Разговор со фотографката Евангелија Иваноска: Уживам визуелно да компонирам
Дебитантската изложба на Евангелија Иваноска, која до 4 август ќе биде поставена во КИЦ – Скопје, содржи фотографии што документираат вистински и обични човечки настани низ око што го романтизира животот.
Препорачано
Првата самостојна изложба на фотографии на Евангелија Иваноска предизвика воодушевувачки интерес во Скопје. Фотографот Драги Неделчевски истакна дека младата фотографка „владее со алхемијата на трансформацијата, претворајќи го прозаичното во сакрално со едно чкрапање на фотоапаратот. Оваа изложба не е само дебитантски чекор, туку интелектуален манифест кој го провоцира современиот визуелен дискурс.“
Оптимистички размисли доминираат и во приказната на Евангелија Иваноска, а фотографиите од изложбата можете да ги погледнете тука.
Во КИЦ – Скопје е поставена твојата изложба на фотографии со наслов „Помеѓу моментот пред и моментот потоа“. Колку време и со каква тематска преокупација ги создаваше фотографиите?
– Селекцијата на изложбата содржи 32 црно-бели фотографии создавани во периодот од 2016 до 2025 година. За време на нивното создавање немав конкретна тематска преокупација, туку точките се поврзаа наназад. Мојот ум постојано романтизира и ткае поетични мисли, создавајќи ја призмата низ која го гледам секојдневието. Често се случува обична глетка која, речиси, поминала незабележана да ми ја пробуди љубопитноста и да предизвика длабоко мисловно искуство. Чувството би го опишала како медитативно и полно со игрива, детска љубопитност. Поривот да ги документирам поаѓа од желбата уредно да го зачувам тоа чувство во мало шишенце од кое ќе пивнам кога и да посакам да го романтизирам животот и да ги освежам мислите. Убавината е во малите нешта.
Изложбата е спонтан резултат на моето оптимистично доживување на светот и како би сакала да ги инспирирам другите да го доживеат, дури и на денови кога е тешко и кога топката сладолед ни паднала на асфалтот. Публиката на отворањето коментираше дека фотографиите биле доживеани како замрзнати сцени од филм кои обземаат и будат љубопитност. Тоа најмногу ме исполни.
Кога во себе го препозна интересот за фотографирањето?
– Еден ден, кога имав 12 години, татко ми ни ги презентираше неговите макро фотографии на екранот на телевизорот, како забавен осврт на тоа што го имаше создадено дотогаш. Нивната мистичност ме повлече кон фотографијата, односно умешноста да се игра со светлината и композицијата со цел да се долови нешто од реалноста на начин кој интригира. Тогаш изразив желба да фотографирам, па татко ми ми го даде малиот семеен фотоапарат. Целта му беше да ме поттикне да експериментирам и да ме научи дека вештината е поважна од фотоапаратот. Во ретроспектива, многу ми е драго за тоа. На 15 години родителите ми го подарија првиот фотоапарат, со кој ги создадов сите фотографии на изложбата. Интересна случајност е тоа што и татко ми започнал со фотографијата како хоби кога имал 12 години.
Окото ми беше љубопитно и фотоапаратот ми стоеше на биро, за секогаш да биде достапен. Започнав со макро фотографија. Со текот на времето навлегов во уличната фотографија поради прекрасниот адреналин со кој е зачинета. Повеќе од декада подоцна, збирките со фотографии се полни со тематики од улиците на Скопје, Крушево, Тетово, Охрид, Барселона, Болоња, Букурешт и други градови.
Како лично го разбираш „моментот“ и што за тебе е фотографски момент?
– „Моментот“ е неверојатно минлив, но моќен. Тој трае неколку секунди, а во нивниот тек знае длабоко да обземе и да го избрише мигот што претстоел и мигот кој следи. Во фотографски контекст, кога замислениот кадар во моето око ќе врами таков момент, исполнета со адреналин, возбуда и замисленост го вперувам апаратот најбрзо што умеам. Тоа чувство е причината зошто сум неописливо заљубена во фотографијата како медиум. И покрај тоа што сликам и дизајнирам, само фотографијата го предизвикува конкретно тоа чувство. Фотографијата е прекрасен адреналин.

Фотографот Драги Неделчевски те опиша како „тивок револуционер, трансформирајќи го баналното во возвишено со хируршка прецизност на својот објектив“. Како лично се доживуваш како фотограф и што те мотивира да чкрапнеш?
– Лично се доживувам како фотограф кој цели да ја долови магијата во човечкото и секојдневното, секогаш со позитивна конотација и од позитивна перспектива. Длабоко се препознав во рецензијата на Драги – математичката прецизност доминира во моите композиции, а чувството во фотографијата е секогаш медитативно. Романтичарскиот поглед кон светот и милото чувство што ми го предизвикува ми ја буди мотивацијата да чкрапнам. Покрај тоа, жедта за создавање ми е вкоренета во тоа колку уживам визуелно да компонирам.
Колку соработката со фотогрупата „Чкрап!“ во Тетово те одржува во постојана кондиција?
– Фотогрупата „Чкрап!“ ѝ даде дом на мојата потреба да се поврзам со инспиративни луѓе што го делат мојот ентузијазам кон фотографијата. Разговорите на кафе, подготовките за годишните групни изложби и фотографиите на чкраповците се бескраен извор на инспирација за мене. После секоја изложба сакам да сум надвор со својот фотоапарат. Покрај тоа, графичкиот дизајн кој го создавам за фотогрупата многу ме исполнува. Драги е клиентот кој ми ја дал најголемата креативна слобода досега и од тоа произлегле многу неконвенционални решенија.

Во хиперпродукцијата на дигитални фотографии, што според тебе е вистинска фотографија?
– Според мене, вистинска фотографија е спој на техничка прецизност, приказна и креативно компонирање. Најмногу од сѐ, моќната фотографија е резултат на умешноста да се создаде дело кое буди свежо искуство, љубопитност, нова перспектива или интрига. Некои фотографии едноставно остануваат во меморијата на голем број луѓе, и тоа според мене е неспоредлив комплимент за фотографот. Сметам дека хиперпродукцијата на дигитални фотографии не ја намалува вредноста на фотографијата и не ги спушта стандардите за нејзиниот квалитет, баш напротив.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 291, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.7.2025)


