Расни кучиња, дел од нив агресивни, пуштени низ Тетово – општината во акција да ги залови

Не само бездомните, деновиве и расни кучиња сеат страв низ тетовските улици и другите јавни места. Извори од општината за „Слободен печат“ велат дека несовесни граѓани пуштиле на улица неколку свои расни кучиња, од кои дел се агресивни и опасни, а екипи на општината деновиве се на терен со цел да ги заловат.

Ги прашавме тетовци дали забележале расни агресивни кучиња низ градот.

„Има денови кога гледам како расни кучиња слободно се движат низ тротари и улици. Сум видел и питбули, но и некои други големи кучиња, се гледа дека се расни. Биле домашни кучиња, па потоа сопственикот се откажал од нив и ги пуштил на улица, нема тука никаква контрола за ништо“, вели еден тетовец.

„Не е само проблем тоа што гледаме расни кучиња како сами без сопственици шетаат на улица, проблем е исто така и што расни кучиња се шетаат со нивните сопственици без маски, некои не се ни врзани со кајш или јаже, не можеш да поминеш покрај нив од страв и паника, а често сопствениците можат да ти речат не се плаши нема да те касне, како да не се плашам?“, додава друг тетовец.

Во меѓувреме кучињата-скитници низ Тетово ги има во сѐ поголем број. Тие се во речиси секое тетовско мало, а нападите врз граѓаните се секојдневие. Полициските билтени се преполни со вакви информации. Вчераутро, 54-годишна жена пријавила во полиција дека на булеварот „Благоја Тоска“ ја каснало куче-скитник.

Моментално општината не презема никакви акции за згрижување на бездомните кучиња. Пред неколку месеци заврши акцијата за заловување на кучиња скитници низ Тетово од страна на Здружението „Амос шелтер“, кое залови и згрижи 84 бездомни животни, а претпоставките се дека низ Тетово има над 500 улични кучиња.

Од локалните власти нема најави дали ќе се продолжи со ваквите акции низ градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот