Разговор со дизајнерката Ксенија Котев: Водата е мојата непресушна инспирација

Фото: Приватна архива

Страсна во својот израз и секогаш длабоко мистична во креирањето, нѐ освојува со секоја своја нова колекција, но овој пат во сите нијанси на хармонијата брилира во нејзиниот израз и дизајн.

Jewelry – Shades of Harmony / Фото: Дејан Михајлов

Ксенија Котев е дизајнерка на накит, која своите додипломски студии ги завршува на академијата за моден дизајн во Фиренца на Академија Италијана, по што продолжува со постдипломски студии на Домус академијата во Милано, отсек дизајн на модни додатоци. Нејзиниот бренд „Котев Ксенија“ датира од 2015 година.

Jewelry – Shades of Harmony / Фото: Дејан Михајлов

Филигранот како стара и традиционална техника го изучува од локалните занаетчии во Старата скопска чаршија, каде што парчето накит се создава меѓу две топли дланки и еден ум.

Shades Of Harmony by Kotev Ksenija / Фото: Дејан Михајлов

Името на Вашата најнова колекција на накит – „Нијанси на хармонијата“ (Shades of harmony) е една од Вашите, условно кажано, најхармонични колекции. Која е инспирацијата?

– Водата. Со танцувачките рефлексии на светлина и боја, водата стимулира интуиција, чувствителност, имагинација и слобода на движење.

Jewelry – Shades of Harmony / Фото: Дејан Михајлов

Таа е симбол на бесконечниот проток што се движи низ блокадите на душата и го ослободува внатрешниот мир. Со сета своја моќ се смета за прочистувач на душата. Персонификација на заштита и ранливост, промена и постојаност. Нејзиниот постојан движечки тек има способност да ги смири и да ги маѓепса сите сетила и да ве поврзе со внатрешното јас.

Jewelry – Shades of Harmony / Фото: Дејан Михајлов

Кое парче накит од колекцијата беше посебен предизвик при создавањето?

– Колекцијата брои седумнаесет сребрени 925 парчиња накит. Посебен предизвик беа сите шест дизајни во кои се имплементирани кристали бидејќи треба да се преточи во тие дизајни фокусирана и сензитивна емоција што ќе носи позитивни промени кај клиентот. Исто како водата што има тенденција за трансформирање на негативна во позитивна енергија.

Jewelry – Shades of Harmony / Фото: Дејан Михајлов

Среброто секогаш е Вашиот прв избор. Дали некогаш би го замениле?

– Среброто е најдобар проводник на топлина, во превод за мене значи дека најтопло можам да ги изразам своите емоции преку дизајните. Играта со среброто нуди ексклузивност, елеганција и автентичност во дизајните. Лојална сум на среброто, но би сакала во иднина да вметнам и други метали.

Shades Of Harmony by Kotev Ksenija /Фото: Дејан Михајлов

Колекцијата ја промовиравте во КСП Центар – Јадро како дел од отворена изложбата на македонска мода и дизајн Слоускејпс“ (Slowscapes). Колку на Скопје му недостасуваат настани од овој тип?

– Ѝ не само на нашиот главен град, туку вакви настани недостасуваат и во другите градови низ Македонија. Нешто што недостига се концепт продавници каде што ќе бидат изложени колекции на нашите дизајнери што го поддржуваат концептот на одржлива и бавна мода, а притоа ќе бидат групирани по сличен сензибилитет на дизајнот.

Jewelry – Shades of Harmony / Фото: Дејан Михајлов

Без кое парче накит не би можеле да излезете од дома?

– Дефинитивно, без прстен. Мојата последна колекција брои седумнаесет парчиња накит, од кои три се обетки, две се ланчиња, една алка, еден брош и неслучајно, десет прстени.

Jewelry – Shades of Harmony / Фото: Дејан Михајлов

Под Ваш дизајн создавате и накит креиран според желба и сензибилитет на клиентот, без да ја напуштат препознатливоста на брендот. Кои би ги издвоиле?

– Секое парче што е изработено по нарачка бара конекција со клиентот на посебно духовно и интелектуално ниво, „исполирано“ со мојот дизајнерски печат.

Фото: Приватна архива

Парче што би го издвоила како посебен предизвик беше изработката на машки манжетни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот