Работната група за уставни измени ќе одржи седница, на дневен ред деловникот за работа

Фото: Министерство за правда

Работната група што треба да ја подготви предлог-иницијативата за измени на Уставот, денеска ќе има седница на која на дневен ред е усвојување на деловникот за работа, најави вчера претседателката на групата, Маргарита Цаца Николовска.

-Усвојување на деловникот е многу важен за работата на оваа комисија, којашто е многубројна и со таква многубројна комисија не може да очекувате за еден-два дена да се завршат многу работи. Одиме постепено, рече Николовска.

Засега работната група нема рокови и никој им ги нема поставено, додаде таа, но ќе почне да се зборува и за роковите, откога ќе почнат да работат на суштината на проблемот и да ги разгледуваат можностите за Нацрт-предлогот за иницијатива за промена на Уставот.

-Меѓутоа, можам да ве уверам дека сите ние сакаме колку е возможно побрзо да се заврши суштинската расправа, рече претседателката на работната група за уставни измени што ја формираше Министерството за правда.

Во однос на уставните измени, претседателот на државата Стево Пендаровски вчера на конференција повика да се исполни обврската преземена со прифаќање на Преговарачката рамка, за државава да ги отвори преговорите со првата Меѓувладина конференција и со процесот на скрининг.

-Таа обврска е јасна и неспорна и треба да ја завршиме со вклучување во Уставот на оние три и пол илјади наши граѓани кои на последниот попис се изјаснија како етнички Бугари, во преамбулата и во нормативниот дел, на идентичен начин на кој претходно беа вклучени и другите делови од народи, рече Пендаровски на панел-дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“.

Тој ги повика сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор.

А тој избор е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава, рече шефот на државата.

-Откако работната група за уставни измени ќе ги состави амандманите, наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав, му порача премиерот Димитар Ковачевски на бугарскиот претседател Румен Радев, кој изјави дека „Владата на Република Северна Македонија може да каже дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“.

Ковачевски вчера нагласи дека амандманите кон Уставот се дел од Преговарачката рамка со ЕУ и дека „ние преговараме со ЕУ, а не со Бугарија“.

-Затоа сметам дека тоа е нешто што ќе тече како процес и е нешто што треба да се случи со оглед на тоа што граѓаните заслужуваат да живеат во држава членка на ЕУ, изјави Ковачевски.

Потсети дека веќе се води дискусија во работната група за подготвување на уставните амандмани.

-За жал, во ниту еден важен процес не учествуваат претставници од опозицијата, додаде премиерот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак останува на ставот дека не поддржува уставни измени и дека на земјава и се потребни предвремени избори. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера не говореше директно за уставните измени, но во обраќањето на Генералното собрание на ЦДИ истакна дека земјава се уште е надвор од преговорите со ЕУ, заради непринципиелните барања од соседните држави.

На Македонија и покрај 30 годишната аспирација да стане членка на евроатлантските организации, и е ускратено тоа право. Тоа е заради непринципиелните барања на соседите кои кулминираа со историските етнонационални барања на Бугарија, рече Мицкоски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Како држава, вели тој, ние секогаш правиме сѐ за да придонесеме кон европските вредности, регионалната стабилност и безбедност, но, прашањето е дали истите тие вредности се споделуваат кога станува збор за нашето пристапување кон ЕУ.

Евроамбасадорот во Северна Македонија Дејвид Гир и амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, вчера, пак, вчера повикаа да се изгради национален консензус за евроинтеграциите на државава, како и поларизираноста во политичката дебата во Северна Македонија да се замени со конструктивен политички дијалог.

-Не сакам да навлегувам во дебатата во врска со промените на Уставот, освен да кажам дека тоа е суверена одлука на државата којашто треба да ја преземе или не, но сакам да повикам на отвореност, политичка одговорност и да се има предвид дека долгорочните цели и интереси на оваа земја и нејзината иднина во рамките на Европската Унија, порача евроамбасадорот Гир.

Според него, патот кон ЕУ е така поставен и за да се постигне таа цел е многу јасно она што треба да се направи.

Шведската амбасадорка Ларсон Џаин рече дека политичката реалност треба да и дава на земјава поттик кон европскиот процес на проширување, дека ЕУ е посветена на процесот на проширување кон Западен Балкан и оти оваа посветеност не се пренесува само со политички изјави.

-Северна Македонија ужива и големи придобивки од оваа поврзаност со ЕУ, но се соочува и со предизвици, како што е сиромаштијата и корупцијата. Сакам да нагласам дека корупцијата го кородира општеството и се заканува на функционирањето на економијата и ја уништува и конкурентноста. Борбата против корупцијата и други елементи за владеење на правото се многу значајни за членството во ЕУ и треба да се знае дека ова се области каде што земјите-кандидати треба да започнат токму од оваа позиција, порача амбасадорката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот