Раздор во кралското семејство: Чарлс поради Камила планира да направи шокантен потег
Принцот Ендрју смета дека кралот Чарлс Трети се обидува да го исели од луксузната резиденција „Кралската ложа“ затоа што сака да ѝ ја подари на кралицата Камила. Резиденцијата со 30 соби се наоѓа на имотот Виндзор, а во неа принцот Ендрју живее од 2003 година. Сепак, кралот Чарлс му наредил да се исели, бидејќи со години не плаќал кирија.
Препорачано
Според „Телеграф“, принцот одбива да се пресели во поскромен имот, а бидејќи има цврст закуп, кралот не може законски да го исели.
Семејни пријатели за „Телеграф“ изјавиле дека принцот Ендрју и неговите ќерки, принцезите Беатрис и Евгенија, веруваат дека кралот сака „Кралската ложа“ да стане база на кралицата Камила во Виндзор доколку таа го надживее, слично како што кралицата, нивната мајка Елизабета живеела таму по смртта на кралот Џорџ шести, кога се отселила од Виндзорскиот замок.
Кралските помошници категорично ја негираат оваа теза, но принцот сè повеќе е убеден дека „Кралската ложа“ е наменета за кралицата — идеја што се појавила уште пред една година.
Како што се наведува, Камила, која стана член на кралското семејство со бракот со Чарлс во 2005 година, најверојатно и не би сакала да живее сама во толку голема резиденција, дури ни дел од годината. Таа поседува куќа Реј Мил, семејна куќа во Вилтшир, која е на листата на заштитени објекти од втора категорија, а ја купила со разводната спогодба од нејзиниот прв сопруг Ендрју Паркер Боулс.
Се наведува и дека токму таму Камила се чувствува „како дома“, а доказ за тоа е фактот што годинава ја избра куќата Реј Мил како локација за својот официјален портрет по повод 78. роденден.
Во март оваа година, кралот купил имот наречен Олд Мил, покрај имотот Реј Мил, за да спречи тој да се претвори во место за свадби и да ја наруши приватноста на кралицата.
Извештаите дека кралот сака принцот да се исели од „Кралската ложа“ датираат од пред најновите скандали поврзани со пријателството на принцот со осомничениот педофил Џефри Епстајн и со наводните врски со кинески шпиони, но идејата повторно се разгорила откако се откри дека принцот не плаќа кирија.
Сепак, принцот тврди дека има целосно право да остане таму, бидејќи, како што вели, платил милион фунти за 75-годишен закуп во 2003 година и потрошил повеќе од 7,5 милиони фунти на реновирање на сопствен трошок како дел од истиот договор.
Тој истакнува дека со тоа заштедил пари на даночните обврзници, бидејќи ги покривал сите трошоци за реновирање и одржување од сопствени средства, и не се согласува со мислењето на некои пратеници дека неговиот престој таму ги чини граѓаните.
Во меѓувреме, принцот од Велс, Вилијам, кој останал во добри односи со своите братучетки Беатрис и Евгенија, дал до знаење дека сака прашањето со „Кралската ложа“ да се реши пред тој да стане крал.
Претседателот на Комитетот за јавни сметки во Долниот дом, сер Џефри Клифтон-Браун, потврдил дека ќе побара од Министерството за финансии и Крунската имотна комисија дополнителни информации за закупот на „Кралската ложа“. Тој додал дека една од задачите на комитетот е „да ја испита економичноста, ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка и да осигура дека даночните обврзници добиваат најголема вредност за своите пари“.
Бакингемската палата не ги коментирала најновите случувања.


