Фото: Profimedia/Приватна архива

Разговор со Моника, сопругата на Филип Кузмановски: Јавноста гледа борец на теренот, а ние дома гледаме нежен и грижлив сопруг и татко

Среде ракометната еуфорија што ја носи Европското првенство, кое започна на 15 јануари и ќе трае до 1 февруари, вниманието на македонската јавност е насочено кон настапите на нашата репрезентација. Македонија досега одигра два натпревари во групата Б – беше поразена од Данска, одигра нерешено со Португалија, а утре ќе ги измери силите со селекцијата на Романија.

Досега особено се издвои настапот на капитенот Филип Кузмановски, кој на дуелот со Португалија блесна и беше прогласен за играч на натпреварот, постигнувајќи 15 гола од 18 обиди.

Зад тие минути на теренот, сепак, постои и еден помалку видлив свет – семејниот. Во разговор за „Слободен печат“, сопругата на Кузмановски, Моника, ни ја откри приватната страна на нивното секојдневие за време на големите натпреварувања: како изгледа атмосферата дома, каква поддршка му е во кариерата и како семејството ја живее оваа ракометна приказна.

Фото: Приватна архива

Моника, неодамна започна Европското првенство во ракомет, а твојот сопруг Филип Кузмановски е капитен на репрезентацијата. Каква е атмосферата во вашиот дом додека трае овој значаен спортски настан?

– Обично семејно присуствуваме на првенствата, но овие две години, откако е роден Матијан, за првпат решивме првенствата да ги следиме од дома. Атмосферата дома е, можам да кажам, вистински навивачка – гласна, со доза на стрес, но со голема љубов и поддршка. Секој натпревар се доживува силно – се навива, се бодри, се слави секој добар момент, а кога е тешко, уште погласно се верува. Се трудам Филип да почувствува ветер во грб, без разлика на резултатот.

Велат дека зад секој успешен маж стои успешна жена. Колку твојата поддршка му значи на Филип низ неговата ракометна кариера?

– Животот со спортист има свои позитивни и свои негативни страни, но едно ќе кажам – не е лесен.

Како сопруга на професионален спортист, а воедно и магистер по кривично право, можам да кажам дека ние, сопругите, преќутно своите амбиции ги ставаме некаде во позадина, за можеби некои идни денови на постабилен живот. Сè дотогаш, своите амбиции ги преживувам преку Филип и сметам дека поддршката од дома има големо влијание во кариерата.

Мислам дека поддршката започнува од најмалите работи, почнувајќи од домашни обврски, почитување на некои секојдневни ритуали, сè до тишина кога треба тишина, па до разговор кога е потребен разговор. Поддршка, според мене, е присуство, пофалба кога е потребна, но и критика кога е издржана. И една од најголемите работи – разбирање. Секој успех и секој предизвик ги доживуваме како заеднички.

Фото: Приватна архива

Вие сте во брак веќе неколку години и сте родители на едногодишниот син Матијан. Дали малечкиот го препознава татко му на телевизија кога игра и како изгледаат тие моменти кај вас дома?

– Со оглед на тоа што репрезентативните обврски во јануарскиот период траат цел месец, месец во кој Филип не е дома, за дете од една година е тешко да разбере. Имавме момент кога го прашав каде е тато – покажа кон телевизорот. Најубаво е кога ќе се појави Филип на екранот, го препознава, се смее, аплаудира, крева раце на гол. Можам да кажам дека нашата репрезентација има навивач плус.

Колку е предизвик да се биде сопруга и мајка во периоди кога спортските обврски се толку интензивни?

– Предизвик е, нема да лажам. Но кога има љубов, организација, желба и поддршка, сè е возможно. Понекогаш си сама со мислите и со сите обврски, но знаеш зошто го правиш тоа. Гордоста што ја чувствувам секогаш го надминува уморот.

Има ли нешто што само ти го забележуваш кај Филип во вакви периоди, а што јавноста не може да го види од теренот?

– Јас го гледам човекот зад играчот – неговиот израз пред натпревар, концентрацијата, малите ритуали, но знам и колку е емотивен и дека во секој натпревар е воден од големи емоции, што го истоштува и на физички и на психолошки план. По изразот можам да приметам колку е уморен. Јавноста гледа борец со жар, а ние дома гледаме нежен и грижлив сопруг и татко.

Фото: Приватна архива

Колку ракометот ти е близок и приватно – дали си фан на спортот и, освен Македонија, дали имаш свои фаворити годинава?

– Јас потекнувам од спортско семејство, моите родители биле одбојкари, исто и јас. Од друга страна, Пепи Манасков ми е тетин, а Дејан и Мартин Манасков ми се први братучеди и заедно сме пораснати.

Љубовта кон спортот кај мене е вродена многу пред да го запознаам Филип. Уште од мали години салите, начинот на живот, спортскиот дух и спортската амбиција не се за мене стран поим. Па затоа можам да кажам дека некако природно ракометот ми е близок и воопшто не ми беше тешко да се вклопам во спортскиот живот со Филип.

Навивам од срце за Македонија и секогаш се надевам на што поголем успех. Можам да кажам дека речиси во секоја репрезентација имаме некој пријател со кој Филип играл во текот на својата кариера и не можам да издвојам некоја друга репрезентација за која би навивала.

За крај, која е твојата порака до нашите ракометни репрезентативци?

– До нашите ракометни репрезентативци би порачала да играат храбро, со срце и со гордост. Зад вас стои цел народ што верува, навива и дише со вас. Носите дрес што значи многу и секој ваш чекор на теренот е инспирација – за децата, за навивачите и за сите што ја сакаат Македонија.

ГАЛЕРИЈА: Емоции, борба и на крај реми во Хернинг кое може многу да значи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот