Разговор со Ема Кушевска, фотографка: Предизвик за фотографирање ми се мајки, постари госпоѓи, жени во народни носии

Имам многу фотографии на кои е прикажана Жена. Предизвик ми се постари госпоѓи, мајки, домаќинки, жени во народни носии. Со посебен акцент на нивните избраздени раце, лице, очи. На нив е испишан сиот нивен живот. Книга, од која може многу да се прочита, вели фотографката Ема Кушевска за „Женски печат“.

Поминаа цели 10 години од нашето прво интервју, откако од активен градски живот, таа се повлече во мирното местенце Елен Камен на oхридското крајбрежје.

Ема Кушевска, Фотографија – Тула Силигуни

Што ти донесе ова спокојство во креативна смисла?

– Десет години себепреиспитување, запознавање со природата и животот во неа. Конечно најдов мир и време за она што навистина го сакам. Езерото и целото опкружување, се доволен потстрек за креативно изразување. Моја прва љубов беше сликањето. Отсекогаш сум забележувала детали, кои ги преточував на платно, или хартија. Откако ги заменив кистот и боите со апаратот, повторно бев фокусирана на оние мали нешта, кои ја составуваат големата слика. Тука научив да го слушам звукот на ветрот, да ги гледам движењето и бојата на облаците, за да знам какво време доаѓа. А во нив распознавам безброј форми и ликови. Брановите пак, создаваат неверојатна музика, секогаш нови звуци, нова мелодија. Езерската површина е неисцрпна инспирација. Секој миг се менува, зависно од светлината или ветровите кои дуваат. Напролет, кога се буди природата и нов живот се раѓа, ми се зголемува и опсегот на мотивите. Па освен езерската шир и околината, умеам со часови да фотографирам флора и фауна. Тој прекрасен, раскошен, колоритен жив свет. Воедно и учам. После толку време, можам да кажам дека доста знам за нив. Многу повеќе, од она што ни го нуди училиштето. За вегетацијата во различно временско доба. За животинките, за птиците, за раѓањето на инсектите, размножувањето, за нивниот краток, но динамичен живот. Летото го сакам, затоа што ми ги открива убавините на подводниот свет.  Водните животни како да се навикнаа на моето присуство, повеќе не сум натрапник во нивниот дом, па се случува рибите, змиите и крабите да ми дозволат да им пријдам доволно блиску, за да им направам портрет. Тоа е неописливо задоволство и чест. Експлозијата на бои во есен е неисцрпна тема за фотографирање. Не знам што повеќе сакам – дали да го кадросувам шаренилото на шумата, или само лисјата, уметнички изгравирани и обоени. Прекрасна е мајката природа. Зимите се посебна приказна.  Особено кога планините ќе забелеат. Дрвјата како да се облечени во невестинско руво. Да, тука снегот постојано има бела боја. А рано наутро, со првото сонце, како дијаманти ќе заблескаат мразулците на гранките и трските во водата. Очите не можам да ги оттргнам од нив. Синилото на водата и небото и белината на снегот имаат посебен шарм.

Што најмногу сакаш да претставиш преку твоите фотографии и што за тебе значи добра фотографија?

– Од описот погоре, ќе видите дека нема нешто што не сакам да фотографирам. Многу често, за жал, ја документирам човечката негрижа за природата, за околината во која живее. Ѓубриштата, шутот, палењето трска и шуми, се работи кои ме разгневуваат. Како е можно да сме толку неодговорни кон себеси и кон идните генерации?! Добра фотографија е онаа која гледачот ќе ја почувствува, ќе ја препознае, ќе посака да биде таму, на тоа место, или ќе посака да биде негова. Јас сè уште учам, истражувам, градам сопствен стил. А тоа значи дека никогаш не сум задоволна со сработеното. Утре ќе биде подобро од денес.

Фасцинантни се твоите доловувања на природните феномени. Твојот спој со природата јасно се гледа од секоја фотографија, а тука некаде, често се и твоите бројни кучиња, кои се дел од твоето семејство. Гледајќи оттаму, што им недостига на луѓето од градот, денес?

– Жалам што поради брзото темпо на живот и борбата за егзистенција луѓето во градовите се отуѓија. Не само од природата, туку и меѓусебно. Немаат време за прошетки, за дружења како некогаш, за себеси. Тие се постојано во грч, постојано им фали некој час од денот, а тоа создава нервоза. Урбаната џунгла е извор на стрес, тензија, незадоволство, депресија. Заборавија да се радуваат на мали нешта. Дури ни оние, кои имаат домашни миленичиња. И тие се жртва на градскиот живот, за жал. Нашето животинско царство од минатото лето се зголеми. Сега имаме и мачиња. Тоа е едно сложно, весело семејство, кое постојано ни мами насмевки. Среќни сме сите.

Можеш ли преку твојот фотографски поглед со зборови да ја опишеш жената од околните струшки села, наспроти жената од градот?

– Селските жени се достојни за почит. Времето тука како да застанало. Се грижат за домот и семејството, за огништето, дури работат и тешки физички работи. И никогаш не сум ги слушнала да се жалат. И покрај тоа што тука сè уште владее патријархатот, за мене тие се столб на фамилијата. Нема споредба со градските жени.

Твоите фотографии се своевидно сведоштво за Македонија во одреден период. Како странците ги доживуваат овие предели преку твојот објектив?

– Многумина дошле тука, или изразиле желба да дојдат. Веројатно затоа што го виделе тоа што сум сакала да го пренесам – нашето најголемо богатство, природните убавини. А тие што биле се увериле и во нашето гостопримство и во добрата храна. Македонија е прекрасна земја и мора да ја чуваме!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот