Разговор со пијанистката Андријана Арлен: Музиката и љубовта се моите две движечки сили
Македонската пијанистка Андријана Арлен, која веќе 18 години живее и работи во Малме, Шведска, на 16 декември го објави својот петти албум на кој изведува седум композиции со божиќна тематика.
Препорачано
Пијанистката Андријана Арлен по потекло е од Велес. Средно музичко училиште и Факултет за музичка уметност завршила во Скопје, во класата на проф. Јасминка Чакар. Веднаш по дипломирањето работела како професор во музичкото училиште во Велес, но тоа траело само една година. Набрзо заминала во Шведска на магистратура во Музичката академија во Малме и таму останала до ден-денес, цели 18 години.
– Во Малме работам како професор по музичко образование и клавир. Пред четири години почнав да експериментирам со клавирот, односно се пронајдов во кросовер-музиката, како и во компонирањето на модерна клавирска и филмска музика. Мојата дискографија веќе брои четири албуми и повеќе од 15 синглови проследени со многу уникатни музички видеа. Мојата музика е достапна на сите дигитални платформи низ целиот свет. За мојот прв кросовер албум имам добиено две значајни награди во Белград (Балкан авордс – Најдобар кросовер албум и најдобар артист). Во овој момент актуелен е мојот божиќен албум со наслов „Божиќни пијано приказни“.
Кој е твојот начин на чувствување на музиката?
– Мислам дека на тоа прашање е најтешко да се одговори, а уште понејасно е да се разбере од страна на некој што не е музичар. Музиката и љубовта се моите две движечки сили. Тоа е начин на живот. Страст, возбуда, тага, среќа. Знам дека тоа го чувствува и мојата публика преку моите изведби, инсценирани видеа, искомпонирана музика.
Зошто го одбра пијаното како главен инструмент за изведба на музиката?
– Немав никаква намера да свирам на каков било инструмент. Меѓутоа првата средба со концертниот клавир во музичкиот кабинет, моќта на звукот, поседувањето и воздигнувањето на сопствената енергија на повисоко ниво стануваа волшебни и просто неодоливи. Најпрво би рекла дека некои работи се судени, се случуваат сами од себе без никакво објаснување, а со голема причина. Причината ја дознаваме подоцна во животот.

Која е магијата на божиќните песни, со кои е исполнет твојот нов албум?
– На мојот божиќен албум се наоѓаат седум песни, од кои една е авторска со наслов „Снегулки“. Другите песни се кавери на класици. На албумот соработувам со двајца колеги од Македонија, кои изведуваат музика на саксофон и виолончело. На албумот е ставен и божиќниот хит што го направив пред три години со американскиот продуцент Дезле (Deezle). Мојата пријателка и позната пејачка од Шведска Јохана Вретхов заедно со мене ја изведува песната „Mary, did you know?“, соработка што неколку години ја планираме, а се покажа како успешна, иако песната е објавена пред само пет дена.
Генерално, тоа е албум со многу суптилен призвук, фантастични изведби на песни кои со децении се на репертоарот за Божиќ. Албум што се слуша во домашна атмосфера и дава чувство на дом, на мир, на празнично расположение, а истовремено срцето и душата се на место и одморени.
Колку често успеваш да дојдеш или да настапиш во Македонија?
– Да бидам искрена, сѐ уште ја немам претставено мојата музика пред мојот народ во живо. Иако многупати сум присуствувала како гостин во разни емисии, каде што редовно сакам да ја информирам и поврзувам мојата земја со светската сцена, некако не се случило да се испланира некој убав концерт. Се надевам дека тоа ќе се промени во блиска иднина.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 261, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.12.2024)


