Мајнхард Раухенштајнер и Марија Гиревска / Фотографија: Букстар

Разговор со австрискиот писател и режисер Мајнхард Раухенштајнер: Преку глава ми е кога слушам дека „тоа е САМО уметност“!

Писателот Мајнхард Раухенштајнер истовремено е и режисер и советник на Претседателот на Австрија, а разговорот со него не се однесува на неговата биографија, туку за неговите впечатоци и искуства во Скопје.

Австрискиот писател Мајнхард Раухенштајнер беше гостин на фестивалот на европска литература „Букстар“ и учествуваше во книжевниот панел „Правда за кратката проза!“, но тоа не беше неговото прво искуство во Скопје. Оттука се појави идејата за разговор во кој ќе ги откриеме сите негови досегашни впечатоци од градот.

Зошто сте тука?

– Прво, го сакам градот и го познавам повеќе од дваесет години. Ми се допаѓаат сите овие мали книжарници низ градот – секој се познава со секого, секој е уредник, писател или издавач, и сите имаат мали изданија на писатели или „бестселери“ на класични и нови автори. Но, истовремено, овде постојат толку многу луѓе што го посветуваат својот живот на литературата во сите нејзини сериозни и помалку сериозни форми. Сепак, на крајот на денот, сè се сведува на едно – читањето книги.

Бевте учесник на фестивалот за Европска литература „Букстар“, а претходно имавте искуство со посета на други фестивали во Македонија, како „Локомотива“, „Македокс“, „Струшки вечери на поезијата“ и „Проза Балкан“. Какво е Вашето искуство со сите овие фестивали во споредба со оние во Виена?

– Ова се две прашања во едно. За „Букстар“, впечатокот ми е дека публиката главно беше млада – средношколци, можеби донесени од нивните професори – но тоа беше импресивно. Тие доаѓаат во контакт со пишаниот збор и можеби сфаќаат дека постои нешто поголемо и пофасцинантно од нивните мобилни телефони. Иницијативите како „Букстар“ се толку важни за културата на еден град, бидејќи дури и нам во Виена ни се потребни проекти поддржани од идеализам, но како што сите знаеме, идеализмот сам по себе не може да купи ниту една векна леб. На идеализмот му треба поддршка од државните институции, а кога станува збор за уметностите, тоа секогаш се нарекува „поддршка“, но кога се работи за други области или аспекти од јавниот интерес, тоа секогаш се нарекува „финансирање“ или „буџетирање“. Значи, уметностите секогаш се наоѓаат во позиција на „молење“ или „питање“, а тоа не е само термин, туку луѓето и политичарите, и искрено, дури и приватниот сектор честопати се однесуваат на овој начин. За нив, „тоа е само уметност“. И ова го слушам толку често што ми е преку глава.

Што се однесува до споредбата: Виена како град вложува огромни средства во поддршка на литературата и секој вид на уметност, но и на мултимедијални („cross-over“) фестивали. Секогаш се обидуваме да вклучиме што е можно повеќе различни социјални групи, за сите жители на градот да се чувствуваат дел од еден фестивал. Не сакам да идеализирам, но сакам да потенцирам дека пристапот е многу важен – целата заедница треба да биде дел од настанот.

Книжевен панел „Правда за кратката проза!“ во „Буква“ / Фотографија: Букстар

Го спомнавте Виенскиот фестивал (Wiener Festwochen), каде што третпат имате активно учество. Што би можеле да споделите како искуство, од аспект што не би било „на запад ништо ново“?

– Би рекол дека најлибералните заедници често живеат во свој „меур“. И дека е важно сите „меури“ – без разлика дали се конзервативни, левичарски или либерални – понекогаш тешко се соочуваат не само со другите „меури“, туку и со најтешкото: со взаемно почитување да воспостават разговор со другиот.

Ве разбирам и потполно се согласувам со Вас, но ајде да се вратиме на уметностите, нешто што мене лично ме фасцинира: Вие сте писател и во последниве години пишувате за Скопје, а во моментов работите и на филм за градот, „Skopje, mon amour“. Што е тоа што Ве врзува за Скопје како Виенец?

– Како Виенец – ништо. Но, како личност, можам да кажам дека откако сум роден, сум ја посетувал некогашната Југославија, а во последниве дваесет години го запознавам Скопје сè повеќе. Се вљубив во бруталистичката архитектура на градот, во неговата историја и во сите негови документирани или недокументирани приказни што се врежани во градбите и во животот на луѓето. И, едноставно, тоа ме трогна. Не ги сакам урнатините што ги среќавам на секој чекор, бидејќи навистина го сакам Скопје. Овој филм го снимам за градот, затоа што за него не можам да пишувам.

Мајнхард Раухенштајнер, писател и режисер / Фотографија: Букстар

Како писател и режисер, претпоставувам дека сте запознаен со фактот дека Скопје е Европската престолнина на културата за 2028. Што би очекувале како странец, и како Австриец што веќе ја има доживеано оваа „титула“ за градот Грац (2003), Линц (2009) и Бад Ишл (2024)?

– Бев присутен во сите овие три града кога беа прогласени за европски престолнини и никогаш не беше само поради туризам, и не е чудо зошто европската престолнина не е Париз, Берлин, Виена или Прага. Титулата да се биде Европска престолнина на културата е да се поддржи и да се охрабри градот и земјата и, секако, нејзините жители да направат промена. Прошетав до Студентскиот дом „Гоце Делчев“, ги видов изгоретините на Поштата, ја видов водата што капе од покривот на НУБ, ги видов заринканите бродови во Вардар. И во градските кафеани и ресторани сретнав таква солидарност што може да го направи овој град европска престолнина не само на културата, туку и на демократијата.

Би се преселиле ли во Скопје?

– Уште утре.

п.с. Мајнхард остави чадор, но испрати писмо.

Разговорот го водеше Марија Гиревска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 303, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот