Разговор со Катја Легин од креативниот центар „Крушче“, која со претставата „Куќа, дом“ ќе настапи на МОТ
На програмата на 49. МОТ на 19 ноември се две изведби (во 18 и во 21 часот) на авторската претстава „Куќа, дом“ на Катја Легин, актерка, танчерка и основачка на Општественото студио за истражување во уметноста на играта КЦ „Крушче“ во Словенија.
Препорачано
Таа, заедно со нејзиниот уметнички и животен партнер, театарскиот режисер Томи Јанежич, кој воедно е и советник во проектот, заеднички го водат креативниот центар во Крушче, посветен на уметничкото истражување, создавање, резиденцијален престој и неформално уметничко образование.
Присуството на Креативниот центар „Крушче“ на Томи Јанежич, со делото „Куќа, дом“ на Катја Легин дава можност за доживување на театарот во автентичен простор за темата, овој пат куќа/дом на непозната локација во приватна куќа во Капиштец во Скопје.
Претставата „Куќа, дом“ е бегство од институционалниот театар или е креација на својот дом во театар?
– Современата танцова сцена во Словенија (од која некако сум дел) не е навистина институционализирана. Значи, на некој начин, не може да станува збор за бегство. Сепак, можеби е точно дека понекогаш би сакала да задржам одредена дистанца од самата сцена за да имам пообјективен поглед на она што го правиме кога создаваме современи претстави. Во исто време имав периоди кога се чувствував како аутсајдер и бев огорчена поради тоа. Се чини дека потребата да припаѓаме е доста силна кај сите нас.
Создавање на мојот дом во театар – да, многу би го сакала тоа. Изгледа дека домот секогаш повлекува место, но мислам дека уште повеќе повлекува луѓе. Сè уште не ги најдов своите луѓе, барем недоволно од нив. Има многу поединци, мои колеги, со кои се чувствував поврзана, но ние не сме тим. Дури и кога соработуваме меѓу себе, секогаш почнуваме од нула. Нема континуитет. Луѓето на сцената се многу зафатени, прават многу проекти, предаваат, се обидуваат да преживеат. Некако расфрлани се насекаде. Но, ми се чини дека луѓето и заедништвото (кое е толку многу дел од театарот) е навистина пресудно. Тоа му дава смисла на она што некој го прави. Да работиш сам не е толку стимулирачко и наградувачко.
Каква мотивација Ве наведе својот дом да го претворите во театар?
– Крушче, место каде што живеам со мојот партнер Томи Јанежич (кој е театарски режисер) и нашите два сина е, исто така, креативна сопственост каде што споделуваме, продуцираме и дискутираме за креативноста, уметноста и групната работа со нашите пријатели, колеги и пошироката меѓународна заедница. Домаќини сме и на уметнички резиденции. Претставата не се случува во нашиот стан, во нашиот интимен семеен простор, туку во дел од имотот каде што некогаш живеевме, а сега е наменет за гости.
Освен тоа што неколку години си игравме со идејата да направиме минијатурна сцена во Крушче, има две главни причини за претставата да ја поставиме на нашиот имот. Едната е поврзана со продукцискиот аспект: вообичаената ситуација во Словенија на „оф-сцената“ е што подготвуваш претстава во простор за проба (студио) и потоа добиваш само неколку дена за проба во театар пред премиерата. Многу често последица на тоа се претстави без сценографија или реален концепт околу просторот. Бидејќи имам тенденција да користам многу реквизити и костими, се чинеше дека ќе ни треба јасно дефиниран и специфичен простор во кој ќе можам да вежбам подолг временски период. Ова беше можно само во Крушче, ниту едно друго место немаше да ми даде простор за неколку месеци проби.

Втората причина е поврзана со темите што ме интересираат: семејни односи, домаќинство, секојдневие, отсуство. Од аспект на жена – мајка – уметник, многу ми се мешаат овие три улоги и понекогаш е тешко да се види каде завршува едната, а каде започнува другата, тие се целосно испреплетени и секогаш некако се присутни. Крушче е местото каде што сите се секогаш некако присутни, но не се неопходни во пропорциите што би ги сакала. Фактот дека луѓето доаѓаат во „мојот дом“ создава силен контекст кој навистина може да ја поддржи, дополни, подобри изведбата.
Мешањето на улогите се случува реално – јас го правам настапот како уметник, сум домаќин на луѓе кои доаѓаат да ја гледаат претставата (еден вид на домаќинска улога), се занимавам со моите два сина (понекогаш дури и за време на шоуто ако се симнат од нашиот стан) и ја имам улогата на мајка, а бидејќи Томи е дел од шоуто, исто така не можам да ја избегнам улога на партнер. Сето ова мешање и преплетување, секако, носи проблеми, мака, неред, но и убавина и богатство. Неразделноста е дел од поентата. Така е и во животот. Не можете да го имате едното без другото.

Што се случува кога тоа е дом непознат и за Вас, како што тоа ќе биде случај на МОТ во Скопје?
– Кога го направивме првиот настап надвор од Крушче (на фестивалот „Борштник“) некако се одлучивме за стратегија како да се поврземе со новиот простор и тоа е со носење на Крушче со нас или поставување како референтна точка за публиката, иако таа не е таму. Ние (се надеваме) даваме доволно информации за луѓето да почнат да се поврзуваат, замислуваат, проектираат и се дружат. Ако ова функционира, тогаш сме некако на повеќе простори во исто време – сме во стан во Скопје, но и во Крушче, но и во некој сосема измислен простор каде што ја гледаме оваа жена како подготвува јајца, го украсува својот стан и/или танцува кога музиката ќе ја понесе.
Општо земено, одлично е кога промените не претставуваат проблеми и не предизвикуваат стрес, туку нудат можност за креативност, разиграност и живост (на сцената). Се стремиме кон втората опција. И ние ќе сториме сѐ за да го постигнеме тоа.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 256, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.11.2024)


