Разговор со Марија Зафирова: „Училница“ е онлајн простор создаден со шарм, љубов, волја и знаење

Независниот театар „Театра“ остави убави сеќавања во меморијата на театарската публика, а дел од екипата предводена од продуцентката Марија Зафирова влегува во новиот проект „Училница“, едукативна онлајн платформа за деца и млади, каде што технологијата, иновацијата и уметноста се среќаваат со талентот и бескрајните можности.

Ентузијазмот, како и посветениот и професионален однос кон проектите на кои работи се карактеристики што ја оцртуваат личноста на Марија Зафирова. Пред десетина години беше дел од продукцискиот тим на независниот театар „Театра“, кој во период од две години успеа да создаде свој театарски простор и да продуцира неколку претстави на тогаш млади режисерски, сценаристички, актерски и сценографски имиња. Така се родија претставите „Мизантроп“, „Звукот на коските што се кршат“ и „Хауситери“. Со мото „Секаде театар“ беа креирани радиодрамите „Пеперутка“ и „Случајно“, додека радиосценското доживување „Привид“ можеше да се следи во три различни медиуми – физички простор, радиобранови и преку интернет.

Иновативниот пристап и прогресивните идеи се дел од начинот на размислување и во зрелата фаза од животот и работата на членовите на „Театра“, а Марија Зафирова одлучи да ја основа едукативната платформа за деца и млади „Училница“, со намера сите стекнати знаења да ги пренесат и на помладите генерации.

На кој начин од „Театра“ се роди едукативната платформа „Училница“?

– Во 2011 година со „Театра“, меѓу другото, подготвивме и неколку работилници што траеја неколку недели. Токму на тие работилници се разменуваа знаења и истите до денес даваат резултати. Соработниците и учесниците, кои во тоа време беа тинејџери, сѐ уште комуницираат и денес, навраќајки се на искуството добиено преку дебатирање и споделување на моменталната животна околност. Тие тинејџери денес се дипломци на академии, актери, режисери, книжевници, имаме и две мастер тези напишани на тема „Театра“, стипендии и студии во странство. Оттогаш ми останаа чувството и идејата за пренос на знаењето кон нешто што ќе ја оформува иднината, а околу кое ќе гравитира сегашноста.

„Училница“ е платформа за учење на деца и млади, место на зрелост и научени лекции, а создадена со истите шарм, љубов, волја и знаење. Создавајќи ја „Театра“, она што го увидовме како најважна работа, која нѐ научи за сѐ понатаму, беше дека не постои зборот „невозможно“. Кога тоа чувство е придружено со правилно менторство, може да ги трансформира идејата во реализација и невозможното во остварливо. Веруваме дека една личност може да придонесе за многу глобални промени преку инвестирање, препознавање и негување на она во што сме добри. Затоа образовното искуство овде претставува решителен став кон развивање на критичката мисла. Затоа, водени од мислата „светот е она што правиме од него“ ја создадовме „Училница“.

Марија Зафирова, основачка на едукативната платформа „Училница“ (Фотографија: Ерина Богоева)

Кој е вклучен во платформата и со кого планирате да соработувате?

– Она што најмногу ме радува е што со луѓето, со кои сега работиме во „Училница“, се откривме во и од „Театра“. Добар дел од тимот ги носи своите знаења и вештини стекнати низ годините работа, назад „на сцената“. Соработката ја остваруваме со ментори што нудат современа и повеќеслојна перспектива во создавањето и преку посебно создаден наставен план за секоја од образовните сфери. Во моментов ментори на училниците се Наталија Теодосиева, Магдалена Дилевска – Аврамовска, Емилија Ланговска, Јулијана Росоклија, Ивана Смилевска, Марија Бошковска, Никола Кузмановски, Маја Атанасова. Тоа се луѓе создавачи и сите имаат посебен влог и искуството со детското образование.

Наставата во училниците се одвива според методологијата STEAM. На кој начин методологијата ја применивте во нашите општествени услови?

– Училниците функционираат според методологијата STEAM (Science, Tech, Engineering, Arts and Mathematics) и нивната цел е да ја зајакнат основата на училишните програми, а со тоа да се подобруваат вештините за критично размислување и да се препознава пресекот на уметноста, науката, технологијата, инженерството и математиката. Нема побарувања за исклучиво претходно и подробно познавање на информатичката технологија. Целта е да се изучат алатки и методи за истражување нови и креативни начини на решавање проблеми, прикажување податоци, развој на иновации и поврзување информации и знаење од повеќе полиња. Уметноста и техничките предмети природно се преплетуваат и меѓусебно се надополнуваат, така што примената на STEAM принципите во образованието овозможува поголемо разбирање, иновации и кохезивно образование во училницата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот