„Пукна“ незадоволството од името „Цар Борис Трети“
Оцени Македонскиот државен врв го карактеризира нападот како вандалски чин, а Бугарија не се согласи со овој квалификатив и го нарече тешко криминално дело и брутален чин на омраза за што ја информирала и Европската комисија.
Ескалираше незадоволството од името „Цар Борис Трети“, што го носи бугарскиот клуб во Охрид – кон просториите во центарот на градот одекнаа истрели од огнено оружје завчера вечер околу 19 часот.
Препорачано
Инцидентот предизвика серија реакции и во Софија и во Скопје – македонскиот државен врв го карактеризира нападот како вандалски чин, а Бугарија не се согласи со овој квалификатив и го нарече тешко криминално дело за кое ја информирала и Европската комисија. Охридската полиција изјави дека работи на расчистување на случајот, како и на тој од пред четири дена кога беа искршени стаклата на клубот, но сторителите на ниту еден од двата напада не се откриени.
Бугарските медиуми јавија дека во клубот биле пронајдени осум чаури и дека на снимките од локални камери се следа како напаѓачот застанува со возило пред клубот, излегува и го празни пиштолот во просториите, при што, за среќа, никој не е повреден.
Од полицијата не сакаа да потврдат за „Слободен печат“ дали навистина постои таква снимка, само одговорија дека се собрани сите докази и се чекаат насоки од Јавното обвинителство во кои правци да се води истрагата.
– Случајот не е едноставен. Имаме многу разни околности што треба да се истражат, а во контекст на нападите на клубот – вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Вандалски чин или вооружен напад
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека уште кога се отворале клубовите во Охрид и во Битола, кажал дека имињата „Цар Борис“ и „Иван Михајлов“ може да претставуваат провокација затоа што будат негативни чувства кај најголемиот дел од населението во земјава, затоа што тие личности се поврзани со најтемните периоди во европската историја. Тој додаде дека се потребни културно-информативни центри со имиња што ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави, а такви што ќе предизвикуваат негативни емоции и ги повика граѓаните да бидат достоинствени и да се однесуваат со европски манири. Ковачевски порача дека клубовите со спорни називи треба да се усогласат со последните законски измени и да си ги сменат имињата и најави дека се подготвува нов закон за здруженија според германскиот модел.
Во врска со реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи, кое не се согласува со македонското МНР дека инцидентот е вандалски чин, Ковачевски одговори дека тоа се реакции на Бугарија, и дека и ние, односно МНР, имаме свои.
– Можам да кажам дека наскоро министрите за култура на двете земји ќе имаат состанок. Ние најавивме дека ќе отвориме културен центар во Бугарија и барањето ќе го доставиме и ќе биде разгледувано од бугарската влада. На ист начин тоа треба да биде и од другата страна за да може да покажеме дека ова е регион на соработка што се заснова на добрососедски односи, кои секогаш зависат од сите соседи – рече премиерот Ковачевски.
Бугарското МНР го осуди инцидентот во Охрид и очекува надлежните органи во Македонија во најкраток рок да ги откријат сторителите. Министерството соопшти дека веднаш бил информиран генералниот конзулат на Бугарија во Битола, по што конзулот Димитар Иванов заминал во Охрид и контактирал со членовите на здружението. Бугарското МНР најави и дека ќе ја повика македонската амбасадорка Агнеза Руси-Поповска, на која ќе ѝ биде врачена протестна нота.
„Ја бележиме реакцијата на МНР на РС Македонија, но категорично не прифаќаме такви тешки криминални дела да бидат оценети како вандалски чин“, наведува бугарското МНР.
Македонското МНР експресно го осуди пукањето кон клубот, а во соопштението го нарече вандалски акт. „Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку денови, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи и ги засилуваат ретроградните процеси што се во спротивност со европските интеграции на земјава“, наведува МНР.
Бугарија бара итно да се најдат напаѓачите
Од Бугарија стигнаа реакции од претседателот Румен Радев, од повеќе европратеници што го осудија инцидентот, од копретседателот на Мешовитата историска комисија Ангел Димитров, а со коментар се јави и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи. Радев уште еднаш ја предупреди Македонија дека патот кон ЕУ води преку признавањето и почитувањето на правата на македонските Бугари и на бугарското културно-историско наследство. Тој коментираше дека станува збор за „недозволив вандалски чин на агресија, која со децении им се подметнува на Бугарија и на Бугарите“.
Копретседателот Димитров, кој со тимот е во Скопје, рече дека инцидентите во клубот „Цар Борис Трети“ влијаат врз билатералните односи, но не и врз работата на Историската комисија, бидејќи тие имаат свој научен пристап за решение на проблемите.
– Тоа е еден брутален чин на омраза – рече Димитров.
Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е известител за Македонија во Европскиот парламент, настанот го квалификува како непријатен инцидент.
– Треба да се најдат извршителите за да се докаже дека Македонија е држава во која има владеење на правото – рече Ќучук за „Слободен печат“.
Европратеникот Андреј Ковачев рече дека за ваквите акти придонесува атмосферата што ја создаваат и владејачката партија и опозицијата во Македонија.
– Тоа се злосторства, обиди за убиства, кои се направени од омраза, од желба никој да нема храброст да се дефинира како Бугарин, отворено да го декларира својот бугарски идентитет, бугарското потекло на македонските Бугари – рече Ковачев.
Претседателот на националистичката партија „Преродба“ Костадин Костадинов рече дека ескалацијата кон бугарската заедница во Македонија е сè посилна ќе биде така сè додека Бугарија не даде цврст одговор.
– Инсистираме прашањето меѓу Бугарија и Македонија да се извади од билатералната соработка. Бугарската влада треба да го постави прашањето на највисоко ниво во ЕУ – рече Костадинов.
Еврокомесарот Вархељи, пак, порача дека за секој напад врз која било заедница во Македонија, полицијата и Владата треба да преземат соодветни дејства.
– Свесен сум за вчерашниот напад и се надевам дека Владата ќе го направи истото како и во претходните случаи. Тоа значи да започне истрага, но и да ги најде извршителите – изјавил Вархељи за бугарски медиуми.
Тој додава дека е подготвен да се сретне со претставници на организациите на македонските Бугари доколку побараат средба, односно неговата врата е „секогаш отворена за сите заинтересирани од која било земја кандидат“.


