Михаил Парушев, тапанар

Разговор со Михаил Парушев пред концертот на групата „Парусион“ во МКЦ: Битна е слободата

Композиции од албумите „Агол“ и „Атер“, но и сосема нови теми од Михаил Парушев ќе бидат изведени на концертот на групата „Парусион“, што ќе се одржи на 28 јануари во МКЦ.

Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев – композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви, од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн-пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, „Парусион“ функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.

Роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари, Михаил Парушев уште од најрана возраст го гради својот однос со ударните инструменти. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен израз. Своето формално музичко образование го заокружува со дипломирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, што му овозможува стабилна основа врз која развива слободен, истражувачки и авторски пристап.

Концертот во МКЦ е наменет за публиката што бара авторска, современа и жива музика – каде што фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот е колективен јазик што се создава во моментот.

Група „Парусион“

Каква програма ќе биде изведена на концертот и дали е планирана концертна промоција на твојот албум „Атер“?

– Во МКЦ ќе биде изведен материјал од сиот мој опус, од албумите „Агол“ и „Атер“, а како и на секој мој концерт ќе изведеме и неколку нови композиции. Тоа ќе биде концерт со авторски содржини што се во фјужн-стил и импровизации на самите композиции.

Групата „Парусион“ функционира како отворен колектив. Кои музичари ќе ги изведат твоите композиции на концертот?

– Новата постава на „Парусион груп“ е повеќе од три години заедно. Полека дојдоа нови генерации и постари мои колеги и стари пријатели да свириме, и мерак ни е. Тука е Зоран Костадиновски на гитара, кој веќе 22 години е во групата, Иван Бејков на бас и Петар Колевски на саксофон. Ќе ни се придружат Трајче Велков на труба и Јован Цветковиќ од новата генерација мои соработници.

Кому му правиш атер со новиот албум?

– Со „Атер“ како име на мој официјален, засега дигитален албум, си правам себеси атер поради некои композиции коишто не излегоа на носач, а се баш стари и необјавени, како „Дебар дабар добар“, „Лулка“, „Таа е“, „Кавалиус“, „Сито енд решето“, „Во наше село чешма шарена“, кои се од периодот 2021-2022 година, како и „Најтешкото“ од 2023 година. Некои со новите продукциски решенија се веќе понови, а споени со останатите ми заличија на проект, па си го направив „Атер“. На одредени композиции свират Драган Полизовски на кавал и Зоран Костадиновски на гитара, како и покојниот Ферус Мустафов.

Албумите „Агол“ и „Атер“

Акцент во „Атер“ е ставен на ритмиката, но значајно место во дел од темите имаат дувачките инструменти и гитарата. Како го чувствуваш суптилниот композиторски раст од „Агол“ во „Атер“?

– „Агол“ беше, исто така, долго верглан материјал, па си доживеа полнолетство и го снимивме со колегите, на кои сум им многу благодарен што ми помогнаа да се реализира. Од Имери, Усеин, Христов, Мучев и Мите Димовски како снимател и продуцент. „Атер“ е чиста музика на која, речиси, сѐ свирам јас – тапани, деф, дајре, бонгос, триангл и други удиралки, потоа пијано, бас и нормална гитара, бузуки, тамбура, мандола, табла, џембе, тапан, органа и електрични синтисајзери, како и звуци, а и продукцијата е моја. Снимател е Ивица Јанкуловски, а јас овој пат сум во улога на целосен продуцент. Бидејќи е објавен дигитално, издание на носач на звук во моментов е во преговори со некоја издавачка куќа.

Музиката ја разбираш како процес или како живот?

– Музиката е само живот кој јас го живеам. Процесот на создавање нова музика е само илузија. Музиката е одамна измислена, денес е битна изведбата, независно од сите музички, џезерски или класични школски правила. Битна е слободата. Нека ни е со среќа 2026 година и што повеќе да свириме и да се радуваме.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 317, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот