Разговор со д-р Андонов: Белите мантили спасуваат животи и со дарување крв

За да ги охрабриме дарителите, ние од Институтот, на чело со директорите, дарувавме крв во сите 22 служби во земјата. Претседателот Стево Пендаровски исто така даруваше крв, како и сите раководители на ортопедија, на трауматологија, на КАРИЛ, од Ургентниот центар, вели д-р Горан Андонов, раководител на Одделението за планирање, организација и реализирање на крводарителството.

Во изминатите три месеци осум илјади луѓе дарувале крв преку акциите на Институтот за трансфузиона медицина и на Црвениот крст. Со овие крвни единици се спасени многу животи и им се помогна на илјадници болни. Иако училиштата и факултетите беа затворени поради коронавирусот, со организирање нови акции се спречи криза околу количеството на крвни резерви во земјава.

Пандемијата не ги спречи професионалците да го спасат крводарителството од колабирање, вели д-р Горан Андонов, раководител на Одделението за планирање, организација и реализирање на крводарителство, во разговор за ,,Слободен печат“.

Во сите градови беше организиран „Карван на хуманоста“.

– Им заблагодарувам на сите хумани граѓани во целата земја кои донираа крв во рамките на „Карванот на хуманоста“. Тоа се нашите херои. Знаев дека се храбри луѓе, но сега видовме дека се херои. Веројатно тие во генетската лична карта поседуваат ген на алтруизам, човечност и храброст и им благодарам. Бевме во речиси сите градови, Берово, Пехчево, Виница, Кочани, и веќе по вторпат ги посетуваме – вели Андонов.

Со прогласувањето на пандемијата, на Институтот за трансфузиона медицина се вовела „челична дисциплина“ – не се примале крводарителите ако патувале или имале некакви симптоми, односно контакт со заразен. Се применувале сите безбедносни протоколи. За да се намали потенцијалниот ризик од недостиг на крв и крвни компоненти, кај јавноста морало да се создаде доверба во службите.

– Вирусот, пред сѐ, се пренесува преку респираторен пат. Ризикот коронавирусот да се пренесе преку трансфузија, засега е само теоретски и минимален. За да ги охрабриме нашите дарители, ние самите, на Институтот за трансфузиона медицина, на чело со директорите, дарувавме крв во сите 22 служби во земјата. Секаде имаше акција. Претседателот на државата даруваше крв, даруваше директорот и сите раководители на ортопедија, на трауматологија, на КАРИЛ и од Ургентниот центар. Тоа беше убав настан кога многу хумани бели мантили донираа крв. Тие лекуваат, но дарувајќи крв дополнително им помагаат на пациентите и на граѓаните. Во овој период на пандемија, соработката со Црвениот крст беше на многу високо ниво со посветеност, организираност и професионалност. Спречивме крводарувањето да колабира – објаснува докторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот