Разговор со Дуда Хаџихасан, флористка и основачка на „Flower Bar“: Кактусите го намалуваат електромагнетното зрачење, а фикусот го прочистува воздухот

Фото: Flower bar / Приватна Архива

Салонските растенија и сукуленти покрај тоа што го облагородуваат просторот во кој живееме и работиме, делуваат поволно на нашето физичко и ментално здравје. Го олеснуваат дишењето, ги намалуваат алергиите, позитивно влијаат врз сонот, ја поттикнуваат продуктивноста, концентрацијата и меморијата, влијаат врз менталната благосостојба, а притоа го разубавуваат ентериерот.

Фото: Спатифилиум – „Flower Bar“ / Приватна Архива

Некои салонски растенија имаат моќ да го апсорбираат негативно зрачење од електронските апарати со кои секојдневно сме опкружени и со тоа имаат позитивен ефект врз здравјето на луѓето и продуктивноста. Други, пак, успешно се справуваат со вообичаени загадувачи во затворен простор.

На оваа тема се советувавме со Дуда Хаџихасан, професионална флористка, која поголемиот дел од денот го поминува во создавање уникатни цветни аранжмани притоа грижејќи се за голем број видови салонски растенија во својот „Цветен бар“ („Flower Bar“ – flowers & gifts).

Фото: Спатифилиум – „Flower Bar“ / Приватна Архива

Кое салонско растение најдобро го апсорбира електромагнетно зрачење од мобилните телефони, компјутерите и други многубројни апарати што секојдневно ги користиме?

– Во модерниот свет, речиси не постои човек кој повеќе или помалку не е изложен на електромагнетно зрачење што потекнува од модерните електрични апарати што ги употребуваме во секојдневниот живот. Во периодот по Втората светска војна, масовно почнаа да се користат најразлични електрични апарати и електрични системи. На секои четири години, електромагнетното поле што нѐ опкружува, се зголемува за три до четири пати.

Фото: Кактус – „Flower Bar“ / Приватна Архива

Од употребата на првите електрични апарати до денес, електромагнетното поле е пораснато неколку стотици пати. Сепак, тоа не значи дека треба да седиме со скрстени раце.

Најмалку што можеме да направиме е домот и работното место да го збогатиме со соодветни салонски растенија или сукуленти. Како прв избор на салонско растение што треба да го има во секој дом и канцеларија е спатифилиумот или попознат како „женска среќа“.

Фото: Спатифилиум – „Flower Bar“ / Приватна Архива

Салонско растение со раскошни темнозелени листови и бели цветови што наликуваат на цветот кала. Потекнува од Колумбија, едноставен е за одгледување и е лесно прилагодлив во секоја просторија.

Колку и да звучи неверојатно, спатифилиумот напредува кога ќе се најде во близина на телевизор, компјутер и други електрични апарати што емитуваат одредено зрачење. Ова растение има способност да го апсорбира електростатското зрачење што го испуштаат апаратите, поради што стана омилен украс во сечиј дом и канцеларија.

Фото: Драцена- „Flower Bar“ / Приватна Архива

Спатифилиумот лоциран во близина на електричен апарат ја апсорбира електростатската енергија и ја претвора во хемиска енергија, додека енергијата од фотосинтезата ја користи за своите метаболички процеси и раст. Како резултат на тоа, спатифилиумот ќе почне да добива нови бујни листови и цветови.

Фото: Красула – „Flower Bar“ / Приватна Архива

Покрај спатифилиумот, тука се и сукулентите како красулата и кактусите што на импресивен начин го апсорбира електромагнетно зрачење, а притоа се лесни за одржување.Еден голем кактус кој бара минимално наводнување и нега треба да биде поставен на вашето работно биро особено кога поминувате секојдневно по 8 часа пред компјутер.

Покрај електромагнетно зрачење, нѐ загрижува загадениот воздух како и ред други загадувачи на околината. Кои растенија може да бидат од помош во овој случај?

– Загадувањето на воздухот во затворените простори главно е предизвикано од комбинација на различни штетни фактори. Така, на пример, формалдехидот може да се брои во еден од најголемите загадувачи во затворените простории што често е присутен во хартиените ќеси, синтетичките ткаенини, пластичните садови, теписите, потоа во иверките, изолационите пени и средствата за дезинфекција. Отровите доаѓаат и од средствата за чистење, боите и лаковите, лепилата и чадот од цигарите.Симптомите со краткотрајна изложеност вклучуваат: иритација на носот, устата и грлото, а во потешки случаи и посериозни проблеми со белите дробови.

Фото: Фикус – „Flower Bar“ / Приватна Архива

Во овој случај во првите борбени редови би го вброил фикусот, декоративно растение што го апсорбира штетното зрачење и успешно го чисти воздухот. Фикусот го неутрализира чадот од тутунот, ја намалува концентрацијата на јаглерод диоксид, јаглерод моноксид и триелин, хемикалија што се наоѓа во лепилата, боите и лаковите.

Потоа следува прекрасната палма драцена. Ова тропско растение е исклучително добро во филтрирање на многу токсини, вклучувајќи го и формалдехидот. Активно го навлажнува воздухот и ги филтрира штетните материи.

Фото: Flower bar / Приватна Архива

Од друга страна, сансеверијата, попозната и како „индијанско перо“ е во убедливо водство кога станува збор за производството на кислород. Може да произведе многу поголема количина од кое било друго растение. Тоа придонесува за борба против загадувачите на воздухот во домот или во работниот простор. Освен јаглерод диоксид, може да апсорбира бензен, формалдехид, ксилен и толуен. Добро познат експеримент спроведен од НАСА во 1989 година покажа дека домашните растенија со поголема лисна површина подобро го чистат воздухот, а сансеверијата е едно од тие растенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот