Путин освоил речиси 90 отсто од гласовите на претседателските избори во Русија

Владимир Путин / Фото EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Рускиот претседател Владимир Путин победи на претседателските избори со 87,8 отсто од гласовите, покажа излезната анкета на Рускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ).

Како што објави руската државна агенција РИА Новости, Путин има 87,97 отсто од гласовите, што пропагандистите на Кремљ го оценуваат како „најдобар резултат во поновата историја на Русија“.

Со ова Путин си обезбеди нов, шестгодишен мандат.

Резултатот на Путин е рекорд во историјата на модерна Русија. Во 2018 година, тој освои 76,69 отсто, а во 2012 година – 63,6 отсто. Дмитриј Медведев победи во 2008 година со добиени 70,28 отсто од гласовите. Во 2004 и 2000 година Путин победи со 71,31 отсто и 52,9 отсто. Во 1996 година, пак, Борис Елцин победи во вториот круг со освоени 53,82 отсто од глаовите на рускиот електорат.

Гласањето во Русија траеше три дена, а гласачите можеа да изберат дали ќе гласаат на традиционален начин, користејќи хартиени гласачки ливчиња или електронски преку терминали за гласање. Можноста за електронско гласање на овие избори ја искористиле осум милиони Руси.

Кога станува збор за другите кандидати, Николај Харитонов има 4,6 отсто, кандидатот на партијата „Нови луѓе“ Владислав Даванков 4,2 отсто, додека претседателот на Либерално-демократската партија на Русија, Леонид Слуцки освои три отсто од гласовите.

Гласачките места на третиот и последен ден од претседателските изборите во Русија во регионите кои во московската временска зона се затворени, а прекинато е и електронското гласање во оние региони каде гласачите можеа да гласаат од далечина, по што почна броењето на гласовите, пренесува „РТ“.

Одѕивот на руските претседателски избори на последниот ден од гласањето до 20 часот по московско време изнесува 73,33 отсто, покажуваат податоците на Централната изборна комисија на Руската Федерација.

-Повеќе од 249.000 Руси гласаа во странство на претседателските избори во Русија. Заклучно со 18 часот, земајќи го предвид предвременото и тридневното гласање – односно Кипар, Тајланд, Јужна Осетија, вкупниот број на гласачи веќе изнесуваше 249.806 –  изјави заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Евгениј Иванов.

Високиот одѕив на изборите е резултат на притисокот од Западот и воведувањето нови форми на гласање, истакна Ела Памфилова, претседател на ЦИК на Русија.

-Сакам да му се заблагодарам на Западот, тој не обедини. Ние во голема мера сфаќаме колку е важно сега да бидеме заедно. Колку е поголем притисокот врз нас, толку повеќе се бориме – рече Памфилова.

Странски набљудувачи, меѓу кои и набљудувачи од САД, Италија, Шпанија, Франција и Грција, денеска го посетија Јавниот набљудувачки центар за следење на руските претседателски избори во Ростовската област на југот на Русија.

Американскиот набљудувач Патрик Хенингсен, кој со група странски набљудувачи денеска го посети набљудувачкиот центар, изјави дека изборите во регионите на Донбас биле „транспарентни и фер“.

-Има многу напори за транспарентност во Руската Федерација, не само со избирачките места, туку и во однос на мониторингот на избирачките места како што гледаме овде на стадионот Ростов –  рече Хенингсен.

Според него, постигнато е ниво на транспарентност што е „не е вообичаено за секоја земја“ и додаде дека набљудувачите „биле импресионирани од напорите во кои се одржале изборите во регионите што се сметаат за конфликтни зони“.

Меѓународните набљудувачи од Италија и Латвија го забележаа нападот на украински милитанти врз градот Енергодар во областа Запорожје, на последниот ден од гласањето на претседателските избори во Русија. Андреа Палмери, меѓународен набљудувач од Италија, изјави дека со тој напад, Украина уште еднаш покажала дека е терористичка организација, а не држава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот