Путин да не доаѓа на самитот на БРИКС зашто може да го уапсиме, порачуваат властите во Јужна Африка

Путин и Рамафоса / Фото: Sergei CHIRIKOV / AFP / Profimedia

Јужноафриканските власти преку дипломатски канали испратиле барање до Москва рускиот претседател Владимир Путин да не доаѓа на самитот на БРИКС кој треба да се одржи во август во Гаутенг, пишува рускиот независен весник „Moscow Times“.

Од Кремљ досега не потврдиле дека Путин би можел да патува за Јужна Африка на самитот, откако во февруари Хашкиот суд издаде налог за апсење на рускиот претседател. Јужноафриканската република го покани Путин на самитот пред еден месец, и покрај тоа што земјата го има ратификувано документот со кој се регулира работата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Тоа би било првото патување во странство надвор од поранешните советски републики на Путин од почетокот на руската инвазијата врз Украина. Но, според информациите, властите на Јужна Африка сега сепак го замолуваат рускиот претседател да не доаѓа.

Според извори од јужноафриканската влада на кои се повикува локалниот весник „Сандеј Тајмс“, властите во оваа земја не гледаат друга опција освен да го уапсат Путин по налог од Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Овој заклучок, според весникот, го донела специјалната комисија на владата, која ја формирал јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, кој инаку важи за сојузник на Путин.

Јужна Африка, како и повеќе од 120 други земји во светот, го има ратификувано Римскиот статут, главниот документ со кој се регулира работата на Хашкиот суд. Како последица на тоа, земјата е обврзана да ги почитува неговите одлуки, вклучително и налозите за апсење на осомничени за воени злосторства.

„Немаме опција да не го уапсиме Путин“, изјавил неименуван владин претставник за „Сандеј тајмс“. „Ако тој [претседателот на Руската Федерација] дојде овде, ќе бидеме принудени да го приведеме“.

Путин и јужноафриканскиот лидер и сојузник на Москва, Сирил Рамафоса / Фото: EPA-EFE/SERGEI CHIRIKOV / POOL

Јужна Африка, според изворите на весникот, е во разговори со Кремљ, а Путин наводно продолжува да се двоуми за можното патување на самитот.

„Претседателот на Русија ќе учествува на настанот, но форматот на ова учество допрва треба да се разјасни“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на крајот на април. „Се разбира, ќе учествуваме во работата на самитот што ќе се одржи во Јужна Африка. Се разбира, на ова ќе му претходат нашите билатерални контакти со Јужноафриканците, ќе ја разјасниме нивната позиција“, додаде тој.

Од правна гледна точка, јужноафриканските власти навистина немаат избор: ако Путин не биде уапсен, тоа ќе биде кршење не само на меѓународното право, туку и на законите на самата земја, вели Пријал Синг, виш истражувач на Јужноафриканскиот институт за безбедносни студии.

Дури и теоретското сценарио за напуштање на јурисдикцијата на МКС пред евентуалната посета на Путин не е изводливо: едноставно нема да има доволно време за тоа, велат правниците со кои разговараше „Фајненшл тајмс“. „Ако Путин навистина се појави, тоа ќе биде „огромна негатива“ и владата очигледно е свесна за тоа“, вели Синг.

Јужна Африка ќе биде на тест со хашката потерница по Путин: Земјата е обврзана да го уапси ако дојде на самитот на БРИКС

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот