Искрено со Лара Иванова: Дечко ми студира во Словенија, љубовта одлично ни функционира на далечина

Фото: Инстаграм/ Приватна архива

Младата и талентирана пејачката Лара Иванова чекори по нагорна линија во музичката кариера. Од свои шест години се занимава со музика, а својот прв настап го имаше во 2010 година на детскиот музички фестивал „Супер ѕвезда“ со песната „Фабрика за насмевки“ на композиторот и музички продуцент Александар Масевски.

Летоска, еден од најголемите хитови беше нејзината песна „Нека гори“, а со песната „Bella“ која ја пее во дует со Христијан Настески – Пајак, направи вистински бум.

Инаку, Лара својот прв настап на еден од најпознатите фестивали во Македонија – „Макфест“ го имаше во 2019 година, каде настапи со песната „Кој те учи така“.

А, на годинешниот, токму песната „Bella“, на Лара и Пајак, со која настапија на ланскиот „Макфест“, беше прогласена за најслушана песна меѓу две изданија на фестивалот. За една година, „Bella“ има импресивни 25 милиони прегледи на Јутјуб.

Освен музиката, составен дел од животот на Лара е и балетот.

„Макфест“, односно наградата за најслушана песна, беше повод да поразговараме со талентираната  пејачка.

Лара, колку пати си учествувала на „Макфест“ досега?

– Досега сум учествувала четири пати, ова е веќе петти пат како ќе настапам. Вечерва повторно ќе настапиме со „Bella“, како најслушана песна помеѓу два фестивали.

Песната „Bella“ што ја изведуваш со Христијан Настески – Пајак е најслушана песна на Јутјуб?

– „Bella“ е најслушана песна меѓу двата фестивали. Меѓутоа, и на Јутјуб, па според тоа се гледаше која ќе биде најслушана.

 

Фото: Принтскрин/Инстаграм

Пофалби за вечерашниот стајлинг – модерен златен „топ“ и долго здолниште. Дали креацијата е дело на некој моден дизајнер или сама се стилизираше?

– Вечерва носам креација на Ива Спасовска. Отидов кај Ива, се договоривме, ми се допадна нејзината креација и одлучив да ја носам вечерва.

Лара Иванова во креација на Ива Спасовска/ Фото/ Принтскрин/Инстаграм

Која песна најмногу ти се допаѓа од нумерите кои вечерва ќе бидат изведени на „Макфест“?

– Најмногу ми се допаѓа песната на Панче Касапски. Искрено, песната има емоција и оној дел што го слушнав, навистина многу ми се допадна. Има и други песни што ми се допаѓаат. Таско и Малена имаат убава песна, помодерна, но како балада, песната на Панче навистина има емоции.

Доста си ангажирана на повеќе полиња, чекориш цврсто по музичкиот пат, па следува и прашањето: Што понатаму?

– Подготвувам нови проекти, нови песни. За бргу треба да излезе песна, со продуцентот Лазар Цветковски. Во оваа песна се вклучив и како дел од текстот и како дел од музиката, заедно ја работевме. Интересен проект. Повторно модерна песна. Се надевам дека за брзо ќе ја извадам. Прво треба да го снимам спотот, но се работи на тоа, во процес е.

Фото: Инстаграм/ Приватна архива

Со оглед на твојата популарност, освен музичката кариера, читателите ги интересира и твојот приватен живот, љубовен статус. Дали си во емотивна врска?

– Имам дечко, тој е виолинист. Заедно сме три и пол години, баш од мали, тие тинејџерски години ги поминавме заедно. Тој во моментот студира виолина во Словенија.

Значи љубов на далечина која одлично функционира?

– Функционира дефинитивно и тоа можам да го потврдам.

ФОТО | Лара и Пајак добија 120.000 денари од „Макфест“ за најслушана песна меѓу два фестивали

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот