Дејан Дуковски, драмски автор

Разговор со Дејан Дуковски, автор во фокус на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, ќе се одржи на ФДУ

Во рамките на програмата „Автор во фокус“, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и Факултетот за драмски уметности – Скопје на 2 април (четврток), во 20 часот, на сцената на ФДУ, организираат разговор со Дејан Дуковски, еден од најзначајните современи македонски драмски автори и воедно еден од најизведуваните на театарската сцена во Европа и светот.

Разговорот со драмскиот автор Дејан Дуковски ќе го води проф. д-р Ана Стојаноска, директорка на МТФ „Војдан Чернорински“. Оваа активност е дел од програмата на 60. издание на фестивалот, што годинава ќе се реализира од 5 до 12 јуни во Прилеп.

Дејан Дуковски дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Горан Стефановски. Уште од првите драмски текстови „Балканска 3/a“ (1988), „Последниот балкански вампир“ (1989), „Силјан Штркот шанца“ (1991) и „Џинот и седумте џуџиња“ (1991), ја најавува својата препознатлива поетика. Неговото творештво ја носи во себе македонската драмска традиција, но истовремено ја преиспитува и ја трансформира, создавајќи моќен и автентичен театарски јазик кој директно комуницира со времето во кое живееме.

Проф. д-р Ана Стојаноска за Дејан Дуковски вели дека тој не пишува само драмски текстови – туку претстави. Кај него драмата се одвива веќе во самиот текст, како да се случува на сцена, што ги прави неговите дела живи, динамични и силно поврзани со актерската игра и режисерската визија. Неговите драми се создаваат во дијалог со театарот, со режисерите и со публиката, а токму затоа тие постојано добиваат нови верзии и нови сценски животи.

Од „Балканот не е мртов“ и „Буре барут“, до „Маме му ебам кој прв почна“, „Друга страна“ и „Утерус“, драмите на Дуковски создаваат специфична театарска текстура исполнета со цитати, иронија, балканска стварност и силен општествен коментар.

Со својата фрагментарна драматургија, со својот брутално искрен и провокативен стил, Дуковски не само што ја обележува современата македонска драма, туку и го најавува новиот европски бран познат под синтагмата „in yer face“ или „драма на крв, сперма и пот“.

Разговорот со Дејан Дуковски е можност одблизу да се запознае авторот чии драми повеќе од три децении го обликуваат современиот театарски јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот