Разговор со Никола Кимовски, в.д. директор на МНТ: Враќање на сјајот и престижот на Македонскиот народен театар

Никола Кимовски, в.д. директор на МНТ

Новата театарска сезона 2024/2025 година Македонскиот народен театар ќе ја почне со отворање на новата летна сцена „Славиша Кајевски“, а најавени се и патувања и гостувања надвор од државата, гостувања во МНТ, како и реализирање на неколку премиерни изведби.

Откако беше именуван за в.д. директор на нашата најголема театарска куќа, Никола Кимовски посветено и фокусирано работи на подигнување на интензитетот на активностите во НУ Македонски народен театар. Културната јавност ќе може да сведочи за првичните резултати од работата веќе на 17 септември, за кога е најавено отворањето на новата летна сцена во МНТ.

Со какви идеи ја востановувате (или возобновувате) летната сцена на Македонскиот народен театар?

– Летната сцена е новитет и воедно отвoрање на претстојната театарска сезона. За мене е важно нашата верна публика да добие еден нов простор во нашиот град, со понуда во која се опфатени најпопуларните претстави од редовниот репертоар на МНТ, познати музички изведувачи и диџеи од македонската сцена.

Што Ве поттикна сцената да го носи името на актерот Славиша Кајевски (1982-2021)?

– Идејата за летната сцена беше заедничка со актерот Славиша Кајевски, кој, пред сѐ, беше мој драг пријател и колега. Долги години се прашувавме зошто на тој простор нема сцена што ќе биде дел од културно-забавниот живот на градот Скопје. Конечно се оствари таа наша заедничка идеја и затоа таа сцена го носи неговото име. Целиот колектив на МНТ, со огромна радост и посветеност, работи на реализацијата и остварувањето на летната сцена.

Програма на летната сцена „Славиша Кајевски“

Програмата што ќе биде изведена на летната сцена, опфаќа повеќе разновидни активности. Со какви намери МНТ ја проширува својата дејност?

– Овој настан претставува почеток што секоја година традиционално ќе се одржува во истиот период, но истовремено и отворањето на новата сезона. Театарот под отворено небо на една од најубавите локации во градот, покрај кејот на реката Вардар. Програмата ќе започне на 17 септември и ќе заврши со свечено затворање на 1 октомври. Билетите можат да се купат онлајн на веб-страницата на Македонскиот народен театар и на билетарницата, секој работен ден од 12 до 21 часот.

Летната сцена свечено ќе се отвори со музичко-драмското дело „Црнила Ремикс“ во режија на Јордан Симонов. Репертоарот е исполнет со најпопуларните претстави од нашиот редовен репертоар, за кои има технички можности да се постават на надворешна сцена, како што се „Мој термин“, „Кец на десетка“, „Не се клади на Енглези“. Потоа гостување од театарот „ЈХК-Џинот“ од Велес со претставата „Вечера за глупаци“, како и изведба на претставата „Сакатиот од Инишман“ на студентите од Факултетот за драмски уметности од Скопје.

Ќе настапат и големи музички имиња, како ЛД Пистолеро и Диџеј Гоце, Игор Џамбазов и Гуру Харе и Пијан Славеј. Свеченото затворање на летната сцена ќе биде со настап на Националниот џез-оркестар со „Битлси Трибјут“.

Средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа во Охрид

Неодамна во Охрид имавте средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Со каква цел ја остваривте средбата?

– Целта на средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше да се дискутира и да се разговара за подготовките за новата сезона, свеченото отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“, како и за претстојниот јубилеј – 80 години МНТ, што ќе биде одбележан во 2025 година. Средбата беше значајна и во позитивна атмосфера со цел враќање на сјајот и престижот што го заслужува Македонскиот народен театар.

Какви се плановите за официјалниот почеток на театарската сезона 2024/2025?

– На самиот почеток на новата сезона, реализираме паралелна подготовка на три нови театарски претстави: „Бели ноќи“ во режија на Звездана Ангеловска (копродукциски проект), „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, со моќна театарска екипа. Претставата „12“ се работи по мотиви на „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз и билетите ќе бидат наскоро пуштени во продажба. Третата претстава е „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски во режија на Нина Николиќ (копродукциски проект).

Од ноември започнуваме со реализација на уште два нови проекти, а тоа се „Народен пратеник“ на значајниот српски режисер Егон Савин, по текст на Бранислав Нушиќ, и претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) по текст на Јасмина Реза во режија на Весна Петрушевска.

Читачка проба за претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов / Фотографија: Кристијан Теодоров

Почнаа подготовките на новата претстава „12“ за редовниот репертоар на МНТ

На 4 септември официјално започнаа подготовките за претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов. Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.

Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот што се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8.

Во претставата, која е дел од годишната програма на националната установа МНТ за 2024 година, игра моќна машка актерска екипа: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов. Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светло е Мартин Манев, а музиката е на „ПМГ Колектив“. Премиерата е закажана за октомври.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 246, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 07-09.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот