Работници на 60 години висат по скелиња, не им следува бенефициран стаж

Од градежниот сектор, бенефициран стаж сега имаат само пробивачи на тунели и минери, а кај нас нема ниту еден таков вработен

Од 2011 година Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање се пазари за бенефициран стаж за градежниците. Во меѓувреме многу министри ветуваа, многу работодавачи изјавија дека се согласни, но работата не тргна од место. Работниците во градежниот сектор, сè уште и на 60 години, висат по скелиња, носат тешки градежни материјали, прават фасади…

Во нашата редакција се јави еден градежник, кој потсети на ова болно прашање за работниците.

– Во време на транзицијата, пред да се воведе концептот на бруто плата, јас сум еден од оние што настрадаа со тоа што не сум бил пријавуван. Никогаш на тоа и не помислив. Имав здравствено осигурување и мислев дека ми тече и пензискиот стаж. Подоцна разбрав дека ми пропаднале повеќе од 10 години. Едно време кога тешко се доаѓаше до работа, одев да работам по соседните земји. Сега со 62 години, јас го немам минимумот од 15 години стаж за пензија. За среќа, уште 2 години, токму кога ќе направам 64 години и кога ќе го исполнам условот за пензија, ќе направам и 15 години стаж. Но, дали сум јас за градежен работник на 62 години? Цел ден, со тешки кофи одам нагоре-надолу и малтерисувам. Да имаше како некогаш во поранешна Југославија бенефициран стаж, веројатно сега ќе одев во пензија – вели нашиот соговорник, кој инсистираше на анонимност.

Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, вели дека корекција за професиите со бенефициран стаж имало во 2011 година кога од градежниот сектор влегле само пробивач на тунели и минери.

– Но, кај нас нема ниту еден таков работник. Еве и сега за автопатиштата, за тие работи и машините и работниците се од странство. Така што, тоа беше само шминка и оттогаш постојано водиме битка нашите градежни работници да добијат бенефициран стаж – вели Пешевски.

Тој вели дека Синдикатот бара сите вработени во градежниот сектор – општи работници, техничари и инженери, без администрацијата, да добиваат бенефициран стаж.

– Последно што ни беше кажано од претходната министерка за труд Јована Тренчевска, пред нејзиното заминување, беше дека во рамките на проект со Швајцарија, пак ќе се чешла правилникот за бенефициран стаж и дека ќе има нешто многу подобро од нашиот предлог, но до денеска нема реализација ниту на нашиот предлог, ниту на тоа што е подобро. Тој проект требаше да заврши до средина на оваа година, но во меѓувреме се смени и министерското функционирање, па имаме Министерство за економија и труд и Министерство за социјална политика, млади и спорт, а одговор не даваат ни Дурмиши ни Лимани и се сомневам дека нешто е направено – вели Ивановски.

Тој потсетува дека уште во 2013 година дале иницијатива за проширување на работните места во градежништво и во индустријата за градежни материјали на кои стажот за осигурување им се смета со зголемено траење, а дека и потоа низ годините постојано праќале дописи.

– Не наидуваме на разбирање. Во тоа време дури и работодавачите беа сложни, но власта бараше посебни елаборати, иако имавме образложение дека за сите позиции за кои се нашите барања, постои изложеност на надворешни влијанија и висок степен на ризик, со што по „дифолт“ им следува минимум 12/14 месеци бенефициран стаж, односно 12 месеци работа за 14 месеци пензиски стаж. Тогаш се полемизираше да не треба 12/15 или 12/16, а на крај не добија ништо! – вели Пешевски.

Тој ѝ порача на новата влада серозно да се зафати со ова прашање, затоа што ниту работниците на 60 години може да работат, ниту пак фирмите може да очекуваат од нив соодветна ефикасност.

За иста работа едни имаат бенефициран стаж, други немаат

 

Првиот синдикалец во градежништвото Иван Пешевски објаснува дека постои дискриминација меѓу работниците затоа што за една иста работа, еден има бенефициран стаж, а друг не.

– Еве, на пример, да земеме работно место возач на тешки товарни возила. Ако работи во мермерен комбинат, односно во рударство, тој има бенефициран стаж, а ако работи во градежништво нема – вели Пешевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот