Кирил Пенушлиски, историчар на уметност

Разговор со Кирил Пенушлиски: Секојдневно имам допир и со светската и со македонската уметност

Историчарот на уметност Кирил Пенушлиски во галеријата на МКЦ претстави изложба со која се објаснуваат влијанијата на великаните на западно-европската уметност врз македонските модерни уметници.

Изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“ на Кирил Пенушлиски произлезе од потребата да се отвори разговор за корените, да се осветлат оние тивки, но суштински влијанија што старите мајстори ги оставиле врз појавата и развојот на модерната уметност во Македонија. Студијата на Пенушлиски не е само историски осврт, туку е обид да се воспостави жив дијалог меѓу минатото и сегашноста, меѓу ликовната традиција и современото изразување.

Идејата за изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“ потекнува од еден сон. Каква приказна крие сонот?

– Почнав да размислувам за влијанијата што старите мајстори ги имаат врз македонските уметници пред многу години, откога татко ми, Илија Пенушлиски, ми раскажа еден сон. Кошмар што го сонувал повеќе пати. Во него, тој работи во своето ателје и во еден момент гледа дека Веласкез му доаѓа на гости. Ете го се качува по скали! Почнува да го фаќа паника. „Што ќе му покажам?! Немам ништо по дома. Ниту една од овие слики не е доволна добра за Веласкез. Не можам ова да му го покажам!“ И тргнува да ги крие сликите. Некоја оди под кревет, друга на тераса, трета позади некои завеси…

Изложбата е поставена во галеријата на МКЦ

Како лично ја почувствува потребата да ја реализираш идејата за изложбата?

– Идејата да ја направам оваа изложба, каде се објаснуваат влијанијата на великаните на западно-европската уметност врз македонските модерни уметници, се појави пред некоја година кога ја завршив големата студија за почетоците на модерната уметност во Македонија. Во тој текст немаше многу простор да анализирам индивидуални примери и да ги осветлам тие влијанија. Тоа така стоеше сѐ до минатата година, кога ми стана јасно дека една друга идеја што ја планирав, нема да може да се реализира. Таа требаше да ги прикаже првите дела со историска тематика во македонската уметност – нешто што мислам дека сега ќе го направам само како академска студија. Во тој момент „Старите мајстори и македонската модерна“ дојде во прв план.

Можеби не сум објективен, но мислам дека не згрешив. Шетајќи се низ поставката во Ликовната галерија на МКЦ, јас сум задоволен. А да не зборувам дека поврзувањето на старите и македонските мајстори ми го зголеми апетитот и за други проекти на слична тема.

Каков предизвик за еден историчар на уметност е да прави компаративни студии од овој вид?

– Не знам за моите колеги, но за мене, изложбите како „Старите мајстори и македонската модерна“, оние што нудат некаков контекст, изложбите чија основна цел е давање на некоја поголема, поширока визура на одредени аспекти поврзани со ликовната уметност, се секогаш добредојдени.

Таквите изложби се и поголем предизвик отколку правењето на ретроспективи. Во ретроспективните изложби се прикажуваат најрепрезентативните, најголемите дела од опусот на само еден уметник. Додека во ваквите покомплексни проекти мора да се знае и да се земе во предвид многу поголем материјал; ликовни дела со разнородна тематика од уметници кои, можеби, никогаш не изложувале заедно или кои припаѓаат на различни временски периоди. Предизвикот е поголем, но затоа и ќеифот, задоволството на крајот е далеку послатко.

За да се прочитаат влијанијата на старите мајстори неопходно е огромно познавање и на домашната и на светската уметност. Како го систематизираш знаењето со фокус на одредена идеја?

– Јас дипломирав, магистрирав и докторирав со теми поврзани со западно-европската уметност. И покрај тоа што во последните петнаесетина години најмногу работам на модерната уметност во Македонија, се трудам секоја година да ги видам големите изложби посветени на великаните на светското сликарство. Сакам да потенцирам дека секојдневно имам допир и со светската и со македонската уметност.

Можеби необично ќе звучи, но јас имам само неколку неработни дена во годината. За мене неработни се први мај, втори август, осми септември и единаесетти октомври. И кога постојано работиш со еден материјал, без разлика колку е тој обемен или разновиден, систематизацијата, анализата, поврзувањата на одредени сегменти од ова или она поле лесно се прават.

Од кого доби поддршка во однос на конкретната реализација на изложбата?

– „Старите мајстори и македонската модерна“ влезе во Годишната програма на Министерството за култура и туризам. Од МКЦ веднаш се согласија изложбата да се одржи кај нив. Колегите од Националната галерија, како и тие од Галеријата „Остен“, а после нив и повеќе колекционери, уметници и наследници, ги отворија своите збирки. Вработените во Музеј на град Скопје помогнаа при транспортот и поставувањето на изложбата, додека винаријата „Тиквеш“ се погрижи за веселбата по отворањето.

Лично морам да им се заблагодарам и на моите најблиски за поддршката и помошта при реализацијата. А најнакрај, морам да го споменам и татко ми, кој беше ентузијастички расположен основната идеја за тие влијанија на старите мајстори да ја претворам во изложба.

Покрај отворањето на изложбата, твоите проекти секогаш се проследени со дополнителни активности и прошетка низ поставката. Со каква цел?

– Добро е кога имате каталог со аналитички текст што ја објаснува изложбата. Јас можеби малку и претерувам кога станува збор за моите публикации. Стално добивам коментари од типот: „Пак си пишувал книга!“ или „Милион страни има ова“. Но, пишан текст секогаш треба да има.

Подобро е кога покрај пишаната студија, додека ги гледате делата, имате и водич, некој што интимно ги познава сликите пред вас.

Основната цел на сите тие предавања, прошетки и други активности што постојано ги пратат изложбите што ги поставувам, е изложениот материјал да им се објасни на посетителите. Социјалните аспекти при едукацијата не треба да се занемарат, ниту, пак, прескокнат, а дополнително, и анимацијата на публиката, посебно во град каков што е Скопје, е многу важна. Можеби сум наивен, но се надевам дека моите изложби, заедно со сите тие пропратни активности, придонесуваат за некоја побогата сегашност и подобра, поубава иднина на нашиот народ.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 332, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот