејствува, ние сме на маргините, а поддршката доаѓа од премал број ентузијасти, како што се „ПНВ Публикации“ и уште неколкумина професори и книжевни критичари што можете да ги видите како промотори на книжевните настани за млади.
За поздрав е и антологијата на младата поезија што ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, но сметам дека ни треба сериозна поддршка. Ни требаат ментори и претходници на кои ќе се угледуваме и ќе служат за пример, некои што ќе заслужат да бидат почитувани и гледани со восхит заради квалитетот на нивното писмо и доблеста во нивното дејствување, а не „авторитети“ што грчевито се држат за „фотелјите“, реални или замислени, и во младите наместо радост за иднината гледаат закана и конкуренција.
Да не завршам со горчина, би додал дека ме радува што мојата генерација е многу вредна и не чека нештата од небо да паднат, се организираме, се поддржуваме и дејствуваме конструктивно, сѐ уште имаме надеж дека може овде да ја градиме нашата иднина.

Роден си во Лондон, живееш во Скопје, носиш арапски (ирачки) корени, пишуваш поезија и проза. Од каде се инспирираш за духовноста во себе?
– Кога толку гени се измешани во тебе, духовноста самата испливува на површина. Иако процесот на себеспознавање е тежок, бидејќи се бориш со разни традиции, светогледи и мисловни системи во себе, а плодот од самата борба е пресладок. Би споделил дека инспирацијата за духовноста во себе ја црпам од првичното поистоветување со некој мисловен и духовен систем (единствено ако тој е воедно и срчен и логичен), а потоа уништувањето на секоја идентификација и асоцијација во себе со него и надминување на истиот до целосна празнина (Шунја во традицијата на Веданта или Ву Веи во таоистичката дантиан алхемија). Иако не сум стигнал до таму и не знам дали некогаш ќе стигнам, се трудам да се искачам барем за неколку скалила погоре во овој краток живот за во следниот да можам да продолжам од таму каде што сум застанал.
А секоја идентификација и поистоветување со еден затворен систем на верување и мислење е лишен од метафизика и карактеристичен исклучиво за Западната квазидуховност или слепите реконтекстуализирања на паренијалниот светоглед – или филозофијата која гледа на сите духовни традиции како слични и врз иста основа. Поезијата и прозата се само гласовна и мисловна рамка во која би сакал да предочам нешто од овие искуства на читателот.

Наскоро треба да се случи промоција на твојата нова поетска збирка „Рубедо“ во издание на „ПНВ Публикации“. Што значи насловот и каков поглед кон светот даваат песните и стиховите во збирката?
– „Рубедо“ е последната фаза во алхемискиот процес. Тоа што предмалку го споменав за духовноста треба да се манифестира во „Рубедо“ – Крајната виталност, Машкиот принцип, Пурушоттама, Инсан ел Ќамил или Духовното Сонце. Но, сепак, оваа моја последната стихозбирка, не само што го опфаќа процесот на созревање и себереализација, туку треба и да го поттикне читателот да истражува, да споредува и да размислува и да ги обмислува конфликтите во себе и надвор од себе – на идејно, културолошко и материјално ниво – коишто ќе му помогнат да се „помири“ со нив и да чувствува, да љуби и да живее со целото свое битие.
Какви чувства ти навираат кога гледаш што се случува во Палестина?
– Најпрво, бев исполнет со гнев, бидејќи тоа им се случува на едни од најпитомите, најкултурните и најчовечните луѓе, и со тага, бидејќи не можам да им помогнам и да ја подобрам нивната веќе 80-годишна детериорирачка состојба – состојба што станува сѐ полоша. Потоа успеав да ја сфатам метафизичката динамика на целиот колеж и крајната цел на нивните страдања, и затоа сега воопшто не се вознемирувам, затоа што „Блажени се кротките, бидејќи тие ќе ја наследат земјата“, а сите останати ќе искусат „Плач и чкртање со заби“.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 294, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.8.2025)


