Фото: Никола Наумоски

Разговор со Данела

Во колку европски држави има бесплатен превоз? „Има во 67 држави во Европа“. Ама во Европа нема 67 држави. „Верувајте ми дека има“.

Дали сте ја менаџирале салата „Расадник“?

– Ќе тужам.

Дали знаете кој ја менаџирал?

– Веќе најавив тужба.

Дали сте вие оваа Даниела Јовановска што ја зела под закуп салата „Расадник“ на 25 години во 2002 година, кога Груевски е министер за финансии?

– Јас се викам Данела, по дедо ми Дане.

Дали сте должеле над 50 илјади евра за струја во салата „Расадник“?

– Јас немам никакви долгови.

Добро, а во 2014-та сте имале ли долгови?

– Ме мразат зашто сум најуспешната менаџерка во Македонија, а и низ Европа нема како мене.

Дали сметате дека „Сала Расадник“ е добро менаџирана?

– Ме мразат зашто сум успешна жена.

Дали е непотизам тоа што вашата мајка сте ја ставиле на државна функција по предлог на вашата стопанска комора со хонорар од 10.000 денари по состанок?

– Да не мешаме сега семејства, многу сум навредена.

Дали тоа што сте почесен конзул на Унгарија има врска со Груевски?

– Имам 42 години и немам ниедна дамка на моето име.

Дали сте седеле на иста маса со Груевски и сте донирале пари за неговата црква?

– Не сум донирала за ниедна политичка партија.

Дали имате бугарско државјанство?

– Срамота е, еве ВМРО-ДПМНЕ демантираше дека немам бугарски пасош.

Па нели сте независна кандидатка, зошто ВМРО-ДПМНЕ демантира во Ваше име?

– 42 години имам и немам ниедна дамка на моето име.

Не Ве праша никој колку години имате, ниту за пасош, туку дали имате бугарско државјанство?

– Јас најавив пресметка со криминалот и тогаш почнаа да ме напаѓаат.

А бугарскава лична карта на име Даниела Арсовска со Ваша слика?

– Јас не сум Даниела, туку Данела, по дедо ми Дане.

А зошто на сликава од средно пишува Даниела Јовановска?

– Јас сакам да зборувам за иднината и за проектите што ќе ги сработам во првите 82 дена.

Ја познавате ли Даниела Јовановска што ја зела под закуп салата „Расадник“ за 1.000 евра месечно?

– Им гори под нозе.

Зошто има толку Ваши семејни фирми на адреса на пропаднатата сала „Расадник“?

– Немам фирма на мое име.

А фирмата „Империал Данела“ што ја закупила салата „Расадник“ на адреса на „Хотелот Империјал“?

– Јас 42 години живеам и немам ниедна дамка на моето име.

Па, зошто тогаш сте си го смениле името во бугарската лична карта?

– Срамота се овие обвинувања пред избори.

Дали сте ги менаџирале семејните хотели „Империјал“ и „Ројал“?

– Немам намера да се објаснувам со Вас. Чекајте да Ви кажам кои прашања да му ги поставите на Шилегов.

Зошто не излезете на дебата со Шилегов, па Вие да му ги поставите прашањата?

– Шилегов води црна кампања, прво да ми се извини за видеото што го објави за мене.

Па, во видеото се демантира дека во Скопје има тоа што Вие велите дека го нема.

– Ништо нема направено во Скопје, сè што кажуваат е лага.

Колку ќе чинат 250 нови еко-автобуси, како електричниот што го објавивте?

– Верувајте ми дека има европски фондови за тоа.

А кои европски фондови даваат стотици милиони евра за автобуси?

– Верувајте ми дека ги има.

Колку ќе чини бесплатниот автобуски превоз што го ветувате?

– Верувајте ми дека знам колку ќе чини.

А во колку европски држави има бесплатен превоз?

– Има во 67 држави во Европа.

Ама во Европа нема 67 држави.

– Верувајте ми дека има.

А во кој европски град со големина како Скопје има бесплатен превоз?

– Значи, верувајте ми дека има, јас никого не сум излажала.

Знаете ли колкав е буџетот на Град Скопје?

– Значи, верувајте ми дека знам, јас никого не сум излажала.

Каде ќе го сместите ветениот мега-парк во Чаир?

– Кај аквадуктот во Карпош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот