Работодавачите ги сфатија координаторите за ковид-19 како шега

Со ширењето на заразата во фабриките, јасно е дека координаторите за ковид-19 треба да бидат постојано меѓу вработените, бидејќи дисциплината е на ниско ниво. Се бараат и построги протоколи за превозот на вработените од и до работното место, по секојдневните сигнали за зголемен број на заболени.

Минимална е бројката на претпријатија и на фабрики кои вовеле ковид-координатори, чијашто задача требаше да биде контролата на дисциплината на вработените во работното време. Дел од работодавачите дури ја сфатија оваа препорака како „смешка“, па воопшто и не ја есапат. Од она што се гледа, редари има само пред банките и во некои служби за наплата на комунални сметки и тие се грижат за групирањето во објектите, но и пред самите објекти. Но, со ширењето на заразата во фабриките, повеќе од јасно е дека ковид-координаторите се нужна неопходност и тие треба да бидат постојано меѓу вработените, бидејќи дисциплината е на ниско ниво. Исто така, се бараат построги протоколи за превозот на вработените од и до работното место, по секојдневните сигнали за зголемен број на заболени.

Од  Здружението „Гласен текстилец“, повторно апелираат во фабриките да се стават во функција ковид-координаторите, бидејќи вирусот се пренесува и на паузите при групирањето на работниците во конфекциите. Според Кристина Ампева, во најголемиот дел од штипските текстилни фабрики, нема вакви лица. Тоа треба да биде обврска на работодавачите, а по сѐ изгледа дека не се сфатени сериозно укажувањата на општинскиот кризен штаб.

– Наша работа како здружение, но и на Општина Штип, е да препорачаме секоја фабрика да задолжи барем по едно вакво лице за да се спроведе ред меѓу работниците. Најголем дел од работодавачите не ја сфатија работата сериозно, па речиси и да нема ковид-координатори и тоа не само во Штип, туку и во сите градови што имаат поголеми индустриски капацитети. Не велам дека и да имаше ваква редарска служба, немаше да има заразени, но нивната бројка ќе беше драстично помала, бидејќи немаше да се дозволи поголеми групирања на паузите, ќе се водеше сметка за ред при превозот од и до работното место, халите редовно ќе се дезинфицираа и ќе се одржуваше ред меѓу вработените – вели за „Слободен печат“ претставничката на Здружението „Гласен текстилец“.

Ковид-координаторите за првпат беа споменати на почетокот на јуни, како специфична мерка од тогашниот вицепремиер Бујар Османи. Тогаш вирусот почна да се шири масовно низ штипските конфекции и за да се заштитат вработените, но и компаниите, како најисплатлива варијанта беше компаниите, но и државните институции, да назначат ковид-координатор.

И од Сојузот на стопански комори препорачаа во зависност од бројот на вработените и големината на просториите на компаниите, да се назначи лице за деловен континуитет, а доколку е можно, да се формира тим за да го поддржи спроведувањето на мерките и на протоколите.

Конкретен протокол за превоз до работното место

 

Во насока за поголема контрола, Кризниот штаб на Општина Штип побара од Комисијата за заразни болести и конкретен протокол за вршење внатрешен превоз на патници, бидејќи актуелниот не го опфаќа локалниот и превозот на работници. Според ширењето на бројката на заболени во голем број фабрики во Штип, во Охрид и во Скопје, јасно е дека протоколите не се почитуваат.

– Со донесувањето на овој протокол ќе се опфатат сите видови превоз што се одвиваат на територијата на Република Северна Македонија, а посебно оние што се одвиваат на локално ниво и не се опфатени со Протоколот за вршење меѓуградски превоз, а нашите општински инспектори ќе ги засилат контролите – заклучил Кризниот штаб на Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот