Разговор со дел од екипата на турската серија што се снима во Скопје: Нашето мото е заеднички живот

Балканска приказна, Фото: Промо

Во серијата „Балканска приказна“ се отсликуваат делови од животот на две семејства, турско и македонско, кои живеат од двете страни на реката Вардар, доловувајќи ги шарените културни традиции на два различни народи.

Македонците и турските серии можеби беа неочекувана комбинација пред повеќе од деценија, но се чини дека на таа „врска“ со секое телевизиско остварување, само ѝ се разгорува страста. Од снимањето на „Збогум, Румелија“, по цели 13 години во Македонија се снима серијата „Балканска приказна“, која ќе ја следи приказната за забранета љубов помеѓу Македонка и Турчин. Серијата ќе ја доживее премиерата на првата епизода утре, на турската телевизија „ТРТ 1“ со почеток во 19:00 часот по македонско време.

Гала-промоција на „Балканска приказна“ ќе се одржи и во Скопје, со прикажување на првата епизода од серијата утре, во Куршумли ан во Старата скопска чаршија. Според тимот на кинематографскиот производ, се очекува да урива рекорди бидејќи нејзината тематика не е обработувана во Турција.

Во дружба со медиумите, креаторите и актерите, ни одговорија на неколку прашања за серијата што се снима веќе два месеца на наша почва.

Доган Умит Караџа, Јалчин Ари,Мелих Деирменџи, фото: Слободен Печат

– Во Скопје веќе 200 луѓе се чувствуваме како мештани. Имавме сомнежи како ќе се навикнеме. Имаше разлики што не знаевме како ќе ги премостиме, но кога почнавме да работиме, веднаш се вклопивме и добивме голема поддршка од македонските институции, меѓу кои Министерството за култура, МВР, безбедносните служби и општините. Тоа беше дополнителен поттик за подобро да ја сработиме нашата работа и една од причините поради која се одлучивме да го работиме овој проект, започна продуцентот Јалчин Ари.

– При снимањето на серијата, обрнувавме внимание со сценаристот половина од кастингот да биде составен од тукашни елементи. Не донесовме сѐ од Турција, туку сакавме да има македонски елементи односно македонско-турски елементи, за кога публиката ќе ја гледа оваа серија, да има шанса да го почувствува и овдешниот акцент. Сакавме на турскиот народ во Турција да му ја доближиме тукашната култура и тукашниот акцент, продолжи тој.

Фото: Промо

– Сакам особено да ја истакнам сцената каде што момчиња и девојчиња заедно се запознаваат во традиционален контекст што ќе ја доближи овдешната култура. На сите што ќе го видат тоа, ќе им овозможи размена на културите и претпоставувам ќе придонесе до зголемување на туризмот, турскиот народ ќе сака да биде дел од тоа, заврши тој зборувајќи за турската публика.

Од „Балканска приказна“ ќе се снимаат 11 епизоди, ама траењето на сериите во Турција е поврзано со нивниот рејтинг. Во моментов ќе се снимаат сите епизоди во Македонија и сега се снима втората епизода. Ако серијата доживее добар рејтинг во Турција, ќе продолжи да се снима. Покрај Камениот мост, уникатната и колоритна Стара скопска чаршија, предвидено е снимање во Охрид, Битола и во други градови.

– Среќен сум што ја снимаме оваа серија. Направивме истражувања пред да почнеме со снимање околу начинот на живот на македонскиот народ и се подготвив за улогата во македонско семејство со македонски начин на живот. Како глумец може да играте различни националности и нашите култури се блиски – рече актерот Хакан Бојав, кој ќе ја толкува улогата на Даниел, таткото на Македонката, кој не се противи на нејзината „забранета љубов“ на прашањето „Како се чувствуваш како Македонец во улогата“.
Поради постојаната динамика на филмските сетови и пречките во распоредот, имавме шанса да го запознаеме само актерот, но луѓето зад камерите ни ја доловија целта и духот на серијата што се снима.

Фото: Промо

Колку автентично може да се раскаже љубовната приказна меѓу Македонка и Турчин од перспектива на странец?

– Најпрво јас сум сценарист, но и режисер на проектот, но сакам да истакнам дека сум по потекло од Нови Пазар и целото мое семејство е со потекло од таму. Веќе 13 години го посетувам Балканот. Ги имам посетено повеќето од поголемите македонски градови: Битола, Струга, Прилеп, Велес и неколку села. Се запознавам со народот и имам пријатели тука. Јас, едноставно, се чувствувам како Балканец, како локалец, и јас со тоа на оваа приказна не гледам како странец туку како домашен жител. Нашето мото е заеднички живот. Сакаме да го прикажеме заедничкиот живот на различните националности – рече сценарист Угур Узунок.

Што мислите за турската актерска школа тука, не како институција, туку како мисла? Со какво глумиште се соочивте?

– Тукашниот систем и системот во државата проценив дека е сè уште во развој за разлика од Турција и проценив дека сè уште не се изработени многу проекти, немало многу настани. Мислам дека по развитокот на настаните и со поголемиот дел снимања и вакви проекти, бројот на актерки и актери ќе се зголемува бидејќи има голем актерски потенцијал. Во моментов имаме три актери што немаат никакво претходно глумечко искуство, кои имаат само природен талент и добро се снаоѓаат во улогите, затоа мислам дека оваа земја има многу природен потенцијал. Во однос на актерството, верувам дека со зголемувањето на бројот на проектите, ќе се зголемува и бројот на уметници. Од оваа причина режисерите како Доган треба да бидат поддржани – вели директорот за кастинг Мелих Деирменџи.

– Најпрво се обративме до турскиот театар и неговите соработници, но подоцна сфативме дека двата јазика имаат многу заеднички зборови и затоа успеавме да се стекнеме со актери што и покрај тоа што не знаат турски, поради заедничките зборови можат да прозборат по збор-два. Кога дојдовме тука, се соочивме со многу повисок процент на говорење на турскиот јазик отколку што очекувавме, јазикот го знаат и Срби и Македонци и Албанци – изјави Деирменџи.

Фото: Промо

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот