Разговор со писателката и филозофка Маја Солар: Номадското искуство не треба да се идеализира

Писателката Маја Солар е активна на повеќе полиња, а нејзиниот престој во Скопје го искористивме за запознавање со нејзиниот интерес за феминизмот, општествената и книжевна работа, но и за првите впечатоци што ги стекнала за Скопје.

Првата средба со Маја Солар ја имавме на фестивалот „Проза Балкан“, каде таа беше една од учесничките. По фестивалот таа остана во Скопје на книжевна резиденција во рамките на проектот „Читајќи го Балканот“, кој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Тоа беше можност за втора средба на која се случи овој разговор, а се одржа во Дебар Маало, со намера подобро да го запознае урбаниот лик на градот.

Во Скопје дојдовте на „Проза Балкан“ и останавте на книжевната резиденција. Како се појави можноста за Вашето прво доаѓање во Скопје, и воопшто во Македонија?

– Кон крајот на минатата година се пријавив на конкурсот за резиденцијалната програма „Читајќи го Балканот 2020“, кој ми го откри мојата пријателка и одлична писателка Јасна Димитријевиќ. Првпат конкурирав на такво нешто и многу сакав да дојдам во Македонија, а исто така бев заинтересирана и за Албанија, бидејќи тоа се две земји во кои не сум била и кои беа најјужни од понудените места. А мислам дека сум „слаба“ на југот. Поради коронавирусот моето доаѓање двапати беше одложувано и почна да ме фаќа депресија дека патувањето воопшто нема да се случи, но потоа успеавме да организираме сѐ да се случи во септември. Владимир Јанковски генијално тоа го смисли резиденцијата да се преклопи со „Проза Балкан“, така што имав среќа да учествувам на прекрасен фестивал и да запознаам нови и интересни личности.

Интересна е и Вашата животна патека. Родена сте во Загреб (1980), во раното детство сте живееле во Сараево во воените години, а сега живеете во Нови Сад. Чувствувате ли дека досега сте имале бурен и неизвесен живот?

– О да, за жал. Инаку, мислам дека номадското искуство не треба да се идеализира, бидејќи некој што често се сели и патува затоа што има сјајни услови за тоа, дури често и се забавува, никако не е во иста ситуација со некој што е присилен на такво искуство, а заканата, неизвесноста и бездомништвото постојано му виси над главата. Иако, со оглед на тоа што никаде немам своја куќа, веќе научив многу места што ќе ме прегрнат да почнам да ги чувствувам како дом – а така веќе го чувствувам и Скопје. Секако, би сакала да имам некое место, некој простор, некоја куќарка што би ми била дом, засолниште и сигурен покрив над главата.

Вашата професионална биографија содржи повеќе работни позиции, имате докторат по филозофија, а во последно време работите на поткастот „Полна уста со поезија“. Со што се занимавате и од што живеете во Нови Сад?

– Практично сум невработена, а мојот правен статус е самостојна уметница. Сите работи од кои преживувам се хонорарни, главно слабо платени, и што е најлошо – неизвесни. Покрај сето тоа се обидувам да работам што е можно повеќе, и тоа работи што вистински ме исполнуваат и кои ги сакам, дури и тогаш кога ги работам бесплатно Тоа, секако, е многу тешко. Во овој период, покрај работата на поетскиот поткаст со мој пријател, соработувам со една ромска организација во која се занимавам со политичка едукација на Ромките и Ромите, пишувам феминистички и други општествено-критички текстови, држам предавања во Центарот за феминистички студии во Загреб, организирам трибини и настани кои се поврзани со општествената теорија или со книжевноста, преведувам (иако тоа не го сакам многу), понекогаш лекторирам (тоа уште повеќе не го сакам), се обидувам да научам да садам растенија и да научам како да вдишам длабоко и да ги намалам нападите на паника за сето тоа да се издржи.

Ме интересира прогресивниот, еколошки, квир-марксистички, антирасистички и антикапиталистички феминизам што овој свет може да го промени на подобро за сите луѓе

Во однос на Вашето творештво, книжевната критика Ве дефинира како „марксистичко-филозофска феминистка“. Зошто?

– Затоа што тоа е точно прецизирана струја на феминизмот што ме интересира и за која верувам дека е единствениот еманципаторски феминизам. А тоа значи дека мажите не се нашите непријатели, туку тоа е капитализмот во кој страдаме не само поради родовата опресија, туку и поради класната, расната и многу други опресии. Тоа, исто така, значи дека не ме интересира дали на власт ќе дојде жена, сѐ додека таа жена е некоја Хилари Клинтон, Ангела Меркел, Ана Брнабиќ или која било друга жена која ги спроведува политиките и идеологиите што го зацврстуваат овој систем што притиска најголем број луѓе. Ме интересира прогресивниот, еколошки, квир-марксистички, антирасистички и антикапиталистички феминизам што овој свет може да го промени на подобро за сите луѓе. Чинција Аруца, Тити Батачарја и Ненси Фрејзер тоа многу точно го нарекоа „феминизам за 99 проценти“.

Три седмици престојувате во Скопје. Кого од македонската книжевна сцена знаевте претходно, а со кого се запознавте додека бевте тука?

– Моето познавање на македонската книжевна сцена, за жал, беше многу скромно и тоа мора да се поправи! Повеќе бев запознаена со политичката и општествената ситуација во Македонија, бидејќи читав сјајни политички анализи од вашиот сограѓанин Артан Садику, кои се објавуваат на регионалниот портал „Билтен“. Единствената македонска писателка што претходно сум ја читала е Румена Бужаровска и таа е прекрасна: се гледаат феминистичките ноти, а нејзините раскази, покрај тоа што поттикнуваат на критички став, се и многу забавни, иако станува збор за хумор што прикажува некои тешки ситуации. Откако дојдов тука ги открив Владимир Јанковски, Калина Малеска, Бранислав Николов (Пијан Славеј) и Елизабета Баковска, чија прекрасна книга со приказни за деца „Мајката и инаквите приказни“ ја прочитав на македонски јазик со минимално гледање во речникот, на што сум многу горда. На списокот за следно читање се Лидија Димковска, Горан Стефановски, Дејан Трајкоски, Неџати Зекирија, а списокот, секако, ќе расте.

Што работевте на книжевен план за време на резиденцијата во Скопје и какви се Вашите импресии од градот?

– Се обидувам да напишам различни приказни за смртта и тажењето, а паралелно пишував некаков микс на патопис и дневник со историско-политички упади, како и за престојот во Скопје. Тоа е така затоа што веднаш се заљубив во овој многу бучен, напатен, бесен и див град, во неговата прекрасна бруталистичко-социјалистичка архитектура, во Старата чаршија и Бит-пазар, во симит-погачата, во овчото сирење и македонските црни вина, и пред сѐ, во луѓето. Најдоброто објаснување зошто се сака Скопје го добив од мојата пријателка Ана: ми кажа дека го засакала овој град дури пред неколку години, иако тука живее најголем дел од својот живот, а кога ја прашав зошто, таа рече „баш затоа што е така ранет“. Некако не е можно да не се сака ранетото Скопје.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 51, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот